Ако барем еднаш сте обиделе да купите нов телефон, лаптоп или бела техника кај нас, добро знаете што ве чека. Купувањето започнува со „истражување“ кое брзо се претвора во десетици отворени табови во прелистувачот. Една иста правосмукалка или телевизор имаат различни имиња и шифри во пет различни продавници, цените се менуваат без јасен контекст, а постојаните „попусти“ често будат сомнеж дали се вистински или маркетиншки трик.
Од минатиот месец, македонскиот интернет простор доби уште едно, како што самите го нарекуваат, „мирно место“ кое ветува помалку отворени табови и многу појасни одлуки кое ќе ви го олесни изборот, Produkt.mk.
Зад оваа платформа стои Иван Сандев кој се обиде да го реши сопствениот (но и заедничкиот) проблем со пазарувањето. Produkt.mk не продава производи, туку на едно место ги собира, мапира и автоматизирано ги споредува понудите од најголемите ланци за техника во Македонија, нудејќи им на корисниците и нешто што одамна ни недостигаше – транспарентна историја на движењето на цените.
Разговаравме со Иван за тоа како една идеја од студентските денови и магистерски труд се претвори во комплетна платформа, со какви технички предизвици се соочи при „скрејпувањето“ на македонските е-продавници, кој е технолошкиот стек го користи и како вештачката интелигенција наскоро ќе ни помага да одбереме бела техника како да разговараме со искусен продавач.
„Ако треба да го опишам со една реченица — produkt.mk е најлесниот начин да го најдеш производот што го бараш, кај најдоверливите продавници во нашата држава, по најдобра цена.
Идејата зад produkt.mk е сосема едноставна: да им дадеме на луѓето едно место каде што брзо и најбезболно можат да ги видат понудите и цените од најголемите продавници во нашата држава — Сетек, Техномаркет, Нексио, DDstore и останати. Наместо да отвораат десетици различни сајтови, или физички да пребаруваат низ продавниците, Produkt.mk собира се на едно место.
На овој начин целиме секој потрошувач во Македонија да добива целосна слика од понудата на пазарот во моментот и може спокојно да одлучи кој производ е вистинскиот избор за него, и каде токму тогаш цената е најповолна. Целта на платформата ми е навистина едноставна: да им овозможам на луќето да заштедат време и пари и купувањето да го направиме барем еден степен поедноставно.“, вели Иван.
Како се роди идејата и колку време помина од „првата линија код“ до официјалното пуштање?
Идејата ми се појави уште од студентските денови. Јас сум оној типичен „хипик” за технологија и гаџети, со постојани коментари од фамилијата и пријателите во стил „пак ли купи некоја глупост” 😄 па некако природно ми се роди желба за решавање на тој личен проблем.
На почетокот едноставно сакав да направам нешто со кое лесно ќе ги следам цените на производите што ме интересираат. Но чекор по чекор, од тие мали решенија почнав да согледувам поголема слика — секојдневните тешкотии со пребарување и споредување на електроника ги имаме сите. Исто добив еден момент на „парализа од избор“ (analysis paralysis) кога купував бела техника за нов дом. Сите овие микро-проблеми на дневно ниво се трансформираа дел по дел како решенија кон Produkt.mk.
Ранa варијантa на идејата претставив и во рамките на мојот магистерски труд, а тоа ми даде дополнителен мотив — потврда дека ова може да биде навистина корисно за потрошувачите.
Искрено ми беше чудно што до тогаш не постоеше вакво решение кај нас, особено земајќи предвид дека ваков тип на платформа функционира во практично секоја друга земја. Меѓутоа нешто што не го очекував, по разговори со луѓе зад слични платформи вон нашата држава, е тоа што самиот процес на агрегирање и мапирање кај повеќето е доста макотрпен. Во многу случаи, целиот процес бара секојдневна рачна работа, како за бизнисот, така и за самите партнер-продавници. Воедно, тоа беше еден од најголемите предизвици: да постигнам речиси потполна автоматизација, со минимална потреба од ангажман на партнер-продавниците.
Корисничкиот дел не беше премногу комплициран — AI алатките за генерирање код денес навистина ја олеснуваат таа работа, особено кога имаш јасно замислен UX. Вистинскиот предизвик беше да се направи „задниот дел”: автоматско собирање на производи, нивно препознавање и поврзување кога ист производ го нудат различни продавачи под различни имиња.

Онлајн продавниците користат различни платформи, различни софтверски решенија, а често и различни имиња за еден ист модел на производ. Како технички успеа да го решиш проблемот со мапирање и групирање на истите производи од различни продавници во еден преглед?
Како што споменав претходно, токму тука лежеше и најголемиот технички предизвик. Во почетокот очекував дека поврзувањето на производите ќе биде едноставно – преку уникатни идентификатори што ги имаат производите во различките системи, односно продавници, какви например баркодовите. Но во пракса, за жал, се покажа дека голем дел од продавниците едноставно не ја нудат таа информација во своите системи. Затоа пристапот мораше да биде попаметен. Воспоставивме систем кој работи во неколку фази. Прво, се извлекуваат и организираат информациите за секој производ: бренд, модел, спецификации. Потоа овие информации влегуваат во алгоритам за споредба кој работи на принцип многу сличен на она што го правиме ние луѓето кога разгледуваме производи: го гледаме брендот, го читаме моделот, ги споредуваме карактеристиките. Врз основа на тоа колку е сигурен резултатот, системот или автоматски ги поврзува идентичните производи, или кога сличноста е висока, но не и потполно извесна, ги додава во листа за рачен преглед. Целиот процес се извршува секоја вечер, за да платформата секогаш ги одразува најновите производи и цени на пазарот.
Секако, ниту една автоматизација не е совршена. Во случај на проблем во кој било дел од процесот: агрегирање, препознавање на производи или ажурирање на цени, тимот веднаш е известен и реагира во најбрз можен рок.
Целиот процес се случува на дневно ниво, а во текот на денот има и неколку мали „работници“ коишто прават проверка на цените и залихите. Платформата поддржува и ажурирање преку web hooks за партнери коишто ја подржуваат таа функционалност во своите системи.
Kаков технолошки стек користиш за produkt.mk? Што одбра за backend кој го менаџира процесирањето на податоците, а што за frontend-от и зошто се одлучи за овие технологии?
На предниот дел е користен Next.js. Изборот се темели на неколку добро познати причини: огромна заедница, богат екосистем на UI китови и плагини за работи кои честопати се развиваат одново, како автентикација, авторизација, форми и слично. Но она што ми е најважно е „зрелоста” на самиот framework. Под „зрелост” мислам на тоа дека е одлично документиран, со голем број достапни open-source проекти за учење и референца. Во денешно време на LLM алатки ова е особено вредно, бидејќи моделите имаат повеќе податоци на кои да учат, а тоа резултира со побрз развој, помалку неочекувани проблеми и поедноставна скалабилност.
На задниот дел е FastAPI. Изборот тука се појави природно поради неколку причини. Прво, Python е исклучително богат токму за работите кои ги бара нашата платформа: собирање и обработка на податоци, AI пајплајни и интеграции и управување со позадински задачи. Сите алатки за кои ни беа потребни, од процесот за агрегирање на производи, обработка и токенизација на текст, па до интеграцијата со AI агенти, имаат одлична поддршка во Python. Освен тоа, FastAPI е асинхронен по природа, што е идеално кога истовремено треба да се обработуваат повеќе различни извори. И исто како со Next.js, Python е исклучително добро застапен во обуката на AI моделите, со сите придобивки кои ги спомнав.
Во времето кога AI алатките се толку силни и брзо се развиваат, критериумите за избор на технолошки стек малку се менуваат. Би кажал дури дека изборот на почеток не е толку критичен колку порано, бидејќи LLM-ите денес можат со неколку насочувања да препишат цела кодна база кон нова технологија (се разбира, како што велат, „easier said than done“). Но правилниот избор сепак ја олеснува работата значително, овозможува попредвидливи сценарија и, земајќи ги предвид AI алатките, дополнително ја забрзува изградбата.

Дали процесот на собирање (scraping/integration) на податоците од продавниците е целосно автоматизиран или сè уште имате сегменти каде што е потребна рачна модерација?
Целта уште од почетокот беше платформата да биде „самоодржувачка”, со рачна работа сведена на апсолутен минимум. Во пракса, на дневно ниво системот целосно автоматски ги покрива сите клучни процеси: собирање на производи и цени од продавниците, поврзување на идентични производи, ажурирање на цени и достапност, детектирање на реални попусти и испраќање на известувања до потрошувачите заинтересирани за одреден производ.
Агрегирањето се извршува неколку пати на ден, а проверката на ценовните аларми уште почесто, за да корисниците ги добиваат своите известувања навреме. Системот исто така активно го следи своето сопствено „здравје“: доколку некој дел од процесот не успее или врати неочекувани резултати, добиваме известувања и се калибрира и решава определен проблем.
Сепак, за да бидам целосно чесен, не сè е потполно автономно. Постои еден сегмент каде сè уште е потребна рачна модерација: кога алгоритамот за поврзување на производи наидува на случај со висока, но не апсолутна сигурност, тој производ не се поврзува автоматски, туку оди во листа за рачен преглед. Тоа е свесна одлука. Подобро е еден производ да чека малку подолго отколку да биде погрешно поврзан и да ги доведе корисниците во заблуда.
Од неодамна експериментираме и со автоматизација на процесите за контент, маркетинг и рекламирање, но повеќе детали би сакал да споделам кога тие процеси ќе достигнат „позрело” ниво на интеграција.
Една од најкорисните опции на ваквите агрегатори е следењето на историјата на цените. Како реагираат корисниците на оваа опција? Дали мислиш дека ова конечно ќе донесе поголема транспарентност при фамозните „попусти“ и акции кај нас?
Искрено, ова беше во моите топ 3 причини зошто сакав да го создадам Produkt.mk. Сите сме сведоци на „вештачките” попусти кои се појавуваат особено за време на меѓународни распродажби како Black Friday, каде цените понекогаш вештачки растат пред да бидат „намалени”. Македонските потрошувачи заслужуваат поголема транспарентност при пазарувањето, и тоа беше јасно уште на почетокот.
Затоа историјата на цени е вградена директно на страницата на секој производ, во форма на интерактивен графикон кој го покажува движењето на цената со текот на времето.
Но транспарентноста не застанува тука. Производите кои влегуваат во отделната секција за попусти мора да одговараат на една критерија: да има навистина пониска цена во споредба со нивната историска цена, без исклучок. Така „попустот” не е само маркетиншка ознака, туку верификуван факт.
Кога потрошувачите имаат пристап до историски податоци, вештачките попусти стануваат видливи за секого. Верувам дека тоа полека ќе ги промени навиките при пазарување и ќе придонесе кон поискрена пазарна средина за сите.

Според податоците на сајтот, Produkt.mk ги обединува водечките продавници за техника во Македонија. Има ли некакви реакции од нив?
Реакциите беа многу позитивни, и тоа ми беше особено важно уште на самиот почеток. Сакав продавниците да го разберат бенефитот пред сè друго: Produkt.mk не им е конкуренција, туку дополнителен канал кој им носи нови купувачи. Секој посетител кој преку платформата кликнува на понуда, директно завршува на сајтот на продавницата.
Она што искрено не го очекував е колку отворени беа за соработка. Не само дека го прифатија присуството на платформата, туку заеднички стигнавме и до конкретни идеи кои прво ќе бидат дел од Produkt.mk. Посебно сакам да ги поздравам дечките од Нексио и DDstore кои одвоија свое време да се консултираат со нас за идеи и надвор од платформата.
Ова произлегува од поголема визија. Пазарувањето не застанува само при плаќањето: брендовите долгорочно градат врска и доверба со своите потрошувачи. Produkt.mk не сака да стои помеѓу нив, туку да биде мост. Целта е платформата да ја зајакне довербата кон продавниците кои навистина ја заслужуваат, и со тоа да создаде поздрава средина за сите.
Почна со техниката како најдинамична категорија. Дали во иднина планираш проширување и во други индустрии?
Ова во голема мера зависи од самите корисници. Немам никаква претенција да ја држам платформата „затворена” кон одредени категории. Напротив, аналитиките на дневно ниво покажуваат каде има најмногу интерес и ја отсликуваат насоката на каде да се движиме. Податоците се нашиот најискрен советник.
Но ако треба да сонувам, се надевам Produkt.mk еден ден да стане првото место на кое секому му текнува да дојде кога има потреба да купи нешто или да се информира за најдобриот избор според своите потреби и критериуми.

Каде ја гледаш иднината и одржливоста на produkt.mk? Бидејќи не продавате производи директно, каков е бизнис моделот зад платформата на подолг рок?
Produkt.mk е и ќе остане бесплатен за корисниците, засекогаш. Што се однесува до партнерите, платформата работи на принцип „цена спрема вредност”, односно наплата само кога партнерот добива конкретна вредност во форма на посета или клик кон неговите производи. Ова е модел добро познат во светот на дигиталниот маркетинг под поимот Cost-per-Click, и го прави сосема логичен за двете страни: колку платформата носи повеќе вредност за партнерот, толку поголеми се приходите и за неа.
Она што го прави ова одржливо на долг рок е самата природа на платформата: корисниците и партнерите директно се надополнуваат. Повеќе продавници значи поголем избор и поголема вредност за корисниците. Поголем број корисници значи повеќе потенцијални купувачи за партнерите. Тоа е кружен процес кој со текот на времето само се засилува.
Дополнително, на партнерите им нудиме низа конкретни метрики, изветаи и аналитики кои им даваат увид во интересот на купувачите и нивниот пласман на пазарот во однос на конкуренцијата. Ваков тип на аналитика за конкретен пазарен сегмент, на македонскиот пазар едноставно не постои на друго место.
И на крај, она што е можеби нашата најголема долгорочна предност е времето. Историјата на цени, трендовите, популарноста на производите, сето тоа се податоци кои се акумулираат со секој изминат ден и кои стануваат сè потешки за реплицирање. Тоа е нашиот највреден ресурс и нашиот најголем мотив за градење на платформата на долг рок.
Што е следно за Produkt.mk во следните неколку месеци?
Целиот фокус е поставен на подобрување на корисничкото искуство, но во позадина работиме на неколку работи за кои се надевам дека ќе бидат навистина корисни за македонските потрошувачи.
Првото е нешто директно поврзано со самиот процес на избор на производ. Сите го знаеме тоа чувство: влегуваш во продавница и го прашуваш продавачот „Ми треба машина за алишта, што би ми препорачале до 20.000 денари?”. Токму ова прашање сакаме да го решиме дигитално, преку AI асистент кој ги насочува купувачите кон најдобриот избор за нив, транспарентно и едноставно, базирано на огромен број спецификации и параметри при зададени критерии од купувачите.
Второто нешто кое паралелно е во завршна фаза е мобилна апликација. Грубо кажано 85% од пребарувањето на онлајн продавниците денес се случува на телефон и сакаме Produkt.mk да биде уште еден чекор поблизу во секој момент кога некому му е потребна.







