Повеќе од девет години, Стефан Нанев од Скопје со своите анализи ја збогатува NBA YouTube сцената. Неговиот канал Heat Check денес има речиси 700 000 следбеници и е синоним за одлични кошаркарски анализи кои ги следат фанови од целиот свет. Сепајк, зад овие бројки стојат 17 години гледање натпревари до 5 часот наутро и упорна работа.
Дека напорната работа секогаш го наоѓа својот пат до врвот, доказ е неговиот најнов и веројатно најголем професионален успех досега. Стефан неодамна се „потпиша“ како официјален автор и писател на сценариото за најновото наративно видео на YouTube каналот на NBA гигантот Golden State Warriors.
Со Стефан разговатаме за тоа како изгледа кога сонот на едно 11-годишно дете ќе стане реалност, како се пишува за клуб од рангот на Warriors, зошто вештачката интелигенција сè уште не може да го замени човечкото „кошаркарско око“ и како по две децении чекање ја доживеа историската титула на неговите New York Knicks.

Во објавата велиш дека 11-годишниот Стефан би „полудел“ од среќа. Кога стигна официјалната потврда или кога го виде готовото видео на каналот на Warriors, кој беше првиот флешбек или мисла што ти помина низ глава?
За мене целата оваа приказна стана реалност дури кога видеото беше објавено на каналот на Голден Стејт. И покрај тоа што целиот процес траеше 2-3 недели, јас некако се ставив на аутопилот, и бев фокусиран само на задачата пред мене.
Фактот што сум запознаен со social media сцената, па знаев дека ова е “само” парче content кое им треба на Warriors- исто како што и треба на секоја компанија денес, ме спаси од многубројни непотребни стресови.
А кога осамна видеото на каналот на Голден Стејт, буквално тоа ми беше флешбекот- Стефан во своето детство.
Како НБА суперфан, на тие години не можев ни да сонувам дека ќе заработувам за живот од она што најмногу го сакам, или дека мојот труд ќе стигне до некоја НБА екипа. Навистина нереално.
Секогаш кога се соочувам со некаков проблем, или ќе ми се прикраде некој сомнеж- се прашувам што би помислил 11 годишниот Стефан доколку некој му каже дека во иднина ова ќе биде неговата “работа”.
И веднаш штом си го поставам ова прашање, сите грижи исчезнуваат :)
Како дојде до оваа соработка? Можеш ли да ни го откриеш „патот“ на твојот контакт со Саму Габор (Samu Gabor) и како препознаа дека токму твојот стил е она што им треба?
Мојот канал Heat Check опстојува на youtube веќе 9 години. Таа конзистентност овозможува моите видеа да стигнат до многу луѓе и да добијам понуди за соработки.
Па така, лани ми пристапи Евролигата, ми ги отстапи правата за користење на снимки од нивните натпревари, а ме поканија и како аналитичар, долу на теренот пред дербито Партизан-Црвена Sвезда. Уникатно искуство кое беше овозможено од долгогодишните објави на видеа, секоја недела и секој месец.
На истиот овој начин моите видеа стигнале и до Саму.
Тој е “мостот” помеѓу независните креатори и големите компании.
Негова задача е да состави екипа која ќе изработи видео содржина за одредена компанија.
Изненадувачки- и покрај тоа што НБА тимовите се огромни организации, нивниот content на социјалните мрежи најчесто се сведува на постирање 2-3 минутни highlights, прес конференции и слично.
Квалитетни наративни видеа речиси воопшто нема.
Па така, Саму стапува во контакт со Голден Стејт и одлучуваат да се креира видео за Gui Santos- играч на оваа екипа кој имаше одличен учинок сезонава.
Потоа, тој ме покани мене да влезам во овој проект како автор/писател.
Јас го напишав секој збор што е кажан во видеото и сите исечоци што се вклучени во финалниот едит беа одбрани од мене.
Екипата што работеше на овој проект исто така вклучуваше и voiceover артист- односно гласот на ова видео, како и видео едитор.
Како изгледа креативниот процес кога работиш како автор за клуб од рангот на Golden State Warriors? Колку слобода имаше во креирањето на приказната и аголот на анализа, а колку мораше да се придржуваш до строги стандарди?
Многу сум благодарен на social media тимот на Warriors што ми дадоа одврзани раце во проектот. Целосно веруваа дека како content creator ќе знам како да доставам квалитетен script (сценарио) за ова видео.
Ми беа дадени основни насоки како би сакале некои работи да изгледаат.
На што да се стави акцент, а за што да не се троши време. Останатото беше оставено на мене.
Да бидам искрен, процесот воопшто не беше различен од оној за моите видеа.
Research-от се состоеше од гледање на многу исечоци и потези од играчот за кој го правам видеото. Копање по статистиките, гледање на интервјуа, и од сето ова на крај составување на финалната приказна за видеото.
Heatcheck глобално го препознаваат по одличните кошаркарски анализи. Дали мораше да го прилагодиш својот стил за да одговара на пошироката публика на официјалниот NBA канал, или баш го бараа Heatcheck стилот?
Стилот на Heat Check- кој и онака еволуира од сезона во сезона, не беше конкретно побаран од страна на Warriors.
Пишував поинаку од начинот на кој се пишуваат видеата за мојот канал, но не поради тоа што видеото ќе биде објавено од страна на НБА екипа.
Се водев само по тоа како мислам дека на крајот би требало да изгледа ова наративно видео за целата сезона на еден играч.
Имаше ли некои специфични предизвици во процесот (кратки рокови, постојани ревизии) кои се поразлични од работата на твоите независни видеа?
Искрено, целиот процес беше изненадувачки полесен и поедноставен дури и од видеата кои ги правам за својот канал.
За моите видеа се грижам за наслов, thumbnail, пишување, читање и едитирање на видеото, а овде бев задолжен само за авторскиот момент.
Имаше некои ситни ревизии, но се на се помина многу брзо и лесно.
Дали соработката со Warriors е еднократен проект или почеток на подолгорочна приказна со нив (или можеби со други NBA тимови)?
Веќе имаме договорено аналитичко видео за играчот кој ќе биде избран од Голден Стејт на претстојниот NBA Draft на 23ти Јуни. Верувам дека ќе продолжиме со соработката и во текот на сезоната, а Саму е задолжен за остварување контакти со NBA екипи, па се надевам дека можеби би соработувале и со друг тим.
Спомна бројка од над 1.000 видеа и 9 години секојдневен труд. Имаше ли моменти во тие 9 години кога мислеше да се откажеш или кога се прашуваше „дали некој од големите играчи воопшто го забележува ова“? Што те држеше во фокус?
Искрено, мојот фокус во текот на сите овие 9 години беше единствено како да продолжам да го живеам овој мој сон. Имаше безброј подеми и падови. Моменти кога се плашев дека можеби се ближи крајот, но никогаш не ни помислив да се откажам.
Без разлика дали сум среќен, тажен, расположен, уморен…Секоја вечер скоро без исклучок – се вклучувам на натпреварите и останувам буден до 4-5 наутро.
Вака живеам веќе 17-тина години. Љубовта кон оваа игра е единственото нешто што ме движи. Не се грижам за тоа дали големите играчи знаат за Heat Check или не.
Впрочем, јас веќе го достигнав „најголемиот играч“. Пред 3 сезони имав незаборавна прилика да снимам подкаст со мојот кошаркарски идол Gilbert Arenas.
За мене тоа беше уникатен bucket list момент.
Колку вештачката интелигенција влијае на YouTube каналите денес? Ја користиш ли приватно или професионално за да ти го олесни пронаоѓањето на податоци и статистика, или сепак „кошаркарското око“ и рачната анализа се незаменливи?
Во мојот случај, увидов дека AI сеуште не е на ниво на кое може да ми помогне, па ретко ја користам. Видеата ми се базираат на конкретни моменти кои некој треба да ги забележи во текот на натпреварот за да може да им ги објасни на гледачите.
AI тоа не го може во моментов, а често знае и да „излаже“ за факти и статистики кои би требало да се лесно достапни, и кои може да се пребараат.
Поради ова, избегнувам да користам вештачка интелигенција освен ако не е предлог за подраматичен наслов од оној кој јас го имам напишано.
Во едно скорешно видео го имав и првиот AI thumbnail, но моите thumbnails секогаш ќе бидат базирани на постоечки фрејм од самото видео. Сакам да изгледаат реалистично и да прикажат ситуација која ќе ја има во видеото.
Така да, не очекувајте вештачката интелигенција да го води Heat Check каналот :)
После ваков проект, каде се поместуваат границите за Heat Check? Што е следно на твојата „bucket list“ како кошаркарски аналитичар?
Ултимативната цел на врвот на мојата листа секогаш ми била и ќе биде да присуствувам на НБА натпревар во живо, во арената. Пред се како фан.
Неколку пати сум одбиен за виза, но се надевам дека во блиска иднина ќе се оствари овој мој сон. Верувам дека со тоа ќе се отворат многу нови можности и на професионален план. Нешта кои сега не можам ни да ги замислам поради оваа географска лимитација.
Но, пресреќен со тоа што го имам, и каде е каналот во моментов. Ова беше одлична сезона од аспект на гледаност.
Летово се очекува и достигнување на 700.000 сабскрајбери на Heat Check, така што ќе се прослави и тоа. Секако дека некогаш би сакал да стигнам и до легендарниот праг од 1 милион сабскрајбери, но ќе повторам- благодарен сум за овде каде што сум во моментов.
На фановите што го следат Heatcheck им е познато колку ја чекаше титулата на Knicks. Како го доживеа овој момент?
Сите што ме познаваат, вклучувајќи ги и гледачите на Heat Check знаат дека сум фан на New York Knicks од далечната 1999-та. Тоа е првото финале кое во целост го изгледав на директен пренос на свои 7 години. (Огромна благодарност до моите родители што ми дозволија да седам толку доцна за да гледам кошарка. Се разбира, за време на летниот распуст во Јуни 😀)
Од тогаш, следеше период од 2 децении на тотална мизерија.
И покрај тоа што беше разочарувачки да се останува до доцна во ноќта само за да се проследи уште еден пораз, никогаш не се откажав од моите Knicks.
Целото тоа патешествие, и долгогодишното чекање во надеж дека ќе дојдат подобри денови, беше крунисано оваа сезона со титула во финална серија која наликуваше на холивудски трилер.
Секој натпревар беше тотален хаос, неизвесно до последната секунда.
И сето тоа го доживеав исклучително емотивно. Поставував камера во дневната соба на крајот на секој натпревар и ги документирав своите реакции во видеата на Heat Check.
Тоа кулминираше во одлучувачкиот Game 5 каде буквално останав без зборови и со солзи во очите сведочев на првата шампионска титула за мојата екипа од кога следам НБА.
Како што кажав и во самото видео- многу размислував како ќе реагирам доколку овој момент некогаш се случи, но кога конечно се случи бев скаменет, шокиран.
Реакцијата ја имате изворно на мојот канал, заедно со сите реакции од претходните натпревари во останатите видеа од финалната серија.







