Стартапи од Македонија, Црна Гора и Босна ги претставија своите бизнис идеи на првиот Demo Day

Во Скопје се одржа првиот интернацонален Dеmо Day на стартап-акселераторот SuperFounders, каде девет стартапи од Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ги претставија своите идеи пред експертите во надеж да добијат поддршка, менторство и секако финансии да ја реализираат идејата во бизнис. Иако некои од стартапите беа одлични во презентирањето, со добро осмислен бизнис план, сепак тоа што беше забележително е што скоро сите стартапи претставуваат идеи и концепти, и дали само два-три имаа всушност демо кое можеа да го покажат или тестираат.

Easy buy, Easy pay е стартап од Цетиње, Црна Гора, кој сака да го забрза времето на купување производи. Апликацијата е бар код читач на сите продукти кои ги нудат супер маркетите, со кој се скенира продуктот и се прави листа. Времето се скратува на каса каде продавачот не ги проследува сите купени продукти, туку само ја копира листата. Easy buy, Easy pay таргетира големите продавници и брендови, а на корисниците им нуди попусти за лојалност и промоции. Но, проблемот со апликацијата е што премногу им верува на луѓето, па продавачот секако ќе треба да провери дали продуктите во кесата одговараат на продуктите на листата.

m:Student е стартап од Бања Лука, Босна и Херцеговина, претставен од Ведрана Прелина, наменет за студенти кои можат да добијат информации од своите факултети. Ведрана Прелина вели дека нивната апликација се разликува по тоа што е лесна за персонализирање и лесна за користење, и aпликацијата e универзална за сите студенти од сите факултети, наместо секоја факултет да има своја апликација. Веќе имаат платформа за нотификации на факултет во Босна.

Наградата за најдобар стартап и наградата за најдобра презентација ја доби босанската Qorio. Еден од тројцата основачи, Данило Грбиќ, ја претстави Qorio како вокална музичка апликација од Босна и Херцеговина која им помага на ентузијасти и музички професионалци да се усовршат. Налик на кариоки апликации, кои само го помагаат пеењето, Qorio, наменета за iOS и Android под фримиум модел, сака да го подобри гласот на корисниците, користејќи статистика и податоци. За музичките професионалци апликацијата има опции за снимање и за сетирање на инструментите.

Aleksandra Fashion Design е студио од Босна и Херцеговина кое изработува рачно направени модни аксесоари, и кое, предводено од архитектката Александра Црнобрња-Иванковиќ, сака да ги продава своите продукти преку друштвените мрежи, пример Pinterest и краудфандинг. Нејзината идеја е всушност да ја брендира својата работа за која користи природни материјали, и да добие поддршка за да ја продава онлајн.

BikeSocket е македонски стартап на Игор Ѓуровски кој сака да обезбеди онлајн и офлајн платформа за електрични мотори и велосипеди со мотор. Идејата е да им се понуди на еко-свесните граѓани да ги најдат местата за полнење на електричните мотори, а бизнис планот е да се продаваат еднократни членства од 20 долари на индивидуални корисници и бизниси, кои за возврат ќе добијат услуга да ги најдат безбедните полначи на електрични мотори. Проблемот со BikeSocket е што јавните податоци сега се отвараат, па информациите за јавните полначи поставени од градовите ќе бидат достапни за сите, а истите може да се лоцираат и преку краудфандинг.

Sportigo на црногорските Midas Solutions е стартап кој ќе им овозможи на корисниците да организираат спортски настани. Индивидуален корисник или друштво ќе можат да креираат спорстки настан, но и да одберат место каде што ќе се одржи настанот. Местата за спорт можат да бидат јавни, и секако приватни кои се наплатуваат, пример за играње тенис, што е всушност и бизнис можност која стартапот сака да ја искористи.

Coordinate е македонски стартап на Мишко Самарџиевски, архитект кој сака да креира апликација за информирање, најавен како конкуренција за Flipboard, LinkedIn, дури и Facebook. Но, разликата е што ќе биде составен од книга, филм и апликација, и можеби ќе биде поврзана со Интернет на нештата, што засега звучи нејасно. Или барем беше така претставено.

ArtUP на Дејан Михаловиќ и Бојан Филиповски, е македонски старап кој сака да биде краудфандинг платформа за уметност. Идејата е да се понуди на уметниците и музичарите да закажуваат перформанси и тури со помош на фановите. Бизнис планот е да се заработува од процент на продадените билети за настани, но и од други извори.

Награда од публикатa ја доби Volcanic Riddles, која е едукациска гејминг платформа од Грција, со можност да се креираат игри за најмалите корисници меѓу 7 до 12 години. Стартапот, кој веќе тестирал демо, сака да го искористи фактот што 63 отсто од родителите веруваат дека едукациски игри можат да им користат на децата на рана возраст, па им нуди креирање на персонализирани HTML5 игри, достапни за сите платформи, кои можат да се креираат без знаење во програмирање.

Бонус презентација:

Специјалниот гостин на Demo Dаy, Марк Турел, кој е именуван како технолошки пионер од Светскиот економски форум во 2008-ма година, ја искористи можноста да им покаже на стартапите како всушност се пичува, па го претстави својот нов стартап. Се работи за апликација која ќе ви понуди мрежа на контакти за да се поврзете со луѓе во друга земја или индустрија. Пример, ако сакате да контактирате некој учител во друга земја, или правите анализи за пазари во други земји па барате експерт, ќе ви треба некој да ве поврзе со тие луѓе. Бизнис планот е да им се наплаќа за премиум корисниците и на бизниси. Засега нема готов продукт, ниту име и лого, но се работи на демото, вели Марк Тирел. Подолу е негов TED говор за вмрежување, за кое г. Тирел има огромно искуство, што наговестува од каде му дошла идејата за новата апликација.

[youtube]fq44gFuFi2k[/youtube]

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk