#SheCodes: Матеа Недкова – QA и Support инженер

#SheCodes е серијал на интервјуа на IT.mk во соработка со Adeva и Female Bootcamp. Female Bootcamp е првиот bootcamp за развивање на ИТ вештини за жени во Македонија, со цел развивање на дискусија и промоција на ИТ секторот пред жени кои што се заинтересирани за пристап во индустријата.


Име: Матеа Недкова
Едукација: Дипломиран електро инженер по Информатика и Компјутерско Инженерство на ФИНКИ
Технологии/Алатки со кои работиш: Selenium (web driver – C#), Visual Studio, Team Foundation Server, jMeter, SQL Management Studio
Работно место: Support and Quality Assurance Engineer and Team Coordinator во Nextsense

 Во неколку зборови претстави се на публиката, која е Матеа Недкова?

Јас сум QA и Support инженер, Тим координатор во Nextsense, каде што работам веќе речиси 5 години. Инаку, дипломирав на ФИНКИ, на смерот Информатика и Компјутерско Инженерство, и дел сум од првата генерација на големи ентузијасти и амбициозни студенти кога се формираше овој факултет.

По природа сум динамична и сакам да си поставувам големи предизвици пред себе. Не се плашам од вложување, посветеност, напорна работа ниту од предизвици кои се чинат навидум недостижни. Пред крајот на средношколските денови во Корчагин, кога размислував каде да го продолжам моето студирање, многумина ме разубедуваа да не се запишувам на ФИНКИ (тогашно ФЕИТ) поради тоа што не е тоа женска професија (како што умеат да кажат). Подоцна, се појави дилемата дали новоформираниот факултет ФИНКИ ќе стане вистинскиот избор за продолжување на студиите.

Од денешна гледна точка, задоволна сум што сум останала доследна на своите гледишта и ставови и што припаѓам во групата поддржувачи на фактот дека стереотипите и предрасудите за девојките во ИТ индустријата не треба да постојат.

Како се одлучи за кариера во ИТ индустријата? Дали ја избра оваа кариера поради практични, финансиски причини, или пак нешто сосема друго?
Отсекогаш ги сакав “логичките” предмети, имав голема желба за математика и физика. Во текот на студиите одлучив дека не се пронаоѓам целосно во улогата на developer, но затоа предноста на техничките факултети е тоа што нудат многу можности за кариерен раст и развој во различни насоки.

Сакав да градам кариера што ќе ме исполнува и ќе ми причинува задоволство да станам рано наутро за на работа, професија што ќе прилега на мојот карактер. Да биде од една страна креативна, а од друга страна професија со која ќе можам да ги истакнам своите персонални карактеристики како посветеност, внимание за детали и желба да креирам нешто што е квалитетно и од значење.

Таквата можност ја добив токму во Nextsense. Во почетокот кога започнав да работам како QA инженер, таа професија беше во своите зачетоци, во период кога започнуваше поактивната потреба од QA кадар во ИТ фирмите низ Македонија.

Голем предизвик гледав во можноста да започнам да истражувам и работам нешто ново, нешто недоволно познато на пазарот. Признавам, тој процес не беше воопшто лесен и едноставен. Со голема истрајност, посветеност и упорност, како и со помош на несебичната поддршка која ја добивам од поискусните колеги во Nextsense, со кои и ден денес успешно соработуваме, го постигнав нивото каде што сум сега.

Што прави Матеа кога не програмира?

Напорот од секојдневните задачи и обврски нè прават да се чувствуваме исцрпено, без енергија, па затоа пилатесот е мојот прв избор за “полнење на батериите”. Веќе 12 години континуирано вежбам во Powerhouse Pilates и постојано се обидувам да ги мотивирам блиските околу мене да го практикуваат спортувањето, со цел да ја регенерираат својата енергијата и да се чувствуваат исполнето.

Во зимските денови уживам во скијањето. Верувам дека бев една од ретките која се радуваше на мартовскиот снег кој нѐ изненади годинава.

Кога времето е убаво сакам да го поминувам на чист воздух. Планинарам на Водно, или одам онаму каде што има зеленило и убава природа. Сакам да се дружам и да бидам опкружена со добри и позитивни луѓе.

Љубител сум и уживам во убавата храна. Готвењето за мене претставува уметност, па многу често ми се случува да поминам дури и неколку часа во кујната приготвувајќи некој специјалитет. Ме опушта и целосно исполнува приготвувањето на ситни и слатки задоволства во кои ќе уживаат блиските околу мене.

Раскажи ни за твојата сегашна работа во Nextsense.

Во Nextsense сум одговорна за координирање на QA тимот кој моментално брои 10 високо образовани и професионални колешки и колеги. Нашиот тим се грижи за контрола на квалитетот, координирање на активностите во процесот на тестирање, како и следење на светските ISO стандарди за информатичката технологија, врз база на кои се имплементирани сите софтверски решенија кои го испорачува Nextsense.

QA тимот е вклучен во целиот процес на развој на софтвер (SDLC), уште од првата фаза кога Business Analysis (BA) тимот ќе ни ја достави спецификацијата, па се до user acceptance testing (UAT) фазата. Дополнително, сме одговорни и за First Line of Support процесот, во кој директно комуницираме со клиентите.

Согласно Resource Allocation процесот кој го имаме имплементирано во Nextsense, сите колеги од QA тимот се распределуваат на повеќе различни проекти, од различен тип и домен на проблематика која ја обработуваат. На тој начин се грижиме нашите колеги во тимот да се здобијат со поголемо искуство, да работат со клиенти и бизнис процеси од различен домен, а паралелно на тоа да се развиваат технички со примена на различни типови на тестирања и алатки согласно потребите. На повеќето проекти го имаме воведено и автоматското тестирање со изградба на наш Automation Framework базиран на C#.

Напорната и дисциплинирана работа, желбата за проучување нови бизнис процеси, следењето на актуелните технологии, алатки, како и тимскиот дух и поддршка која што ја има помеѓу колегите во QA тимот, се едни од причините зашто Nextsense е фирма препознатлива на пазарот по тоа што испорачува високо квалитетен софтвер.

Најинтересен проект на кој имаш работено?

Секој проект на кој сум била дедицирана ми претставувал предизвик и сум се вложувала целосно за да навлезам во бизнис проблематиката и длабоко да ги запознаам процесите кои ги обработува.

Nextsense е компанија која нуди можност за работа и искуство на многу различни видови на софтверски решенија и web апликации за клиенти во земјата и во странство.

Интересни ми биле сите проекти кои сме ги имплементирале во телекомите, банките, јавните набавки, здравството, парламентите… Еден од поинтересните на кој што и моментално сум вклучена е проектот за изградба на “Платформа за електронски услуги во Република Македонија”.

Целта на овој проект е дигитализација на сервисните услуги кои државата ги нуди кон граѓаните, како и поедноставување на начинот на нивното користење. Инволвирани се многу институции и тела кои обработуваат различна проблематика, регулативи и процеси достапни за граѓаните. Применувајќи најнови технологии и стандарди кои се на ниво на Европската Унија, овој проект ќе овозможи целосна дигитална трансформација во државата.

Исто така, едно од поинтересните искуства за целиот тим со кој работевме, беше проектот за “Парламентот во Гана”. Покрај начинот на работа и бизнис процесите, тимот имаше можност да се запознае и со различната организациска култура и развој кои се карактеристични за Афричките држави.

За да биде проектот интересен, покрај бизнис проблематиката која ја обработува, технологијата и видовите на тестирања кои може да се применат, го прави и тимски дух, добрата работна атмосфера, како и желбата за испорака на високо квалитетен софтвер која постои помеѓу сите колеги во Nextsense.

А, најпредизвикувачки?

Следејќи ги најактуелните трендови во дигиталната трансформација низ целиот свет согласно EIDAS регулативите, во Nextsense го изградивме Signing Suite портфолиото. Ова портфолио е составено од продукти, компоненти и сервиси за дигитално потишување, timestamping, верификација и валидација на електронските документи согласно највисоките EU безбедносни стандарди и регулативи.

Работата на сите продукти во ова портфолио беше еднакво предизвикувачка за целиот тим, но во оваа прилика би го нагласила Nextsense Web Browser Signing Extension како една од најактуелните компоненти на која напорно работевме изминатиот период. Nextsense Web Browser Signing Extension е веб базирана компонента, која подржува XML и PDF потпишување на документи преку сите web browsers (Chrome, Opera, Firefox, IE, Edge), со можност за timestamping и signature verification.

Проблемот со JAVA е веќе минато!

Signing Suite портфолиото имавме можност да го презентираме пред пошироката јавност на овогодинешниот Western Balkans Digital Summit 2018, на кој Nextsense беше генерален спонзор.

Покрај сите софтверски решенија со кои Nextsense досега го имаше потврдено својот квалитет пред клиентите, дополнително со имплементирањето на Signing Suite портфолиото докажа дека е фирма од светски рамки, која секогаш ги следи последните технолошки трендови.

 Дали постои полова дискриминација во ИТ секторот? Дали си почуствувала полова дискриминација во текот на твојата досегашна кариера?

Кога започнав да работам во Nextsense, бројот на колешки во однос на бројот на колеги беше значително различен. Иако во поголем процент преовладуваа колеги од машки пол, половата дискриминација никогаш не постоела, ниту во еден сегмент. Тоа го докажува и фактот што со текот на времето процентот на вработени девојки драстично се зголеми, па во моментов имаме 60:40(%) колеги vs. колешки.

Верувам дека секој човек, согласно своите афинитети и потенцијали независно од полот, може да ја научи и совлада проблематиката од било каков домен. Она што е важно, е да ја одреди вистинската насока во која сака кариерно да расте и да се развива, а потоа кога резултатите ќе се покажат на виделина, средината нема да има основани аргументи некого да дискриминира.

 Што би ги советувала младите девојки кои сакаат да изградат успешна ИТ кариера, кон што да го насочат својот фокус?

Верувам дека на повеќето млади студенти им е тешко да се определат кон кој сектор да се насочат по завршувањето на ИТ студиите, исто како што ни било и на нас. Со учење на секој нов предмет во текот на студиите се отвораат толку нови можности, интересни технологии и вештини кои можат да ги усовршуваат за да изградат успешна ИТ кариера, што доведува до двоумење при изборот на “правата” професија.

Затоа би ги советувала да истражуваат многу и да бидат во тек со новите процеси и технологии. Да го запознаат целиот процес на развој на софтвер, со цел да одлучат точно во која фаза од процесот се пронаоѓаат, а потоа да навлезат подетално во изборот на технологијата и алатките за користење.

Со оглед на брзиот начин на живот што ни го наметнува општеството, како и фактот што најголем дел од денот го поминуваме на работа, најважно е секој од нас целосно да се пронајде во професијата која ќе ја работи. Меѓу другото, многу важен фактор е да го пронајдат вистинското место и опкружување кое ќе им овозможи пријатна, позитивна атмосфера за работа и успешен кариерен развој.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments