4 коментари 4 мин. читање

Што вели Европа зa информатичкото општество во Македонија?

Кога е Европската Унија во прашање, Македонија останува на статус-кво. Земјата оди чекор-по-чекор во исполнување на препораките за членство во Унијата, но, според извештајот од Комисијата за октомври 2012 до септември 2013 година , треба уште многу да се работи, од поправање на судството, спречување на корупцијата, раст на економијата и почитување на човековото право, до ослободување на медиумите, развивање на ИТ општество и спречување на сајбер-криминалот. Последните теми се најважни за нашиот интерес како медиум за технологија.

Во извештајот за информатичкото општество и медиумите, кој може да се најде на 28-мата страна, се вели дека има напредок во оваа област со имплементирање на нови закони за електронска комуникација кои се според препораките на ЕУ. Се споменува дека Агенцијата за електронски комуникации има развиено систем за примање поплаки од корисниците за заштита на нивното право, но „загрижувачки“ е што АЕК троши пари на други работи наместо за развој на електронските комуникации.

Има напредок во претставување на интернет услуги, пример е-Влада услуги, кои треба да им помогнат на компаниите да ги користат онлајн каналите, а се спомнува дека се започнати и подготовките за либерализација на интернет домените, како и склопување на орган кој ќе се грижи за компјутерски инциденти, т.е. пробивања на системи. Е-трговијата сè уште е ограничена. Во делот за безбедноста на личните податоци, страна 46, се вели дека Дирекцијата за заштита на податоци имала двојно повеќе инспекции во 2012-та година, вкупно 299, додека имало 56 поплаки, наспроти 87 во 2011-та година.

„Различните медиуми, посебно интернет медиумите, не го почитуваат правото за приватност на индивидуалците.“

Повторно има забелешка дека е одложено претставувањето на бројот 112 кој се користи во цела Европа како единствен број за за итни повици. Комисијата вели дека на Министерството за информатичко општество и администрација му фали повеќе персонал. Пенетрацијата на фиксниот широко-појасен интернет во Македонија зафаќаа 14,4 отсто од популацијата, што е далеку зад Европскиот стандард од 28,2 отсто.

Онлајн медиуми и блогови

Европската Комисија ги искритикува властите во селективното рекламирање во медиуми, за кое вели дека ги поддржува про-владините медиуми. Како што телевизиите и весниците се адаптират на дигиталната ера, ова станува сериозен проблем во развивање на онлајн медиумите. Иако на Веб блоговите, друштвените мрежи и форумите се додаваат на дебатите, сепак новиот Закон за медиуми им ја ограничува можноста на блоговите да станат и релевантни извори кои ќе заработуваат од својата содржина, бидејќи во тој случај државата законски ќе ги регулира како и медиумите.

Во извештајот се вели дека има „загриженост“ за независноста на Агенцијата за медиуми, која е предвидена со новиот закон, иако нејзината цел е да ја штити слободата на медиумите и плурализмот.

Сајбер-криминал

Комисијата го искоментира и сајбер-криминалот, велејќи дека Македонија уште во 2004-та и 2005-а ги има ратификувано протоколите за спречување на сајбер-криминалот и казнување на активностите кои вклучуваат споделување детска порнографија, развивање на вируси и злонамерен софтвер, сајбер измами и малтретирања, DDoS напади, фишинг и кражба на идентитет. Од 2010-та постои Единица за сајбер-криминал, во 2012-та година беше донесена одлука за стартување на CERT тим, а на почетокот на 2013-та година е воведена програма за заштита на децата од нелегалните активности на интернет. Македонија е напредната во борбата против сајбер и организираниот криминал и полициската соработка.

Заклучок

Според извештајот на Европската Комисија, Македонија е далеку зад европските земји. Ова не е нешто што не го знаевме, но е штета да се чита и повторува постојано. Има мали напредоци во сите области, но тие се основни чекори и не водат преспоро до целта – влегување во Европската Унија. Земете го за пример научното истражување кое стагнира на 0,20% од БДП. Секако, има напредок во воведување на легислативи, закони и разни програми, но тоа што фали е адаптација, почитување на тие закони и активност кон подобрување на работите.

Што се однесува до ИТ областите, Македонија не е „земја на информатичари“.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

4 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top