Хардвер од минатата недела – во очекување на новиот iPhone

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

На 9 септември Apple ќе ни го претстави новиот iPhone 16 и веројатно уште некои нови уреди. На настанот ќе дознаеме и повеќе за новиот оперативен систем iOS 18, но и за цената и датата на излегување на телефонот. Сепак, минатата недела дознавме некои вести за Apple и нивните уреди, а имаше и интересни Windows лаптопи.

Apple со надградби на Mac Mini

Ако им веруваме на гласините новиот модел на Mac mini ќе доаѓа со новите M4 и M4 Pro чипови од Apple. Дополнително, за прв пат по повеќе од 10 години уредот ќе има и значителни промени во дизајнот.

Покрај овие промени за кои веќе пишувавме, Mac mini ќе доаѓа со 5 USB-C порти. Новиот уред ќе доаѓа во стандарден и Pro модел. Моделите ќе доаѓаат со 16GB RAM, а не како што досега се шпекулираше за 8GB.  Напојувањето на мини-компјутерот сега ќе биде сместено во куќиштето.

За разлика од претходните гласини кои велеа дека најпрво ќе излезе стандардниот, а потоа и Pro моделот, новите велат дека двата модели ќе започнат со испораката до магацините на Apple во септември и октомври. Конечно, цената која ќе треба да ја платат купувачите за новиот Mac mini веројатно ќе биде околу 800 американски долари.

Од другите непотврдени вести од Apple, компанијата работи на нов модел на Magic Keyboard за iPad Pro. Новата тастатура ќе биде поевтина од претходникот и со тоа компанијата веројатно ќе се обиде да убеди повеќе корисници дека iPad може да го замени компјутерот.

Сите нови iPhone телефони ќе доаѓаат со OLED екран

Кога сме веќе кај Apple, Nikkei Asia пренесе дека компанијата од следната година ќе започне да користи OLED дисплеи во сите iPhone модели. Ова е добредојдено за корисниците на Apple,  но е тежок удар за јапонските компании кои ги произведуваат екраните за Apple, Japan Display (JDI) и Sharp. Овие две компании заедно произведуваат над 70 отсто од LCD дисплеите за iPhone во последните 10 години.

Последните неколку модели откако Apple се префрли на OLED екрани за поскапите модели, јапонските производители правеа екрани единствено за iPhone SE моделите. Од следната година и овие телефони ќе доаѓаат сo OLED екран. Компанијата веќе започнала да ги порачува екраните од кинеската компанија BOE Technology Group и јужнокорејската компанија LG Display.

Кога OLED екраните се во прашање речиси половина од нив произведува Samsung Electronics, 30 отсто се од LG Display, a 20 отсто се на BOE.

Samsung претстави два нови проектори

Минатата недела Samsung ги претстави наследниците на Premier 4К ласерските проектори. The Premiere 9 и The Premiere 7 се наследниците на серијата од 2020 година. Новите модели ќе доаѓаат со поддршка за HDR10+, ќе бидат способни за осветлување до 3450 ISO лумени за Premier 9 и 2500 лумени за Premier 7 проекторот.

Проекторите имаат подобрена  прецизност за боите, а покрај подобро видео, новите уреди имаат и подобро аудио. Premiere 9 доаѓа со 40W 2.2.2 звучници.

Дизајнот е непроменет. Оперативниот систем на проекторите е Samsung Tizen OS, а за зголемување на сликата се користи upscaling со вештачка интелигенција.

Цената на Premier 9 ќе биде 5999,99 американски долари, а Premier 7 ќе биде достапен за 2999,99 американски долари.

Lenovo најави нова серија Aura лаптопи

Од 6-ти до 10-ти септември во Берлин се одржува најголемиот саем за потрошувачка електроника. Lenovo го искористи овој настан да ја претстави новата серија на Aura лаптоп компјутери. Помеѓу уредите кои ги претставија се ThinkPad X1 Carbon Gen 13 Aura Edition и Yoga Slim 7i Aura Edition. Сите лаптопи во серијата доаѓаат со Aura софтвер кој Lenovo го изработи во соработка со Intel. Софтверот овозможува активирање на различни модови на работа, и оптимизација за нив.

Новиот 14-инчен ThinkPad X1 Carbon Gen 13 Aura Edition доаѓа со 2880×1800 OLED дисплеј; Intel Core Ultra 9 и Intel Arc Xe2 графичка картичка. Yoga Slim 7i Aura Edition е поголем лаптоп, доаѓа со 15,3-инчен дисплеј со иста 2880×1800 резолуција. Процесорот е Intel Core Ultra 7 и доаѓа со интегрирана графичка карта. Според најавата, батеријата би требала до овозможи еден ден работа ако стримате видео или прелистувате по интернет.

ASUS претстави шест нови Copilot+ PC лаптопи

Покрај Lenovo свои уреди на IFA во Берлин претстави и ASUS. Претставија 6 нови уреди, сите со вештачка интелигенција. Некои модели ќе користат процесори Snapdragon X Plus од Qualcomm, а некои ќе доаѓаат со Intel процесори, вклучувајќи го и новиот Core Ultra 200V.

Еден од најинтересните модели е Zenbook S14, лаптопот тежи 1,22 кг и има дебелина околу половина сантиметар. Доаѓа со Intel Core Ultra 7 процесор и има 3K OLED екран со 120Hz, по цена од 1400 американски долари.

Најновите модели во Vivobook серијата, Vivobook S14 и S15, се тенки и лесни. Доаѓаат со 16:10 OLED екрани, поддршка за Dolby Atmos звук и цени над 1000 долари. Претпродажбата за првите уреди од оваа серија започна на 5 септември.

Од лаптопите со Qualcomm процесор најинтересни се Vivobook S15 и ProArt PZ1. Благодарение на Snapdragon процесорот лаптопот се одликува со одлично траење на батеријата, до 21 час. Серијата е наменета за корисници кои бараат мобилност и подолготрајна работа. Цената на Vivobook S15 е 900 долари.

Дали Sony го претстави новиот PlayStation 5 Pro?

Едно од прашањата кое си го поставуваат дел од гејмерите е дали Sony во претставувањето на плановите за прославата по повод 30 години PlayStation,  го откри дизајнот на новиот PlayStation 5 Pro.

Скриена во промотивните материјали е слика од конзола. За жал нема официјални податоци за тоа дали станува збор за нова конзола или славенички изглед на PlayStation 5.

Во недостиг на официјални информации од Sony, дел од ентузијастите го препознаа дизајнот кој на крај на август „протече“ како рендер од следната конзола. Засега нема официјални податоци од Sony. Неофицијално шпекулациите велат дека PlayStation 5 Pro може да го очекуваме во декември, таман на време за новогодишниот шопинг.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments