Хрватската компанија за трговија со криптовалути BitLucky успеала да ги олесни своите клиенти за 15 милиони евра. Ова е најголема крипто измама во Хрватска досега, а основачите на компанијата се во бегство. Во регионот, по црногорската авантура на кралот на крипто валутите До Квон, сега е на ред критпо
Овој хрватски проект имаше ветување дека ќе обезбеди месечни повратни инвестиции од 5 до 25%.
„Ќе се обидеме да санираме дел од штетите и да ја направиме ситуацијата подобра одошто е досега“, вели Марко Приморац, министер за финансии на Хрватска.
Што е BitLucky?
BitLucky е основана во Ријека во 2017-та година од страна на Лука Буразер. Компанијата во име на своите клиенти тргуваше со криптовалути на централизирани берзи. Според она што им го ветуваа на своите корисници, вложуваа максимум 20% од нивниот влог, а останатите средства беа безбедни во „cold“ и „hot“ паричници. Ова требаше да обезбеди BitLucky и влоговите на клиентите да бидат безбедни од преголеми загуби.
Веројатно поголемо изненадување е што со начинот на работа кој го имала компанијата работела добро до пред крајот на минатата година. Оттогаш поради низа погрешни инвестиции, започнуваат „главоболките“ и за BitLucky и за нејзините клиенти. Проблемите вешто биле криени од инвеститорите, и компанијата продолжи да работи до средината на мај. На 20-ти мај за прв пат се појави веста дека BitLucky повеќе нема пари. Заедно со ова исчезна и официјалниот Discord канал, но и основачот на BitLucky.
Последната порака од Лука за клиентите дојде на нивната имејл адреса:
„Почитувани клиенти,
За жал поради низа лоши тргувања и одлуки, ја доведов компанијата во криза. Во следните денови ќе има повеќе податоци. Достапни сме на телефон.
Лука Буразер“.
Заедно со оваа порака исчезнаа сите негови профили од друштвените мрежи. Речиси истовремено од друштвените мрежи исчезна и неговиот помошник Еуген Траваљ. Kriptovjesti успеа да го пронајде Траваљ, кој изјави дека морале да се скријат на безбедно да видат што ќе направат со инвеститорите.
Првичната проценка беше дека од 700 клиенти на компанијата се проневерени 70 милиони евра. Сепак, група инвеститори за Netokracija потврди дека станува збор за значително помала сума, која изнесува околу 15 милиони евра. Причина за огромната разлика во двете суми се драстичните волатилни цени на крипто валутите. Според моменталната цена, клиентите се оштетени за 70 милиони евра. Според вредноста на инвестираните средства оваа бројка е 15 милиони.
BitLucky не е регистриран за крипто-инвестиции
Компанијата основана во 2017 во ниту еден момент не била регистрирана да понуди инвестирање во крипто-средства. Хрватската агенција за надзор на финансиски услуги (HANFA) објави дека поради ова не е веројатно дека клиентите ќе ги добијат парите назад.
„BitLucky не е регистриран во Судскиот регистар за дејности за размена на виртуелни и фидуцијарни валути, ниту пак за услугата паричник, поради ова BitLucky не е на листата на HANFA“.
Според пописот од 2020 година, само 18 компании имаат дозвола да се занимаваат со размена на виртуелни и фидуцијарни валути. На оваа листа ја нема BitLucky.
Сите работат добро во „Bull“-маркет
Лука Буразер во крипто круговите во Хрватска важел за врвен аналитичар и познавач на крипто светот. Неговите видео анализи ги следеле хрватските крипто-ентузијасти. Денес дел од експертите, согледувајќи ги последните случувања со проектот, се сомневаат дали неговата репутација е вистинита и заслужена…
За да може да функционира BitLucky, Лука не само што требал да ја познава состојбата на пазарот, туку требало да биде безгрешен. Во текот на целата инвестиција не му била дозволена речиси никаква грешка. Ова не било проблем во период во кој криптовалутите вртоглаво растеа, но ситуацијата се промени во периодот на падови на криптовалутите.
Уште со самото основање на BitLucky, Лука беше обвинуван дека станува збор за пирамидална измама. Бизнис ангел инвеститорот Хрвоје Прпиќ, е еден од првите на кои компанијата и бизнис моделот им беа сомнителни. Кога побарал објаснување зошто бизнисот не е понзи измама, добил одговор дека секој месец испраќа извештаи. Ситуацијата со инвестираните куни и тогаш била лоша, но Ether и Bitcoin имале раст до 300-400%. Лука ветувал дека и ситуацијата со инвестираните куни ќе го следи овој тренд во иднина.
Дел од инвеститорите се изненадени колку долго компанијата работела успешно со оглед на тоа дека BitLucky имал нереални ветувања за крипто пазарот.
„Траеше подолго отколку што очекувавме“, вели еден од инвеститорите.
Криптовалутите не се забранети ама…
Хрватска не забранува трговија и плаќање со крипто валути. Државата го нема регулирано овој пазар, иако граѓаните треба да платат данок во зависност од тоа како се здобиле со криптовалути. Хрватскиот гувернер на Народната банка потсети дека и во минатото предупредиле дека пазарот не е регулиран, па потребна е исклучителна претпазливост.
„Јасно кажавме, ако одите на овој пазар, бидете подготвени дека влогот со кој влегувате може да го изгубите“, вели Борис Вујиќ гувернер на ХНБ.
Лука е во бегство
Откако го „снема“ официјалниот Discord канал на BitLucky инвеститорите се организираа и креираа сопствен канал. Тука се собираа оштетените клиенти од компанијата. Против BitLucky е поднесена пријава до Интерпол, Канцеларијата на хрватскиот обвинител и полицијата. Главни осомничени се Лука Буразер и Еуген Траваљ.
Засега нема вести за нивно пронаоѓање, ниту како планираат да ги обештетат своите инвеститори…