Starlink, амбициозниот проект за сателитски интернет на SpaceX, од јуни 2022 е достапен и во Македонија, овозможувајќи уште една алтернатива за сите кои се на локации кои не се доволно покриени.
Starlink е проект на Space X компанијата во сопственост на Илон Маск. Овозможува пристап на интернет сигнал во рурални средини кои вообичаено се далеку од каква било инфраструктура. За да биде достапен насекаде сигналот се пренесува со сателити кои се во ниска орбита. Целта на проектот не е да се заменат оптичките мрежи, туку да се безбеди брз и стабилен пристап во руралните и непристапни средини.
Ако ве интересира какво е искуството на корисниците, разговаравме со членот на форумот на IT.mk Godovic и со Виктор Ивановски, кои ги споделија своите лични искуства со услугата. Нивните приказни ни нудат одличен увид во тоа како Starlink не само што ги подобрува брзините на интернетот, туку и го надминува дигиталниот јаз во Македонија, овозможувајќи пристап до деловни можности и глобални комуникации како никогаш порано.
Накратко за цената и за претплатата
Минималниот пакет потребен за Starlink во Македонија чини 28 000 денари за хардверот и уште 1 380 денари за пакување и испорака.Цената на месечната претплата е 3 700 денари за фиксна адреса; 6 113 за регионален пристап; 13 800 за глобален пристап. Достапни се и приоритетни пакети кои се многу поскапи.
Цената и на харверот и на претплатата е значително пониска отколку пред една година.
Колку време го користите Starlink?
Godovic: Го користам една и пол година
Виктор Ивановски: Старлинк го користам 5-6 месеци
Какво беше вашето искуство со порачката, чекањето и местењето на опремата?
Godovic: Искуство со нарачката изненадувачки едноставно. Од кога ќе платиш, после некоја недела го пратија по DHL, очекувано, зошто имаше листа за чекање – прв дојден – прв услужен, и кога пристигна очекував дополнителен трошок за царина. Меѓутоа не, сумата што беше на веб-страната е крајна, со сите попатни давачки.
Местењето беше „боза“. Имавме скоро рамен кров. За монтажа го искоростив нивниот држач за рамна подлога кој е во форма на X. На краевите од секој крак има отвори, и тука го прицврстив со 4 штрафа – на секој крак од постољето Х.
Антената сама се позиционира. Битно е да е отворен просторот – небото према север. Да нема дрва или високи згради. Тука малку се изненадив, зошто ТВ сателитските антени ни се завртени према југ, нам, кои сме на северна хемисвера. Воглавном антената е многу малку насочена на север, „гледа“ нагоре, меѓутоа, по потреба се врти да улови сателити. На апликацијата на мобилен телефон, убаво се гледа дали има опструкции, па према тоа, ако има потреба ќе ја релоцирам – кај мене беше од „прва“ супер. Инаку јас порачав дополнителен мрежен адаптер, кој не доаѓа со пакетот. Практично, без тој мрежен адаптер добиваш хотспот. Ако сакаш лан мрежа да рашириш мора да се докупи мрежен адаптер.
Цените се јавни на опремата и може да има промени – па затоа не ги пишувам.
Виктор Ивановски: Порачката беше стандардна, како што беше пишано на страницата, така се случи, немав проблеми на царина или слично со доцнење.
Која е брзината на Starlink во Македонија. Колку сте задоволни (ако имате искуство со други оператори може да го споредите и тоа)
Godovic: Брзината е солидна. Најчесто повеќе од 200 мегабита download, и најчесто е околу 100 мегабита upload. Не е константна, некогаш е на пола, ама многу ретко. Да речеме неколку часа во неделата.
Да бидам појасен. Да се одлучиме за Старлинк беше нужно на локацијата каде што едвај имавме 4G покриеност. Да бидам искрен сакав да проверам и како работи.
Виктор Ивановски: Задоволен сум повеќе отколку од локалните оператори. Јас живеам во Соње кај што нема добар интернет (по 20kbps на добри денови). Ова е единствената опција за добар интернет за мене. Во секој случај е добра опција.
Имавте ли потреба од поддршка, и ако да како функционира корисничката поддршка?
Godovic: Немав потреба, едноставно работи.
Виктор Ивановски: Не сум имал и не знам како работи техничка поддршка, само ќе кажам при купување луѓе да си купат Ethernet кабел од продавницата. Пакетите доаѓаат само со рутер и антена. Исто така, доколку немате идеа кај да ги поставите, држачи за антени се добар избор. Сите овие треба да се купат посебно. Мене ми е монтиран Старлинкот на оџак, со некоја макешифт конструкција да го држи. Самата чинија мора да има директен пристап до небо (независно облачно или не) за да може да се конектира до сателитите
Кои се недостатоците на Starlink од Македонија?
Godovic: Па недостатоци во Македонија, воројатно како и секаде во светот. Ние, мислам дека ги добиваме истите услови како и повеќето и истиот квалитет. Не гледам некои посебни недостатоци, освен ако не си свесен кога порачуваш Старлинк што да очекуваш. Замена за оптика не е.
Виктор Ивановски: Најголем недостаток е што нема директ purchase и сè мора да се купи онлине. Мене лично не ми менува многу, но кога има локален центар, полесно доаѓа се купува производот.
Сумарно, дали вреди Starlink и зошто да/не?
Godovic: Дали вреди? Пак ќе кажам вие сте на локација каде што треба да работите 8 часа дневно, и немате друга опција. Да, за мене вреди, за неколку колеги околу мене исто така. Мобилните оператори нудеа многу поскапи решенија да ни донесат интернет. Веројатно во Скопје, не вреди :)
Има нели и роаминг опција, што е поскапа, каде што можеш да ја шеташ антената со тебе. Викендица, кампер итн итн. Веројатно и во Македонија има таква целна група. Јас бев најмногу љубопитен. И ми се пружи шанса да го користам.
Zdravo. Dali moze nekoj dame informira kako mozam da bidam korisnik na starlink. Kade treba dase javim. Koja firma ravoti so starlink internet