Пред некој ден на е-маил ми пристигна порака од Славчо Чунгурски, вработен во ИТ секторот а воедно и како асистент на приватниот факултет ФОН во кој ни беше претставен неговиот Текст-во-говор софтвер наречен TTS-MK. Софтверот претставува синтетизатор на говор на македонски јазик кој е базиран на говорен корпус и кој засега служи како докторска дисертација на Славчо на ФЕИТ, а во иднина се планира да биде имплементиран во софтвер за слепи лица.
Говорните синтетизатори се компјутерска имитација на човечкиот говор и можат да бидат имплементирани и во софтверски и во хардверски компоненти. Текст-во-говор е систем кој како што објаснува и самото негово име, конвертира обичен текст во говор.
Во е-маилот на Славчо Чунгурски исто така беше истакнато дека синтатизаторот е сеуште во развој и дека е потребна евалуација од што поголем број на корисници за да можат да се пронајдат грешки и истите да се поправат и да се подобри системот, како и самиот говор.
Евалуацијата се состои од 10-тина чекори кои реално нема да ви одземат повеќе од 5-7 минути од вашето време за да преслушате неколку кратки текстови прочитани од синтетизаторот и да ги пополните соодветните форми. Овој ваш чекор ќе помогне во подобрување на системот кој во иднина како што рековме ќе им помогне на слепите лица или пак лицата кои имаат проблеми со видот.
Славчо во разговорот кој го имавме на Skype пред некој ден исто така ми спомна и дека по имплементирање на системов во софтверот за слепи лица, ќе почне да се развива и IVR (Interactive Voice Recognition) систем што практично значи систем кој ќе го извршува обратниот процес од сегашниот TTS-MK.
IT.com.mk без никакво размислување го поддржа овој проект и намерите на Славчо и решивме да го прошириме зборот за евалуацијата преку истакнување на банер на нашиот сајт.
ОК, ајде сега на евалуирање на проектот кој е предмет на повеќе научно-истражувачки трудови за да го подобриме неговиот квалитет и да му пружиме поддршка на Славчо.






