Законот за е-отпад конечно ќе го регулира справувањето со старата и отфрлена опрема од домаќинствата и индустријата. Најавен уште во август лани, сега Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема доби и зелено светло од Собранието на Р. Македонија.
„Повеќе нема да може да се фрлаат старите уреди заедно со останатиот комунален отпад, туку ќе се постават соодветни локации за нивно оставање. Вакви пунктови ќе има поставено низ целата држава и секој бесплатно ќе може да се ослободи од стариот уред (предвидено е да има по еден пункт на секои 30.000 жители).“, вели Елена Игнатова од Фондација Метаморфозис, која е координатор на проектот „Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад“.
Законот за е-отпад (.pdf) ќе подразбира информирање на граѓаните и компаниите како да се справат со отпадот, воспоставување на подобри стандарди за заштита на животната средина и рециклирање, забрана за токсични супстанци и соодветно справување со нив, и правилно означување на опреамата за да може да се сортира одделено од комуналниот отпад.
„Дополнително сите производители (тука спаѓаат и увозниците и продавачите) на електрична и електронска опрема ќе мора да понудат механизам за собирање и ослободување на старите уреди за своите муштерии. Односно при секој продаден производ ќе имаат обврска да го земат назад стариот уред.“, вели Елена.
Овој закон ќе го регулира секторот за собирање на е-отпад, односно ќе се направи регистар на сите компании кои имаат дозвола за собирање и со сигурност ќе го третираат на правилен начин. Дел од тие компании може да се погледнат и на овој линк.