Рецензија: Century Age of Ashes e PvP игра со јавање змејови

Малку игри пробаа да не стават во улога на змејови и да нѝ ја покажат нивната ултимативна моќ на бојното поле. Една таква игра е Divinity II, одличен RPG наслов кој во одредени моменти низ приказната нѝ дозволуваше да започнеме воени битки така што ќе се трансформираме во змеј. Но, што доколку сакаме модерни и инвентивни формули, но во PvP опкружување, односно во битки со и против други вистински играчи?

Century Age of Ashes е бесплатна мултиплеер игра која ви дозволува да навлезете во кратки, но адреналински битки каде јавате и управувате со змеј и ги усовршувате вашите вештини за да ги пеплосате непријателите и да владеете со небото.

Искрено, не знаевме што да очекуваме од Century Age of Ashes. Охрабрени од позитивните рецензии на Steam, очекуваме релативно пријатно искуство, но и некако се надевавме дека ќе има одредени PvE елементи. Ова не е случајот. Century Age of Ashes е чистокрвна мултиплеер игра и ви препорачуваме навлегување во неа само доколку уживате во уникатни модови за 3v3 или 6v6 играчи.

По започнување на Century Age of Ashes поминавме низ интересен туторијал кој нè запозна со процесот на управување на змејовите и моќите со кои располагаат. Уште на самиот почеток, бевме импресионирани од преубавата графика, слободата во летањето и леснотијата со која се доминираше во небото. Змејот кој го јавате може да успори или значително да забрза со летањето. Импозантното застрашувачко животно става крај на подалечните непријатели преку фрлање огнени топки. Во случај на брзо покривање на далечината, змејот плука огнен конус од запрепастувачка јачина. Паралелно со ова, змејовите имаат и специјални моќи, а по одреден период на бојното поле може да се разбеснат и да станат значително подеструктивни. Низ мапите, можете да ја регенерирате кондицијата така што летите веднаш над водените површини, а може и да собирате штитови и слични бустери на одредени врвови.

Змејовите се јаваат од една од три класи. Пасивните и активните моќи со кои располагаат се поделени и се однесуваат и за јавачот и за змејот. Па така, првата класа, Marauder има пасивна моќ за целосно полнење на способностите и моќите секојпат кога ќе се изврши некоја елиминација или помош при елиминација. Паралелно со ова, главната моќ на змејот е да се одбележи и следи непријателот и да се бомбардира со серија од брзи огнени топки. Двете способности кои ги наметнува Marauder-от е да се исфрлаат проектили кои го оштетуваат штитот на змејовите или го отежнуваат нивното летање, како и можност да ги уништите сите непријателски огнени топки кои се насочени кон вас. На сличен начин се организирани и другите две класи, но ако првата класа е борец, втората е заштитник, а третата е фантом, сè со цел да се понуди уникатно искуство и да се израмни полето на играње.

Мултиплеерот се дели на Quickplay, Ranked Play и Initiation (овој мод подоцна е заменет со Chaos). Quickplay и Ranked Play се со шест змејови против други шест и е апсолутно хаотично и неверојатно забавно искуство поделено на три режими на играње. Во Spoils of War потребно е да напаѓате таканаречени „траспортери на злато“, да го собирате нивниот плен и да го складирате во вашите ковчези. Победникот, претпоставувате, е оној тим кој на крајот има највеќе злато. Вториот режим се вика Carnage и победа се предава на оној тим кој ќе успее да направи најмногу елиминации на спротивниот тим, додека Gates of Fire е мод во духот на Capture the Flag. Па така, се собира знаме кое треба да помине низ сите капии за да се добие рундата. Initiation, а подоцна и Chaos се почетни модови за 3V3 и се замислени за правење на првите почетни чекори во играта и запознавање со механиките.

Што и да одберете, забавата е загарантирана и се должи на одлично осмислен коктел од преубава графика, ратоборна звучна подлога и крајно забавни механики. Century Age of Ashes е одлична игра за уникатно мултиплеер искуство во кратки дози и, доколку ги развиете потребните офанзивни и дефанзивни вештини, ќе бидете импресивен предизвик на небото! Доколку и покрај ова што го кажавме, сакате сами да ја играте Century Age of Ashes, единствено што имате на располагање се одново преигрување на туторијалот или слободно летање на една мапа, што споредено со хаосот со вистинските играчи не е ни-пријди-ни-дојди.

Со кликнување на секоја класа, може да одберете каков змеј сакате да јавате и како да изгледа, почнувајќи со опашката, градите и седлото, па движејќи се кон изгледот на вашиот јавач. Постојат многу опции од козметичка вредност кои, визуелно, можат значително да ве истакнат при играњето, со што доаѓаме до системот кој е замислен да ја одржува играта на подолг период. Микротрансакциите и наградите од сезонската пропусница се од козметички карактер, но имате бројни бустери од еден до 30 дена кои ги зголемуваат вашите искуствени поени и до 25%, што и тоа како може да помогне при отклучување награди од сезонската пропусница.

Како и да е, можеби најдобриот дел во играта е одделот Nest каде што можете да изведувате јајца и со решавање квестови да ги израснувате во целосни и предизвикувачки змејови. Во самиот старт, ние го добивме епскиот змеј Sarghildian Squall, го изведовме и по серија квестови спремни сме да го провлечеме низ тинејџерските години!

Како што напоменавме, играта е бесплатна на Steam и навистина немате причина да не ја проверите. Уникатните и ретко видени елементи ја истакнуваат Century Age of Ashes на исклучително високо место и е задолжителна лектира за сите оние кои сакаат да искусат PvP режими на малку поразличен начин. Се гледаме во небото!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

Matrix IT Global Services Macedonia

Marketing Strategist

Singular

Team Lead

Matrix Global

QA Engineer

види ги сите огласи на kariera.it.mk