Идејата на Google да ја спои друштвената мрежа во пребарувањето, иако беше очекувана, предизвика лавина негодувања, критики и прашања за дали е ова обид да се угуши конкуренцијата, и дали вака се поставува монопол врз пребарувањето? Причината е секако персонализирање на пребарувањето со вклучување на личните информации од Google+, но не и тие на другите друштвени мрежи.
Најголемите критики дојдоа од Twitter, кој иако е поинакво поставена друштвена мрежа од Google Plus, сепак е нивен конкурент. Twitter излезе со официјална изјава во кое вели дека Google треба да се грижи за релевантните резултати.
„Со години наназад, луѓето очекуваа од Google да им достави најрелевантни резултати во било кое време за да најдат нешто на Интернет. Често, тие сакаат да дознаат за светските настани и моменталните случувања. Twitter се истакна како важен извор на информации во реално време со над 100 милиони корисници кои споделуваат 250 милиони твитови секој ден на буквално секоја тема. Како што видовме безброј пати, вестите првин се појавуваа на Twitter, што значи профилите на Twitter се најрелевантните резултати.
Загрижени сме дека, како резултат од промените на Google, овие информации ќе бидат потешки да се најдат за сите. Мислиме дека ова е лошо за луѓето, издавачите, медиумите и Twitter корисниците.“
Иако Facebook не сакаше да го коментира персонализирањето на пребарувањето, што сигурно не му е сеедно бидејќи Google+ сега ќе е попривлечен за брендовите и корисниците, на Twitter во критиките кон Google му се приклучија многу влијателни блогери. Поранешен уредник на влијателниот TechCrunch, МГ Суглер, вели дека монополот на Google во пребарувањето е сосема во ред бидејќи е подобар од сите други, но тоа не значи дека треба да се злоупотреби позицијата.
„Но, кога ќе го искористите природниот монопол и почнете да го туркате во други вертикали, работите стануваат сиви. Патувања, рецензии на ресторани, итн. , итн. Гледаме се повече од ова секоја година.“, вели г. Сиглер на својот блог.
Google му одговори на Twitter со краток пост во кој велат дека се изненадени од критиките бидејќи Twitter е тој што одбил да ја продолжат соработката со кој твитови се прикажуваа во резултатите на Google.
Персонализирањето на пребарувањето ќе продолжи да биде тема на дискусија и во наредните денови, и најверојатно овие расправии меѓу Twitter и Google можеби ќе значат за промена на соработките. Дa не заборавиме, Facebook соработува со Microsoft за да се прикажуваат јавни податоци како резултати на Bing. Но, пребарувачот на Microsoft e џуџе во споредба со џиновското влијание на Google.
Според Џон Бател, новинар на Wired и ко-основач на Web 2.0 конференцијата, проблемот лежи во тоа што друштвените мрежи себично си ги штитат корисниците. Пример, Facebook информациите не се јавни и не се достапни за „кравлерите“ на Google. Иако Google изјави дека во иднина би соработувале со другите мрежи за да понудат, г. Бател вели дека тоа ќе се случи кога „пеколот ќе замрзне“.
„Google не успеа да обезбеди договор за податоци и со Twitter и со Facebook. Се сомневам дека ќе се обидат повторно, иако би сакал да се случи тоа. Наместо тоа, ние сега го имаме задлабочениот тренд на секој од Големата петторка на Интернет која се обидува да биде Сите нешта за Сите луѓе, креирајќи Свет што ако го користите ексклузивно никош нема да мора да го напуштите.“
Можно е во проценка на какво влијание ќе има персонализирањето на пребарувањето на Google да се вмешаат и властите против монополизација на пазарот.
