Од време на време, се случувало компанијата Valve да отстрани игри од нивната платформа, Steam. Неодамна, меѓутоа, компанијата отстрани скоро 200 игри, како Fruit Candypop, Rage Parking Simulator 2017, SHAPES4, SHAPES5, SHAPES6, SHAPES7. Како што можеби претпоставувате од насловите, сите од овие 173 игри се всушност објавени од едно лице и се исклучително слични една со друга.
Од Valve изјавија дека лицето, најдобро познато по името Silicon Echo, преземал „екстремни акции“ така што објавувал „скоро-идентични производи“, го злоупотребувал системот со издавање Steam клучеви и погрешно се претставувал пред компанијата, а и заедницата.
Како резултат, Valve ги имаат отстрането сите игри и имаат прекинато какви било односи со индивидуалецот.
„Нафрлување клонирани игри и манипулирање на алатките од нашата продавница не е нешто што ќе толерираме“, се чита од изјавата на Valve и се додава дека нивниот приоритет бил и ќе биде помагање на играчите да најдат игри кои ќе уживаат да ги играат.
Сево ова е уште еден показател за тоа што се случува кога неповратно ќе се отворат портите кон мега популарната платформа, Steam и не се извршува никаква проверка на квалитет. Valve со месеци се залагаат да стават крај на одредени „девелопери“ кои објавуваат евтини игри кои се всушност клонови една на друга и потоа ги извлекуваат картите за тргување и ги продаваат на платформата. Неодамна, компанијата се изјасни дека има огромна злоупотреба на нивните алатки, каде еден девелопер повлекува илјадници клучеви од нивната игра и потоа печали само на извлекување и продавање карти од игрите, со што се остварува профит дури и никој да не ја купи нивната игра.
„Ние не сме заинтересирани за поддржување на ваквото вештачко тргување со карти или пак мрежи со ботови, особено кога страда пласирање вредност и услуги до играчите.“ објаснуваат од Valve.







