StartQube – Startup Camp e интернационален настан закажан од 30-ти август до 6-ти септември во Велестово, Охрид, на кој стартапи и стартап ентузијасти ќе споделуваат иновативни идеи, ќе се дружат и учат за тајните на претприемаштвото од познати и искусни експерти.
Меѓу најавените ментори се наоаѓа и едно „blockbuster“ име. Тоа е уредникoт на влијателниот ИТ медиум TechCrunch, Мајк Бучер. Г. Бучер се смета како еден од највлијателните личности во европската ИТ сцена, и како долгогодишен уредник во TechCrunch има работено со најголемите светски и европски стартапи. Тој би требало да им понуди корисни совети на сите што ќе учествуваат на настанот како да се претстават пред медиумите, инвеститорите и пред потенцијалните корисници.
Сепак, искуството на другите ментори не треба да се потцени. На StartQube како ментори се поканети и Асиф Раџа, основач на Mindmakr и Activ8, кој ќе сподели искуство за влез во влијателни стартап акселератори; Андреа Фебраио, претприемач и инвеститор, кој ќе ги советува стартапите како да се поврзат со ивнеститори; Трејси Спаркс од САД ќе зборува за стратешки бизнис дизајн можностите на ImpactHub и Investment Ready програмите; Викторија Мартинез, основач и претседател на Eindhoven Startup Foundation; Ермира Репај од глобалниот акселератор Yunus Social Business; Грега Потокар oд словенскиот ABC Accelerator; а македонските бои ќе ги брани Ристе Мише, експерт за маркетинг анализа и директни инвестиции.
Регистрацијата е отворена на официјалниот сајт, и ќе треба да побрзате бидејќи има место за 30 учесници. За сите други информации следете ја Facebook страната. StartQube – Startup Camp е организиран од тимот зад Codefest.