11 коментари 3 мин. читање

Во пресрет на Законот за медиуми, се оформи Асоцијација на македонски интернет портали

Неколку македонски портали стартуваат Асоцијација на македонски интернет портали со цел, како што велат, да ги „штитат професионалните и бизнис интересите на веб порталите, за заштита на авторските права и подобрување на бизнис условите“.

Асоцијацијата ја формираат интернет медиумите Kurir.mk, Netpress.com.mk, Maxim.mk, Press24.mk, како и телевизија Сител, магазините Вечер и Република, и агрегаторите на вести Grid.mk и Daily.mk. Според најавата „ова се највлијателните македонски сајтови“, иако според Alexa (која е единствено мерило додека ги чекаме Nielsen и Gemius), само четири од нив се меѓу првите 15 најпосетувани македонски сајтови. Од нив два члена на новата Асоцијација се агрегатори на вести што собираат содржина од сајтови кои не се членови на оваа организација. Дали и IT.com.mk е дел од Асоцијацијата бидејќи содржината ни се листа на Grid.mk? Не верувам дека ова е точно.

Асоцијацијата вели дека „граѓаните немаат доверба во новите веб портали“, што е малку иронично бидејќи добар дел од нејзините членови се медиуми основани во последните 3 години. Според регистарот на МАРНет, Курир.мк е регистриран пред три години, Maxim.mk е регистриран пред две години, Press24.mk е регистриран пред три години, Grid.mk e регистриран во 2011-та година.

Кога сме кај довербата на публиката, до овој момент, дел од медиумите-членови на оваа Асоцијација, поточно Kurir.mk и Maxim.mk, немаат свој импресум – ниту се знае кој е уредник, ниту кои се автори на објавените вести, што е против новиот Закон за медиуми кој наводно овие медиуми ќе го почитуваат. Ниту пак имаат полиса за приватност на податоците на посетителите, што е задолжителна според директиви за е-приватност на Европската Унија. Знаејќи го ова, прашањето е зошто нема во Асоцијацијата портали кои се подолго време на македонскиот ИТ простор, кои имаат импресум и ги поставуваат стандардите, и зошто всушност Асоцијацијата на портали има само три портали, останати се телевизии, весници и магазини и агрегатори на вести?

Дел од членовите на новата Асоцијација се и членови на IAB Macedonia, новооформено здружение чија цел е да го регулира интернет развојот и растот на дигиталниот пазар, или со други зборови да ги „подобри бизнис условите“.

Одговорот на прашањето „која е целта на ова здружение?“ лежи во ПР текстовите објавени на порталите кои велат дека ова здружение „се основа во пресрет на новиот Закон за медиуми и ќе се вклопи во одредбите кои се доволна гаранција за правата и обврските во овој нов медиумски сектор“. Се чини дека целта на овие медиуми – дел од нив отворено ја поддржуваат власта – е да формираат здружение кое ќе се претстави како гласноговорник на македонските портали и ќе го поддржи контроверзниот Закон за медиуми против кој се спротиставуваат куп медиуми и невладини домашни и странски медиумски организации.

Новото здружение вели дека е отворено за „пристапување на сите професионални интернет медиуми чија цел е подобрување на условите за работа во интернет просторот“.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

11 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top