Display Network на Google е збир од веб-сајтови, апликации и платформи кои им прикажуваат реклами на корисниците. Овие реклами се сервираат од страна на платформата Google Ads, и можат да таргетираат специфична публика врз основа на различни фактори, на пример демографија, интереси и локација. Кога корисникот посетува веб-сајт или користи апликација која припаѓа на Display Network, Google Ads се обидува да најде и да сервира реклама која е релевантна за корисникот и за содржината на страницата или апликацијата. Доколку најде релевантна реклама, таа ќе се прикаже на страницата или апликацијата. Ако корисникот кликне на рекламата, ќе биде однесен директно на веб-сајтот на огласувачот или на лендинг страница каде што може да се информира за производот или услугата која се рекламира. Надвор од интернет не постои сличен пандан на Display Network. Кога би постоел ќе треба да биде серија на динамички креирани билборди и со неа ќе управува единствена компанија.
Платформата ја користат над 2 милиони веб-сајтови и непознат, иако веројатно огромен број на мобилни апликации. Во 2021 година Google Ads заработил 209,49 милијарди долари. Google Display Network е достапна во над 200 држави и има милиони корисници. Практично секој корисник од листата држави каде е поддржан Display Network може да поднесе барање да биде дел од оваа мрежа. Штом барањето добие потврден одговор, компанијата или индивидуата стануваат издавач на Google Display Network.
Со статусот, издавачите добиваат и идентификатор. Идентификаторот е уникатен, но Google овозможува еден корисник или компанија да поседуваат повеќе идентификатори. Ако сака корисникот овој идентификатор може да го користи и за сите веб-сајтови, сервиси и апликации кои ги издава. Дел од издавачите имаат и стотици страници под ист идентификатор. За жал покрај легитимните корисници на листата страници и апликации кои нудат простор за огласување има и такви кои огласите ги објавуваат до илегална или несоодветна содржина. Најголем дел од оваа содржина е порнографија, насилство или пиратирани филмови, софтвер или видеоигри. Во најлош случај за огласувачите, рекламниот простор е лажен и наместо да бидат прегледани од вистински посетители, плаќаат за лажна публика.
Како функционира Display Network?
Секој сопственик на веб-сајтови кои се дел од Display Network поседува уникатен идентификатор со кој се идентификува во мрежата. Идентификаторот не е врзан за веб-сајт, туку може да се користи на сите страници кои се во негова сопственост. Тој е и своевидна потврда со која Google Display Network дозволува објавување на реклами на овие сајтови.
Секогаш кога некој ќе пристапи на веб-страница, страницата испраќа повик до Google Ads. Во ова барање за реклами, се испраќа и идентификаторот. Врз база на куп податоци за корисникот и за страницата, вештачката интелигенција на Google ја избира најсоодветната реклами и ја праќа назад на страницата.
Проблеми поради недоволна транспарентност
Идентификаторите преку изборот на веб-сајтови треба да им овозможат и на огласувачите да одредат на која содржина сакаат да се прикажуваат реклами, а на кои не. За жал најголем дел од страниците се објавени како „доверливи“ и во „sellers.json“ се достапни единствено со идентификаторот. Дополнително не постои начин на кој некој издавач може да биде блокиран во целост.
Неодамнешното истражување на ProPublica открива дека од 1,3 милиони ID на листата на Google, 76,7% се „доверливи“, и со самото тоа се анонимни. Од целата листа само 23% е поврзана со име или со име на компанија. Дури помалку, 11% се со домен на организациите. Листата која ја споделува Google е бескорисна без податоци како име на личноста и компанијата кои се поврзани со идентификаторот и домените на кои ќе бидат објавени рекламите. Практично како да гледате телефонски броеви без да го знаете името.
Google веќе е обвинет дека оваа практика им овозможува на странски компании како дел од рекламирањето да купуваат податоци од американските граѓани. Дополнително ова овозможува милијарди долари да завршуваат во непознати раце низ целиот свет.
Conservative Beaver, лажни вести и „отстранување“ од Display Network
Во 2021-ва година страницата Conservative Beaver беше отстранета поради куп лажни вести. Објавуваа за тоа како Барак Обама е уапсен за шпионажа; Папата е уапсен поради поседување на детска порнографија и куп други невистини. Сајтот се финансираше од реклами кои Google Display Network му ги презентираше на секој посетител.
Најпрво сопственикот на страницата доби закана за тужба за клевета од Pfizer. Потоа, поради протести на јавноста, дел од огласувачите побараа, а Google ги отстрани рекламите. Сајтот веќе е недостапен, но неговиот сопственик и натаму заработува од реклами со истиот идентификатор.
Сопственик на Conservative Beaver Марк Слапински, сега објавува на Toronto 99 е . Благодарение на анонимноста, Марк воопшто не мораше да побара повторно да биде вклучен на платформата. Наместо ова, само направи нова веб-страница и продолжи. За волја на вистината, вестите на новата страница се поумерени. Самиот овој пат тврди дека не објавува лажна содржина и има строго дефинирани стандарди на уредување.
Проблемите на завршуваат со финансирање на лажни вести
Поголем проблем од финансирањето на лажните вести е овозможувањето на креирање на листи податоци за милиони корисници. Огласувачите преку Google Display Network добиваат пристап до куп податоци за посетителите. Ова во комбинација со други идентификатори е моќна алатка за рекламирање, за жал може и да ги открие посетителите.
Често парите од реклами завршуваат во „раце“ на компании и луѓе кои според правилата за користење на Google Ads се несоодветни. На пример Google има забрана за рекламирање на оружје, но огласувачите и натаму успеваат да пронајдат начин да ги испорачаат овие реклами. Секако на крајот Google заработува од овие реклами.
Понекогаш средствата од рекламните кампањи одат на непознати локации
Од рекламна кампања вредна 1 милион долари, дури 100.000 долари беа потрошени на анонимни локации. Ако помисливте 10% од парите и не се премногу, во анализата од кампањата „непознато“ беше на второто место со 50 милиони импресии. На прво место во оваа кампањата со 53,4 милиони импресии беше Yahoo. Секако овие 10 анонимни проценти не се анонимни за сите. Google знае каде треба да префрли пари за огласите, издавачите знаат за кои кампањи пристигнале пари. Единствени кои не знаат каде отишле парите се огласувачите.
„Претставниците на Google се обучени да ги убедат огласувачите дека „непознатите“ не се премногу важни. Тие го минимизираат присуството на анонимни веб-страници со следните аргументи:
Не грижете се! Непознатите домени се само мал % од вкупниот пласман на реклами.
Поставувањата на реклами на непознати домени се толку малку, што дури и не вреди да ви ја дадеме статистиката.
Дали сте сигурни дека сакате да ситничарите за овие податоци? Има многу други работи што би можеле да ги направите за да ја оптимизирате вашата кампања.“, пишува CheckMyAds.
Огласувачите ќе пронајдат начин
Google Ads не дозволува објава за огнено оружје на веб-сајтовите кои се дел од Google Display Network. Сепак, производителите и продавачите на оружје се слободни да ги користат алатките на Google на берзите за реклами кои дозволуваат рекламирање на оружје. Огласувачите користат Floodlight и spotlight за да ги следат посетителите и да им прикажат реклами кои се соодветни за нив.
Google дозволува повторно таргетирање за реклами за оружје кога тие се поставени преку некој од неговите партнери за размена на реклами и завршуваат на веб-страница што прифаќа реклами за оружје. Истражувањето на ProPublica откри реклами и на повеќе сајтови на кои се споделува експлицитна содржина. На Sexlexikon.net, iSexyChat и Female Prison Pals се споделуваат реклами веднаш до несоодветни фотографии или текст. Некои огласувачи можеби и нема да имаат проблем со ова, но ниту еден огласувач нема да дознае на кои се страни се прикажуваат неговите реклами. Забраните главно се реактивни и се поднесуваат дури откако Google ќе поднесе листа на која се гледа каде биле објавени реклами. Секако ако овие објави не се во ставката „непознато“…
Дел од експертите веќе го обвинуваат Google дека намерно дозволува пропусти во системот за рекламирање, бидејќи му овозможуваат да заработи повеќе.
Истражувањето на ProPublica
Во истрагата ProPublica анализирала над 7 милиони веб-сајтови во обид да ја откријат тајноста зад Google рекламирањето. На крај тимот на ProPublica успеа да открие над 70 отсто од продавачите на рекламен простор, што е најголем ваков сет на податоци.
Напишавме илјадници линии код и скениравме повеќе од 7 милиони домени на веб-локации во потрага по рекламни активности на Google. Одбравме и анализиравме податоци за уште милиони домени од десетици партнери за податоци и разговаравме со некои од најпознатите експерти за бизнисот со за прикажување на реклами на Google.
Истражувачите успеаја да откријат 900 000 од профилите во „sellers.json“, кои се поврзани со над 5 милиони сајтови. Над 380 000 и натаму остануваат мистерија, или можеби се наменети за мобилни апликации.
Покрај куп релевантни сајтови и апликации, рекламите се појавуваат и на различни извори на дезинформации, страници со експлицитна содржина, пиратска содржина…
Во текот на истрагата тимот на ProPublica открил дека системот е толку таинствен и комплексен што откривањето како функционира, и каде се праќаат парите е речиси невозможно. Компанијата и понатаму тврди дека не дозволува објавување на реклами до пиратска содржина и порнографија.
Во истрагата е откриена бугарска компанија која на пиратски сајтови со над 1 милијарда посетители месечно им овозможува да заработат од Google огласувањата.
Милиони долари залудно потрошени на бугарскиот сајт PapayAds
Пред една година Fortune 500 компанија започна со кампања вредна повеќе милиони долари. Целта на кампањата беше да стигне до компании во САД преку сајтови и апликации од Google Display Network.
Google ја испорача рекламата над 1,3 билиони пати, на над 150.000 сајтови и апликации. Најголем дел од рекламите, над 49 милиони, дојдоа на страницата PapayAds. Ова е сајт на компанија со еден вработен регистрирана во Бугарија. Сајтот има единствено една страница, и ветување за издавачите дека ќе биде зголемена нивната заработка. Со единствено едно место за објавување на реклами изгледа неверојатно дека е легитимен начинот на кој страницата доаѓа до посетители.
Се чини дека PapayAds и не е локацијата на која дошле посетителите. Самиот директор на PapayAds, Андреа Де Донатис вели дека 49 милиони посети се неверојатни, а ниту парите од овие реклами никогаш не биле префрлени на сметка. Де Донатис сепак е дел од измама.
PapayAds посредува кај над 679 издавачи како нивен Google Ads партнер. Сите овие страници го користат идентификаторот на PapayAds за испорачување на реклами. Сервисот всушност испорачува реклами до веб-страници кои објавуваат пиратирана содржина. Речиси сите клиенти објавуваат пиратирани јапонски и корејски стрипови. Google сите реклами од овој случај ги внел под една ставка PapayAds. Google инаку не дозволува објавување на реклами до пиратска содржина и хентаи стрипови.
„Обезбедувам единствено ИТ-технологија. Не мислам дека правев нешто погрешно“, вели основачот на PapayAds, Андреа Де Донатис.
Иако самиот негира дека користи ботови, компанијата Pixalate откри дека дел од сообраќајот доаѓа и од ботови кои генерираат лажен сообраќај.
Бугарската компанија не е единствениот виновник
PapayAds бил начин како овие страници да дојдат до реклами, но не се единствен виновник. Google ја открил измамата порано, но продолжил да испорачува реклами до страниците со пиратска содржина.
Дури и денес на урлата на страниците активно се доставуваат Google реклами. ProPublica по случаен избор избра 50 од 650 страници на кои PapayAds испорачувале реклами. На 34 од 50 биле испорачани реклами за неименуваната Fortune 500 компанија. Сите 50 до неодамна испорачувале Google реклами. Само во септември овие 50 страници имале над 750 милиони посети.
Де Донатис овозможува поставување на реклами, но се чини дека на страниците не им е потребна дополнителна помош. Над 90% од овие сајтови имаат Google Ads уште пред да дојдат на PapayAds.
Сите конкуренти се потранспарентни
За разлика од Google кај кој само 11% од имињата на страниците и апликациите се јавно објавени конкурентите се значително потранспарентни. Во случајот на Yahoo јавно објавени се 99,8% од имињата на издавачите или домените. Kaj PubMatic оваа бројка е 99,9%. Magnite и OpenX се 100% транспарентни кога овие податоци се во прашање.
Недостатокот на транспарентност кај Google дел од експертите веќе го прогласуваат како безбедносен проблем. Американски сенатори ја обвинуваат компанијата дека споделуваат податоци за американските граѓани со странски партнери кои се дел од мрежата за рекламирање.
Промените се бавни и многу бавни
Google започна со промени пред неколку години, но засега нема показатели кои можат да донесат некаков оптимизам. Пред две години во 2020 имаше 5% клиенти кои беа јавно објавени. Две години подоцна оваа бројка едвај успеа да надмине 11%.
Наместо акција, Google во овој случај нуди изговори. Компанијата тврди дека e потребно да се изработи нова документација, да се спроведе тренирање, па и да се контактираат сите клиенти. Дополнително ако сите издавачи бидат принудени да објават податоци за лицата и компаниите кои се поврзани со идентификаторите би можело да има и ризици по приватноста и безбедноста.