Секој чекор има своја приказна: Интервју со Никола Ангелковиќ и Сашо Јадровски за YourMoves

0 коментари 9 мин. читање

Барајќи подобро искуство од она што го нуди Apple Health, подобра статистика, појасен преглед на преостанатите чекори до целта, споредби со минатата недела и мотивација да се биде подобар од претходниот ден, Никола Ангелковиќ и Сашо Јадровски ја креираа YourMoves, апликација за iPhone и Apple Watch која веќе неколку години се развива и усовршува преку секојдневна употреба.

Здравствените придобивки од пешачењето не се новост. Науката покажува дека вистинските здравствени придобивки започнуваат уште кај 7 000 до 8 000 чекори. Пред Олимписките игри во Токио, јапонската компанија Yamasa Tokei го пуштила во продажба првиот комерцијален педометар наречен Manpo-kei. Името во буквален превод значи токму „мерач на 10 000 чекори“. Бројката не била избрана преку научни истражувања, туку симболично. Јапонскиот симбол (канџи) за 10 000 изгледа како човек што чекори, а рекламата звучела одлично за подигнување на кондицијата. Она што е најважно останува исто: секој чекор што ни го раздвижува телото е чекор во вистинска насока.

За жал, сите што поминуваат часови пред монитор имаат сличен проблем: денот поминува во пишување код, состаноци и решавање проблеми. На крај од денот бројката на поминати чекори останува поразително мала. Токму оваа потреба за промена на лошите навики ги поттикна Никола и Сашо уште во март 2021 година за првпат да го отворат Xcode и да почнат со експериментирање.

Но, YourMoves не е само уште еден сув бројач на чекори. Нејзината суштина е во деталите и љубовта посветена на секој пиксел — од забавните теми и пајачето што се нишка на картичките, преку виртуелните патувања со вистински приказни, па сè до претворањето на искачените скали во освоени светски знаменитости како Биг Бен или Ајфеловата кула. И сè тоа, максимално поедноставено, без потреба од креирање профили или лозинки.

Со Никола и Сашо зборувавме за техничките предизвици зад овие функционалности, зачувувањето на приватноста и иднината на YourMoves.

Никола Ангелковиќ
Сашо Јадровски

Како се роди идејата за YourMoves? Што беше првата причина што ве наведе да размислувате за сопствена апликација?

Како софтвер инженери, голем дел од денот го поминуваме во седење, пред компјутер и често забораваме дека не правиме доволно чекори, па сакавме да преземеме нешто околу тоа. Кога ја погледнавме Apple Health апликацијата заклучивме дека она кое го нуди не ги задоволува нашите потреби, односно нашата желба за повеќе статистички податоци кои би ни овозможиле подобар преглед на моменталната состојба на чекорите, придружена со податоци за тоа колку чекори ни остануваат до остварување на целта од 10.000 чекори на ден, бројот на потрошени калории, денешниот број на чекори спореден со истиот ден минатата недела, темпото со кое се движиме во денот и сл. Едноставно кажано, баравме начин, преку статистика, да се мотивираме да бидеме подобри од претходниот ден или од претходната недела, месец, итн. Оттука се појави и идејата за креирање на YourMoves, затоа што знаевме дека на тој начин ќе ја имаме целосната контрола да го изградиме искуството кое го баравме во Apple Health и истото да го збогатиме со дополнителни функционалности кои би ни помогнале нам и на други да смениме некои лоши навики и да посветиме малку повеќе време на тоа што е добро за нашето тело. Првите експерименти и отварањето на проектот во Xcode се случија во март 2021- ва год., кога за прв пат ги тестиравме можностите кои ги нуди HealthKit од Apple. Низ текот на годините, направивме повеќе комбинации со помош на понудените податоци, секојдневно ги користевме за нашите потреби, разговаравме дали и колку истите ни помагаат да бидеме поактивни, за конечно да дојдеме до решението кое го гледате денес вo YourMoves.

Со свои зборови, што е YourMoves и како се разликува од сличните апликации?

YourMoves е апликација којашто ве мотивира да пешачите. На страна тоа што апликацијата нуди голем број статистики коишто ќе ви помогнат да дознаете многу повеќе за вашето пешачење, апликацијата има цел сето тоа да го направи на забавен начин и да го поттикне корисникот да биде физички поактивен преку пешачење. YourMoves се разликува од другите апликации во деталите. По темата за „Ноќта на вештерките“, по пајакот кој гордо се нишка во картичката за поминато растојание, по љубовта којашто ја посветуваме за секој пиксел да се појави и да изгледа како што треба. По тоа што нуди виртуелни патувања, а секоја станица на секое патување има вистинска приказна и слика која ја илустрира и ја доловува приказната. Понекогаш забораваме дека искачувањето по скали се всушност чекори коишто ги правиме качувајќи се нагоре, а YourMoves ги зема и нив во предвид и на забавен начин на корисниците им покажува кој познат светски објект го имаат искачено, како на пример, Биг Бен, Ајфеловата кула и други. Не бараме корисничка сметка и лозинка од корисникот и се трудиме искуството да го направиме што поедноставно.

Функцијата за „затворање кругови“ и освојување делови од градот многу потсетува на стратешки игри или географско мапирање. Како дојдовте до оваа идеја?

Идејата се „роди“ од потребата пешачењата да бидат поинакви. Честопати знаевме да си кажеме дека би сакале да имаме можност да ги бележиме патеките коишто ги изминуваме додека пешачиме и да се трудиме да не ги повторуваме. Сакавме чекорите да оставаат некоја трага, а резултатот од чекорењето да не биде само бројка и потрошени калории. Ова беше една од најтешките функционалности за имплементација. Искрено, на почетокот ни беше тешко да ги одредиме правилата. Дали улицата која ќе ја поминеш по втор пат треба да се брои или не… Дали областа која ќе ја заобиколиш по втор пат е нешто што треба да ти даде дополнителни поени… Дали „кругот“ мора да се затвори во едно шетање или истото може да се направи и при следната прошетка. Како сето ова да се изведе без корисниците да мора да притиснат копче во апликацијата… Ова се само дел од прашањата кои си ги поставувавме при градење на функционалноста.

YourMoves има над 70 рути, како ги одбирате локациите? Има ли некоја рута што ви е омилена за пешачење?

Биравме патеки кои луѓето сонуваат да ги посетат, или по посетата, тешко ги забораваат, како на пример, Камино де Сантијаго, базниот камп на Еверест, Рутата 66, римскиот зид на Хадријан и градски прошетки и мостови. Сакавме да додадеме и некои наши, па затоа тука се и Водно до Милениумскиот крст, стариот град Охрид до Канео и патеката низ Матка. За „Ноќта на вештерките“ додадовме и две страшни – легендата за Sleepy Hollow и патот на Дракула. Ако мора да одбереме една омилена, веројатно би ја издвоиле рутата на брегот на Амалфи.

Најголем дел од апликациите собираат податоци, но YourMoves функционира целосно локално на уредот, без реклами и следење. Колкав предизвик е да се изгради софтвер со сите функции за споделување и лиги, и да се зачува нултата толеранција за нарушување на приватноста?

Искрено, предизвикот е навистина голем. Речиси целата апликација работи локално на телефонот, без споделување на податоци со сервер. Здравствените податоци и прошетките остануваат кај корисниците, апликацијата само чита од Apple Health и никогаш не запишува во него. Нема реклами, нема следење, нема корисничка сметка и лозинка. Единствен исклучок се функционалностите „Пријатели“ и „Лиги“, за кои корисникот пред да се приклучи, сам дозволува неговите чекори да бидат споделени. Во тој случај, на нашиот сервер се чува само она што е потребно за подиумот, како дневниот број чекори, избраното име, емоџи и опционално знаме. Никогаш локацијата, ниту други податоци од Health. Со напуштање на функционалноста „Пријатели“, се бришат сите податоци.

Што значи за вас мотото „мали работи, направени како што треба“ (Small things, done properly)?

 За нас, отсекогаш било од исклучителна важност да се посвети време и на најмалите детали. Оние кои ќе овозможат корисниците да го забележат квалитетот дури и кога не знаат да кажат што е тоа кое ја прави апликацијата посебна и различна. Целта е секој да може да ја користи YourMoves. Посебно горди сме на тоа што во верзијата 1.10.0 воведовме поддршка за луѓето коишто користат инвалидска количка. Возраста и видот не треба да бидат пречка, па затоа користењето на поголеми или подебели букви, бои и контраст кои одговараат на сечие око, гласовно читање на содржината на екранот и сл., се само дел од сѐ што направивме за подобра достапност при користење на апликацијата. Графиконите се интерактивни и љубопитните корисници можат да ги истражат дополнително, час по час. Почетниот екран е најважниот екран во апликацијата, па нудиме можност секој да си го прилагоди за своите потреби. Пред да пристигне во рацете на корисниците, апликацијата поминува комплетно автоматизирано и мануелно тестирање, со цел отстранување на дефекти.

Во три недели објавивте дури пет надградби (updates). Како изгледа вашиот процес на развој и како одлучувате кои функции одат следни во продукција?

Процесот за развој е многу сличен како и во една компанија. Имаме листа на задачи којашто се состои од:

  • нови идеи за развивање,
  • барања на корисниците,
  • грешки кои треба да се поправат.

На секоја од задачите ѝ назначуваме приоритет и верзија, а потоа неуморно работиме и се обидуваме да испорачуваме повеќе, чести надградби, кои некогаш содржат поголеми измени, или нови функционалности, а некогаш само закрпуваат некои мали дефекти кои сме забележале во меѓувреме. Сметаме дека моментумот е од особена важност за задржување на корисниците. Пред верзијата да се објави како достапна за корисниците, ја тестираме ние заедно со наши пријатели преку TestFlight, коишто ни споделуваат искрени забелешки и сугестии за сите нови и постоечки функционалности, а за тоа сме им неизмерно благодарни.

Колку хуморот и разиграноста (како вештерски капи и громови за Ноќта на вештерките) помагаат за одржување на конзистентни навики за пешачење?

Веруваме во тоа дека помагаат многу! Пример, доколку надминете некој од вашите рекорди, на екранот ви се појавува медал со натпис за новиот рекорд. На тоа најчесто му претходи една добро промислена анимација која ја прославува победата со вас. Од она што ни го кажуваат пријателите и корисниците, многумина намерно се обидуваат да соборат рекорд, само за да ја видат анимацијата. Тоа дополнително нѐ мотивира да додаваме вакви мали, „скриени“ моменти, затоа што сметаме дека секоја победа, дури и онаа најмалата, заслужува да биде забележана. Во следната верзија, 1.10.0, доаѓаат уште повеќе анимации кога ќе ја исполните дневната цел за чекори, на пример, во темата за Ноќта на вештерките, ќе можете да ги видите вештерката и нејзиното маче Midnight како прават почесен круг околу прстенот, летаат преку месечината и пукаат огномет.

Како го поставивте балансот помеѓу тоа што треба да биде достапно за сите и тоа што носи вредност за премиум корисниците?

Ова е една од потешките одлуки при развивање на апликација. Искрено, сакаме сѐ да направиме да биде достапно за секого, па токму затоа се потрудивме огромен број од функционалностите да бидат достапни и во бесплатната верзија. YourMoves+ е за оние кои сакаат да дознаат повеќе за своето пешачење, да бидат дел од клубовите на чекори и да имаат повеќе од тројца пријатели на подиумот. Во лига секој може да влезе бесплатно, а со YourMoves+ може да креира и свои.

Кои се следните поголеми функционалности што ги планирате за YourMoves во иднина?

 Многу наскоро, во следната верзија, доаѓаат две големи новости. Прва е можноста да се креираат лиги. Забележавме дека најчесто чекорите се споредуваат помеѓу група на корисници. Пример, колеги, семејство, пријатели од маалото, пријатели од теретана, пријатели со коишто трчате заедно и др. Така се појави идејата за креирање на лиги, коишто ви овозможуваат да ги споредувате вашите чекори на дневно, неделно и месечно ниво со останатите натпреварувачи од истата лига. Функционалноста е развиена и наскоро ќе биде достапна.Втората голема функционалност е режимот за лица кои користат инвалидска количка. Изработивме целосно поинакво искуство за нив, каде со помош на Apple Watch, апликацијата ги брои туркањата на количката, наместо чекорите. Дополнително, затоа што будно ги следиме сите новитети од Apple, веќе работиме на поддршка за новиот iPhone Duo, па така во една од следните верзии очекувајте YourMoves да нуди целосно ново корисничко искуство оптимизирано за овој модел.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед