Стартап на месецот: BIFIDEX како заедничкото јавно добро од сите регионални бизнис регистри

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

Што е BIFIDEX?

BIFIDEX (Business and Financial Data Exchange) е платформа за испорака на услуги на регионалниот портал на деловни регистри од Југоисточна Европа, комбинирајќи финансиски и статусни податоци од директно поврзани регистарски извори.

Како иницијатива којашто се развива уште од 2014, BIFIDEX платформата денес претставува заедничкото јавно добро од сите регионални бизнис регистри, и е нешто што долго време му недостигаше на самиот Западен Балкан. 

За Дејан Дамјановиќ, основач и извршен директор на Reaktiv, софтверската компанија позади BIFIDEX, бизнис регистрите се клучната точка за создавање и аналитика на податоците за компаниите – а токму тука се наоѓаат и почетоците на платформата пред повеќе од една деценија.

Дејан Дамјановиќ, извршен директор на Reaktiv

“Она што успеавме да го забележиме тогаш е тоа што додека бизнис регистрите се клучна точка за креирање и аналитика на податоците на бизнисите, она што недостасуваше во регионот е една платформа која ќе ги обедини ваквите податоци од регионот и ќе им ги направи достапни за бизнис заедницата,“ раскажува Дамјановиќ. 

Долгогодишното искуство во индустријата преку работата со бизнис експерти како што се Јенс Баке, кој ја има правено интеграцијата помеѓу лондонската и њујоршката берза, за Дамјановиќ претставува и основата на она што подоцна ќе стане BIFIDEX. 

“Работата со искусни професионалци кои знаат што се бизнис регистри ми помогна да научам многу за финансиското известување, а ова потоа беше корисно и при применувањето на ваквите добри меѓународни пракси во регионот,“ додава тој. 

Проблемот којшто го решава BIFIDEX постои отсекогаш, а како што вели Дамјановиќ тоа е како да се дознае кој е вашиот бизнис партнер преку границата. Како една препрека при водењето на бизнис, овој проблем бил идентификуван од страна на сите влади и стопански комори низ регионот. 

“Практично ова беше и еден од клучните постулати кога започна Берлинскиот процес и иницијативата за воспоставување на единствен пазар на Западен Балкан. Односно, тука се работеше за тоа како да се направи инфраструктура која ќе ги обедини владините институции и податоците, а ќе пружа и услуги кон компаниите,“ додава Дамјановиќ. 

Убедени дека го имаат решението за овој проблем, Reaktiv во 2015 година со идејата им пристапува на ЕБРД и покренува една иницијативата за правење на пилот програма помеѓу македонскиот и српскиот бизнис регистар. 

Уште од 2012 се обидувавме да аплицираме на големите повици од страна на Европската комисија (ЕК) и поминавме повеќе фази, но поради сложеноста и грандизноста на таа приказна за спојување на владин сектор од повеќе земји и градење на унифицирана технолошка платформа, не успеавме во тие иницијални почетоци да добиеме финансирање,“ вели тој. 

Пресвртот доаѓа преку вклучувањето на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), која се јавува како еден од финансиерите на проектот за единствен пазар на Западен Балкан, и ја препознава идејата дека ова е нешто во кое треба да се инвестира сега за да може да има резултати во иднина. 

“Со помош на ЕБРД успеавме да добиеме согласност од страна на пет влади за единствен проект – нешто што е исклучително тешко и долго, и за кое треба да се убедат сите клучни играчи дека ова е нешто што се прави како заедничко јавно добро, за да може понатаму да се тргне во  техничка имплементација,“ потенцира Дамјановиќ.

Две години подоцна, односно во 2017 година, се јавуваат и почетоците на BIFIDEX, за кон крајот на 2019 кон платформата да се приклучат и Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина (БиХ). Од 2020 година пак, платформата ги обединува сите земји од Западниот Балкан.

“Нашата експертиза започна во Македонија, а отворивме и компанија во Србија, каде го имплементиравме она што го работевме на македонскиот пазар. Потоа, преку Светската банка тргнавме да го имплементираме ова и на Блискиот Исток и земји како што се Египет, Либан и Кувајт,“ раскажува Дамјановиќ, додавајќи дека она што пак постои во тие земји како процес на водење на бизнис цели е целосно различно од тоа што го има на Балканот. 

Сепак, крајните цели се секогаш исти, а тоа е воспоставување на системи кои ќе го поедностават работењето, ќе ги центализираат услугите и ќе помогнат во адаптирањето  тие пракси за секоја поединечна земја. 

Патот за реализирање на BIFIDEX бил долг, со тоа што технологијата е само еден сегмент од сето она што требало да се направи, вели Дамјановиќ.

Главниот предизвик, пак, бил во различниот степен на развој на секој од поединечните регистри – пет различни регистри, пет различни системи, различни јурисдикции кои на поинаков начин ги водат своите финансиски податоци. 

“На пример, било која ставка од билансот на состојба не е идентична туку има разлики, некаде е агрегат од една, две или три ставки. Најголемиот предизвик беше како да се направи ова да е споредливо. Исто така во поглед на заштитата на податоците, тука имаше технички предизвици. BIFIDEX е платформа која што е клауд-базирана, меѓутоа податоците се деперсонализирани и на секој упит од BIFIDEX се проследува барање до техничките адаптери до секој од регистрите, па тие деперсонализирани податоци се преведуваат и се добиваат повратно оригиналните податоци,“ објаснува Дамјановиќ.

За време на првичниот процес, тимот на Reaktiv го анализирал сето она што е потребно се направиме таа единствена методологија, а истовремено голем тим на луѓе низ сите регистри ја препознале потребата за да дојде до оваа цел.

“Низ проектот BIFIDEX и аналитиката на податоците за воспоставување на таа методологија сите учеа едни од други и преку тоа имаа можност да иницираат други дополнителни проекти од самите регистри за да тоа како да го подобрат својот сегмент,“ вели Дамјановиќ.

Поединечно пак, тој додава дека Македонија сепак била на највисоко ниво поради сето она што земјата го има направено низ изминатите децении за поставување на регистарски модел, кој функционира искучително добро и е модел за останатите земји. “Тука исто така е и Србија, а додека останатите земји доцнат, можеби не технолошки, но концеписки кога станува збор за евиденција на податоците и услугите кои им ги пружаат на бизнис заедниците,“ потенцира тој. 

Денес, BIFIDEX има податоци за околу милион компании регистрирани во Запаниот Балкан. Една од новите функционалности на платформата, пак, ќе биде креирањето на профили за секоја од овие компании, каде самите тие ќе можат да доставуваат тековни финансиски податоци. 

“Ова го правиме за да можеме да го споиме минатото и податоците кои веќе постојат за нив, со нивните идни планови и потоа ова да може да овозможи еден интегрален преглед за било кој инвеститор во Западен Балкан кој сака да погледне конркетна индустрија или компанија и да може да спореди и  види кои се нивните планови,“ вели Дамјановиќ.

Според него, ова ќе биде исклучително корисно за стартап заедницата во целиот регион поради тоа што на едно централизирано место ќе има податоци кои се преведени на регионалните јазици, споредливи во националните валути и ќе можат да го видат историјатот, како и перформансите на индустриите од целиот регион.

“Низ BIFIDEX можете да видите кои се топ 100 компании кои задоволуваат било кој од критериумите кои ќе ги зададетe, и ќе можете да дојдете до тие компании за анализа на конкуренцијата, маркетинг план или едноставно за да видите каде вие се наоѓате како компанија во регионот,“ објаснува Дамјановиќ.

Во поглед на талентот и ИТ професионалците кои можат да одговорат на предизвиците со кои се соочува BIFIDEX, тој вели дека она што компанијата го има сега како стратегија е да ги позиционира вработените во оние сегменти и домени каде што тие можат да се пронајдат и да бидат најпродуктивни. Сепак, и тука наидуваат на, како што ги опишува Дамјановиќ, “генерациски“ проблеми во поглед на талентот којшто е на располагање.

“Постои проблем, генерациски пред се, поради тоа што помладата генерација сака брзи резултати, а не сака да се фокусира на работи кои траат предолго и на нешта каде што сликата е прилично комплицирана, како што е на пример со BIFIDEX. Па така тие сакаат да видат што побрзи резултати од она што го работат,“ потенцира тој.

Дали пак решението за овој проблем може да се најде во вештачката интелигенција? За Дамјановиќ, ваквата технологија дефинитивно ќе овозможи полесна аналитика и предвидливост на трендовите во иднина, што е и дел од следната фаза на BIFIDEX. Како дел од новите пазари кои ги таргетира компанијата, пак, е и Африка

Економијата базирана на податоци е она што е веќе сегашност во поразвиениот дел од светот, а во земјите во развој ова ќе стане потребно во многу блиска иднина, и тука има огромен потенцијал. Работиме во неколку региони во Африка, големи африкански земји што имаат свои асоцијации и на Блискиот Исток исто така, каде им го презентираме целиот концепт, и политички и технолошкиот, за да може да се воспостави мини зона и мини пазар кој потоа ќе им одговара на нивниот регион.“ заклучува Дамјановиќ.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments