Exoblast е првата игра на развојното студио Dreamirl. Овој бесплатен, ретро-инспириран шутер привлече доволно внимание за да го насочи Dreamirl да размислува похрабро и да се посвети на поамбициозни проекти.
Во поглед на клучните аскпекти кои прават една игра да е добра, Noreya: The Gold Project никако не потфрлува и е за неколку скалила погоре од првата игра на оваа француско студио.
Оваа metroidvania инспирирана игра се одликува со dark fantasy свет заснован на уникатен визуелен стил, несекојдневна приказна, како и одлични моменти за истражување, акција, и решавање загатки.
Пристапна Metroidvania
Доколку сте играле metroidvania игра, а шансите се дека сте играле, со оглед на нивниот број во последно време, тогаш точно знаете што да очекувате од играта. Имате најразлични локали и визуелно-инспиративни места низ кои ќе скокате, ќе се качувате или спуштате.
Во ситуации каде не избегнувате замки или пречки, ќе навлезете во динамични битки против предизвикувачки непријатели. И покрај тоа што се рекламира како попристапна metroidvania, Noreya: The Gold Project никако не е лесна игра и потребно е многу внимавање, темпирање на движењата и брзи рефлекси.
Самите непријатели знаат да бидат немилосрдни и се одликуваат со најразлични, крајно агресивни тактики, независно од тоа дали се борите против 25-те стандардни непријатели или пак сте навлегле во арена против некој од 12-те босови.
Дополнително, некои места се предизвикувачки за премин и потребно е неколкукратно завраќање. Ова можеби звучи дека е лоша работа, но навистина не е. Во ваквата, според некои, неизбалансирана тежина, всушност и лежи убавината на Noreya: The Gold Project.
Сите работи кои лесно дојдат, тежнеат да бидат и лесно обезвреднети. Чедото на Dreamirl сака секој напредок да се чини како да сте го заслужиле и вистински да ја цените сатисфакцијата која доаѓа по секоја успешно помината стаза, особено кога ќе ја земете и уникатната приказна во предвид.
Во Noreya: The Gold Project потребно е да изберете дали ќе се посветите на боговите на светлина и сенки, или пак на боговите на корупција и злато. Во зависност од сојузот кој ќе решите да го склопите, не само што се менуваат вашите достапни правци, туку и способностите кои може да ги користите. На овој начин, добивате два паралелни светови, како и дрво со над 50 способности.
Ваквата двојност не е очигледна само од визуелна гледна точка, туку и музичка. Имено, самата музичка подлога се менува во зависност од сојузот кој го имате склопено, а крајот има неколку различни завршетоци кои, погодувате, се, исто така, како директен резултат на вашите акции.
На крај од денот, Noreya: The Gold Project е солидна игра која нуди најразличну форми на забава, дали преку истражување на уникатниот свет и приказна, дали преку бројните платформски можности или пак преку предизвикувачката акција. Доколку сте фанови на metroidvania инспирирани наслови, ова се чини како една од оние игри на кои не би требало многу да им се мислите. А, во случај да и понатаму не сте сигурни, на располагање имате и одлично демо кое точно ќе ви покаже дали е ова игра за вас, или не.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Dreamirl
- Издава: PixelHeart
- Жанр: metroidvania
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 21 јуни 2024