Middle-earth: Shadow of War е една од најочекуваните игри за 2017 година. Играта се уште не е излезена, но луѓето зад неа со месеци наназад се гушат во контроверзна прашина, првин со воведување микро трансакции во кампања за еден играч, а потоа и со додатокот Forthog Orcslayer.
Mike Forgey беше извршен продуцент за Middle-earth: Shadow of War. За жал, Мајк почина за време на работата на играта од рак и развојното студио реши да продава DLC во кое го има овековечено продуцентот како Forthog Orcslayer – орк кој му помага на главниот лик во моменти кога тоа највеќе му е потребно. Додатокот чинеше 5 долари, а сите пари се донираат на семејството на Мајк, сè додека видниот јутубер, TotalBuscuit, не забележа дека донациите одат само од купувачите од САД, и тоа само од одредени држави. По бројните реакции, претставник на играта се изјасни преку твит дека парите кои се надвор од САД нема да одат за семејството, со што издавачот беше константно напаѓан и осудуван.
Издавачот WBIE се изјасни дека ниту тие, ниту пак Monolith нема да профитираат од продажбите на додатокот, но никако не можеа да одговорат каде тогаш ќе одат парите од останатиот свет. Поради тоа, Monolith реши да го направи додатокот бесплатен за сите и наместо собирање средства, WBIE ќе донира нивни средства кон семејството на Мајк.
„Иако решивме да ги донираме сите профити на семејството, ние само планиравме активно да ја промовираме донацијата во САД (со исклучок на одредени држави, во согласност со нивните закони за промоција на донации). Се надевавме дека ваквиот пристап ќе собере што е можно повеќе пари за семејството на Forgey, без да има косење со законите.“ вели администраторот на заедницата GypsyWB и продолжува да објаснува дека одговарање на прашањето каде одат парите од другите територии би можело законски да ги обврзе и да ги претстави како да го кршат законот за рекламирање во некоја од 241 територија во која содржината е достапна.
За крај, администраторот се извинува во име на сите вработени за сета забуна која е создадена со сево ова.
На сите оние кои веќе го купиле додатокот ќе им бидат вратени парите.







