По Facebook, и Twitter откри руско влијание во САД. Овој пат најголем дел од спонзорираните содржини доаѓаат од Russia Today.
Сепак, микроблогот пронајде и 201 профил/бот за кои смета дека се поврзани со руски оперативци. Станува збор за профили на корисници кои претходно ги пронајде и Facebook.
Од три профили од руската агенција Russia Today се уплатени 274.100 долари за реклами. Новинската агенција Russia Today има силна врска со властите во Москва. Претходно Facebook откри над 100.000 долари реклами од Русија кои таргетираат корисници во Америка.
„Според нашите досегашни наоди, RT потроши 274.100 долари во реклами во 2016 годинаа. @RT_com, @RT_America и @ActualidadRT профилите промовираа 1.823 твитови кои со сигурност беа насочени на пазарот во САД. Овие кампањи беа наменети на корисниците кои ги следат мејнстрим медиумите, а промовираа твитови на RT поврзани со вести“, велат од Twitter.
Друштвената мрежа ги презентираше овие податоци пред комисија во конгресот на САД.
Пропагандата од сите извори имаше најголем интензитот во неколкуте денови пред и по изборите. Во Њу Хемпшир, Пенсилванија, Мичиген, Вирџинија и Флорида, каде што се одлучуваше претседателот, пропагандата и дезинформациите ги надминаа новинските агенции, вели универзитетот Оксворд. За споделување на лажните вести и пропагандата најчесто се користат друштвените мрежи.
Една од најострите осуди за однесувањето на друштвените мрежи дојде од Ом Малик, основач на Gigaom. Тој во блог пост го обвини Facebook дека ниту доволно ги разбираат податоците, ниту потполно разбираат како да ги користат податоците кои ги имаат.
„Претходниот претседател Обама го предупреди Марк Закербер за руското влијание на платформата. Марк го игнорираше, дали поради наивност или поради потполна верба во системите. Во секој случај, покажа потполно и крајно непочитување за некој со подлабоко разбирање на светот“, вели г. Малик.







