The Riftbreaker: истражување, градење и преживување на Галатеа 37

The Riftbreaker е уникатен хибрид кој вешто ги спојува елементите на градење база, опстанок и акциона RPG игра, создавајќи длабоко и комплексно искуство. Во оваа авантура, вашата мисија е да поминете низ еднонасочен портал до Галатеа 37, далечна планета на самите граници на Млечниот Пат. Основната цел е да изградите стабилна база и да воспоставите двонасочен процеп кој ќе овозможи враќање на Земјата и понатамошна колонизација. Оваа задача, сепак, е далеку од едноставна и бара стратешко планирање, брзи рефлекси и внимателно управување со ресурси во еден вонземски свет кој не ве пречекува со раширени раце.

Повеќе за најновото дополнување ќе можете да прочитате во нашето ексклузивно интервју со девелоперите наскоро!

Сложен баланс на стратегија и акција

Играта се истакнува со својата повеќеслојна механика. Борбената машина со која управувате е врвна алатка за изградба, истражување и собирање ресурси. За да ја исполните мисијата за отворање на процепот, ќе ви биде потребна огромна количина на енергија. Ова ве принудува да изградите комплексен индустриски синџир – од основни рудници за железо и јаглерод, преку рафинерии за обработка на суровините, па сè до напредни централи и истражувачки лаборатории. Секој елемент од вашата база е меѓусебно поврзан, создавајќи логистички предизвици кои бараат постојано оптимизирање.

Сепак, вашето индустриско ширење не останува незабележано. Планетарниот екосистем ве доживува како закана и реагира соодветно. Орди од непријателски суштества, со разновидни облици и способности, ќе ве напаѓаат во сè посилни и почести бранови. Ова го воведува клучниот елемент на одбрана на базата. Морате да конструирате цврсти ѕидови, одбранбени кули, мински полиња и други бариери за да ја заштитите вашата инфраструктура. Истовремено, морате лично да се вклучите во битката, користејќи широк арсенал на оружја – од пламенофрлачи и митралези до ракетни лансери и моќни сечила за блиска борба. Истражувањето на вонземски примероци и минерали отклучува нови технологии, надградби за оклопот и оружја, овозможувајќи ви постојано да се прилагодувате на растечките закани.

Жив и опасен вонземски свет

Визуелно, The Riftbreaker е импресивна. Користи сопствен графички енџин со име The Schmetterling 2.0. Еннџинот овозможува прикажување на илјадници суштества на екранот истовремено, без значителен пад во перформансите. Ефектите на оружјата, експлозиите и временските услови како кисели дождови или торнада се изведени спектакуларно и додаваат на хаотичната атмосфера за време на битките. Биомите на Галатеа 37 се разновидни и детални – од густи џунгли со егзотична флора до вулкански предели и пустини. Динамичното осветлување и сенките создаваат чувство на жив, див свет кој е истовремено прекрасен и смртоносен.

Звучниот дизајн дополнително го збогатува искуството. Музиката се менува во зависност од ситуацијата – од мирни и мелодични тонови додека градите и истражувате, до напнати и адреналински композиции за време на нападите. Звуците на борбената машина, како тешките чекори и механичкото активирање на оружјата, даваат чувство на спектакулатна моќ, особено доколку користите квалитетни слушалки. Секое вонземско суштество има свои карактеристични звуци, што ви помага да ги идентификувате заканите уште пред да се појават на екранот. Сето ова заедно создава аудио-визуелен спектакл кој целосно ве внесува во светот на играта.

The Riftbreaker нуди неколку начини за уживање во играта, прилагодени за различни типови на играчи. Главната кампања нуди приказна која се протега низ повеќе часови, со голема слобода во изборот на мисии и технологии. Бидејќи светот е процедурално генериран, секое ново играње е различно. За оние кои бараат чист предизвик, тука е режимот за преживување, каде што целта е да издржите што е можно подолго против бескрајни бранови на непријатели.

Ако интензивната борба не е по ваш вкус, Sandbox режимот ви дава целосна контрола врз играта. Можете да ги приспособите сите параметри – од количината на ресурси и зачестеноста на нападите, до временските услови, со што можете да се фокусирате исклучиво на градењето на совршената база. Играта нуди и детални опции за приспособување на тежината, овозможувајќи им и на хардкор стратезите и на кежуал играчите да го пронајдат својот идеален предизвик. Оваа флексибилност, во комбинација со рандомизираните мисии, обезбедува речиси бескрајна можност за повторно играње.

3 одлични додатоци за играта

Со текот на времето, EXOR ја збогати оваа веќе содржајна игра со неколку големи експанзии, од кои секоја носи нови биоми, приказни, непријатели и технологии.

The Riftbreaker: Metal Terror

Првата голема експанзија, Metal Terror, ја носи приказната во сосема нова и неочекувана насока. По еден мистериозен астрономски настан, на површината на Галатеа 37 се појавува досега неоткриен биом – регион со кристализиран, метален пејзаж кој крие древна тајна. Оваа експанзија успешно го надградува чувството на научно откритие кое е централно за оригиналната игра. Ешли, водена од нејзината вродена љубопитност, тргнува да ги истражи овие нови предели. Гејмплејот е збогатен со потребата за детално скенирање и анализирање на уникатната флора и фауна, кои се целосно различни од сè што сте виделе досега. Овие нови организми не се само за визуелно уживање; тие нудат нови ресурси кои се клучни за истражување на нови технологии, оружја и одбранбени структури.

Визуелно, Metal Terror е вистинско уживање. Металниот биом е претставен со остри, геометриски форми, блескави кристални структури и палета на бои која се движи од ладни сини до вжештени портокалови тонови, создавајќи вонземски и речиси нереален амбиент. Графичките детали на новите непријатели, кои се адаптирале на овој суров метален свет, се импресивни и нивните напади бараат константно да развивате нови тактики. Новите мисии се интегрирани во главната кампања, што значи дека новите играчи ќе ги откријат органски, додека ветераните можат веднаш да се нурнат во новата содржина и да ја продолжат својата авантура.

The Riftbreaker: Into The Dark

Втората експанзија, Into the Dark, го менува фокусот од пространите отворени предели кон клаустрофобичните длабочини на Галатеа 37. Серија на аномални неутрински експлозии и невообичаена сеизмичка активност ги водат Ешли и г-дин Ригс во огромен подземен систем на пештери. Овде, тие се соочуваат со закана која може да го уништи целиот свет. Оваа експанзија воведува сосема нова гејмплеј механика – дупчење. Поради тоа, морате да користите специјализирана опрема за да копате тунели низ карпите, создавајќи патеки и простор за изградба на бази во екстремно тешки услови. Оваа промена драстично влијае на стратегијата за градење; ограничениот простор и недостатокот на сончева светлина за соларни панели ве принудуваат да размислувате креативно и да се потпрете на нови извори на енергија, како геотермални отвори.

Атмосферата во Into the Dark е мајсторски изведена. Темните, тесни пештери се осветлени само од биолуминисцентни габи и растенија, како и од фаровите на г-дин Ригс, што создава постојано чувство на напнатост и неизвесност. Графички, играта користи игра на светлина и сенки за да го долови чувството на изолација и опасност што демне од темнината. Новите подземни суштества се вистински кошмар – огромни и агресивни, тие се адаптирале на живот без светлина и претставуваат сериозен предизвик. Звукот игра клучна улога во оваа експанзија; ехото на вашите чекори, капењето, далечните татнежи и морничавите крици на непознати ѕверови создаваат незаборавно и застрашувачко искуство. Покрај главната закана, приказната открива и досега непознати детали од минатото на Ешли, додавајќи длабочина на нејзиниот лик.

The Riftbreaker: Heart of the Swamp

Третата експанзија, Heart of the Swamp, ги носи играчите во сосема нов и жив биом – Габичното Мочуриште. Овој регион е полн со уникатни форми на живот, но неговата деликатна рамнотежа е нарушена од мистериозна болест. Мисиите во оваа експанзија се повеќеслојни и бараат длабоко да го истражувате локалниот екосистем за да ја разберете причината за болеста. Експанзијата внесува морална дилема – дали ќе се обидете да го излечите мочуриштето и да ја вратите хармонијата, или пак ќе ги искористите неговите ресурси за свои цели, без оглед на последиците. Овој избор додава нова димензија на играта и влијае на развојот на приказната.

Гејмплејот во Heart of the Swamp е значително променет поради уникатниот терен. Мочуриштето е комбинација од копно и вода, што наметнува потреба од развој на нови технологии за градење на платформи и структури над водата. Ова отвора нови стратешки можности, но и предизвици, особено кога станува збор за снабдување со енергија и одбрана на базата од сите страни. Истражувањето на флората и фауната е поважно од кога било, бидејќи разбирањето на нивните адаптации ви овозможува да развиете нови, моќни одбранбени кули и оружја. Визуелно, мочуриштето е спектакуларно – густа вегетација, огромни печурки кои светат во темнината, маглива атмосфера и матна вода создаваат прекрасен, но опасен свет. Звучната слика е богата со звуци на природата – жуборење на вода, звуци на инсекти и специфичните звуци на мочуришните суштества, што придонесува за целосна имерзија во овој уникатен биом.

Трите експанзии за The Riftbreaker се повеќе од обични додатоци. Секоја од нив нуди целосно ново и уникатно искуство, со сопствена приказна, биом, гејмплеј механики и предизвици. EXOR Studios покажаа дека знаат како да го надградат својот веќе одличен производ, додавајќи десетици часови на квалитетна содржина која ги проширува границите на Галатеа 37. Без разлика дали ве влече мистеријата на металните предели, клаустрофобијата на подземните пештери или еколошките дилеми на мочуриштето, овие експанзии нудат нешто за секој љубител на The Riftbreaker и се задолжителни за секој што сака да ја доживее целосната визија на оваа извонредна игра.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments