Наместо сензор за препознавање на ирисот на окото, Samsung Galaxy S5 ќе се отклучува со отпечатоци на прсти. Јужнокорејскиот гигант повторно ќе биде обвинет дека не е доволно иновативен и дека го копира Apple кој пред неколку месеци го претстави iPhone 5S со TouchID сензор за читање на отпечатоците. Покрај Apple, и HTC веќе објави свој телефон One Max кој има сличен сензор. Телефоните го имаат и стандардното внесување на PIN код за оние корисници кои не се доволно сигурни во безбедноста на отпечатоците.
Неофицијалната вест доаѓа од Sammobile кој се повикува на извори блиски до Samsung. Изворите откриваат дека S5 ќе се отклучува со споро вертикално лизгање нагоре со прстот кој треба да биде залепен рамно на екранот за полесно препознавање на отпечатокот. Корисниците ќе може да регистрираат до 8 отпечатоци кои ќе служат како кратенки за активирање на разни апликации. Пример, со различни отпечатоци ќе може да се верификува Samsung профил или да се отвори одреден сајт без да треба да се вметнува лозинка или корисничко име. Samsung Galaxy S5 ќе го прикажува отпечатокот во реално време на екранот додека го отклучувате телефонот.







