Хардвер новости од минатата недела: Samsung Galaxy S22, Galaxy Tab8, Oppo Find X5 Pro…

во Хардвер

Оваа недела повторно можевме да слушнеме супер интересни хардвер вести, но и да видиме интересен хардвер. Главен настан беше презентацијата на нови уреди на Samsung. Компанијата секогаш има интересни презентации кога ги претставува новите Galaxy S уреди, а така е и овој пат. Сепак можеби најинтересен податок оваа недела е дека AMD постави нов рекорд во застапеноста на x86 пазарот.

AMD достигна 25,6% од x86 пазарот

Агенцијата за истражување на пазарот Mercury Research објави дека во последното тримесечје на 2021 година AMD го надминал својот претходен рекорд на пазарот на процесори. Уделот на AMD во продажбата на уреди со x86 процесор е 25,6%, или 0,3% повеќе од рекордот кој го поставија во 2006 година.

Растот на учеството во најголема мерка се должи на одличната продажба на гејминг конзолите во овој период. Intel од друга страна забележа пораст кај десктоп и ноутбук компјутерите, но загуби дел од продажбата кај серверите.

https://www.techspot.com/news/93342-amd-hits-record-256-share-overall-x86-market.html

За AMD ова е седмо тримесечје по ред во кое забележуваат пораст на уделот од продажбата на процесори.

Samsung Galaxy S22, S22+, S22 Ultra

Производителот на најпродаваните телефони на пазарот, Samsung оваа недела ни претстави 3 нови телефони во Galaxy S22 серијата.

Најмоќниот телефон во оваа серија е S22 Ultra. Поради големината уредот помалку потсетува на прекинатиот модел Note кој Samung престана да го произведува пред некоја година.

Galaxy S22 Ultra доаѓа со 6.8-инчен 120Hz AMOLED екран со динамички рефреш; 8 или 12 GB RAM меморија; 128GB/256GB/512GB/1024GB диск. Телефонот доаѓа со електронско пенкало кое сега е „вградено“ во уредот. Телефоните доаѓаат со Qualcomm 8 Gen 1 или со Exynos 2200 процесор кој го произведува Samsung. Според најавата Qualcomm процесорите ќе „одат“ во САД и Канада, а Exynos во Европа. Сепак за точни детали ќе мора да почекаме.

Камерата на Ultra доаѓа со четири леќи: 108MP wide-angle која веројатно е главна камера; 12МР ultra-wide; 10МР 3X оптички зум и 10МР 10Х оптички зум. Што се однесува до батеријата, за Ultra моделот е 5000mAh.

Веројатно очекувано, Galaxy S22 е помал модел со 6,1-инчен, 120 Hz дисплеј со резолуција 2340×1080. Телефонот има и една камера помалку. Кај S22 и S22+ главната камера е 50МР, а дополнително има и 12MP wide-angle и 10МР 3Х оптички зум. Батеријата на основниот и на плус моделот е 4500mAh.

Новите телефони започнуваат со продажба од 25 февруари, а цените во зависност од моделот ќе се движат од 800 до 1200 долари.

Веројатно најдобрата вест со новите телефони е дека Samsung гарантира 4 години надградби на оперативниот систем. Интересно ова е подолго од Google, но без сомневање хардверот на S-серијата е доволно моќен да го издржи ова.

Samsung Galaxy Tab S8, S8+ и S8 Ultra

Покрај телефоните Samsung претстави и три нови таблет компјутери. Samsung Galaxy Tab S8, Tab S8+ и Tab S8 Ultra се навистина големи таблет компјутери. Моделите започнуваат со 11-инчниот Tab S8, 12,4-инчниот плус модел, а завршуваат со огромниот 14-инчен Ultra модел.

Хардверот на таблетите е речиси ист со телефоните. Процесорот е Snapdragon 8 Gen 1 или Exynos 2022. Најмалиот таблет доаѓа со 8GB RAM и 128 или 256 GB слободен простор. Ultra е најексклузивниот модел и доаѓа во повеќе варијанти со 8, 12 или 16 GB RAM.

Цената на таблет компјутерите започнува од 700 долари, плус моделот започнува од 900 долари, a ултра започнува од 1100 долари. Samsung Tab S8 серијата ќе биде достапна во продажба веќе овој месец.

Протекоа податоците за Find X5 Pro

Во второто протекување информации за новиот флегшип телефон на Oppo излегоа информации за дизајнот, но и за техничките спецификации.

Последниве години престанавме да го користиме „фаблет“ за навистина големи телефони, а Find X5 Pro баш заслужува враќање на овој термин. Телефонот доаѓа со голем 6,7-инчен AMOLED дисплеј  со резолуција 3216х1440px; густина на пиксели од 526ppi и рефреш од 120Hz, пишува Winfuture. Капацитетот на батеријата е 5000mAh и има можност за брзо полнење (80W) и безжично полнење.

Вообичаено најдобрите телефони на секој производител доаѓаат со најмоќниот процесор кој е достапен во моментот, а тоа секако е случај и со Find X5 Pro. Телефонот доаѓа со Snapdragon 8 Gen 1 од Qualcomm со Adreno 730 графички чип, 12GB RAM и 256GB простор, што е и повеќе од доволно за сè што на било кого му е потребно од телефонот.

Предната камера е 32МР со Sony IMX709 сензор. Овој сензор претходно беше достапен и на Reno7 и Reno7 Pro телефоните на Oppo. На задната страна се сместени 3 камери, и иако досега видовме секаков распоред, се чини дека не сме виделе сличен на овој. На камерите Oppo соработуваше со шведскиот производител на камери Hasselblad. Системот користи Sony IMX766 50MP сензори во тројната камера. „Распоредот“ е стандарден или барем досега се навикнавме на него: главна камера (Sony IMX766 1/1.56″, f/1.7, 10 bit, 6P lens, FOV 80°), 50 MP; широкоаголна (Sony IMX766 1/1.56″, f/2.2, 10 bit); 13 MP телефото камера (Samsung S5K3M5, f/2.4).

Цената која ја предвидува Winfuture кога телефонот ќе биде достапен во Европа е 1200 евра.

Пристигнаа првите прегледи на Steam Deck

Steam Deck сè уште не е достапен во продажба, но неколку креатори на YouTube оваа недела имаа прилика да ги тестираат можностите на рачната конзола. GamersNexus, Linus Tech Tips и The Phawk веќе имаат интересни рецензии за можностите конзолата.

Мал проблем е што Valve на овие први прегледи баш не дозволува да се разгледува и да се зборува за конзолата во целост. Се чини дека првите прегледи се фокусирани на загревањето и термалните перформанси на конзолата. Ако сте заинтересирани како Steam Deck „лежи“ во рака, каков е квалитетот на копчињата и џојстиците погледнете го видеото на Linus.

Еден од проблемите за кои се сложија сите кои имаа можност да го тестираат уредот е батеријата. За жал батеријата не трае ни приближно колку што беше најавено. The Phawk на крај успеа да ја испразни батеријата за час и половина играјќи Devil May Cry 5 и Control. Единствен начин на кој стигнаа до 6 часа е со 50% осветлување играјќи Dead Cells. Сепак ова е 2 часа помалку од ветувањата на Valve. Производителот сепак работи на развој на дополнителни техники за подобрување на траењето на батеријата, но и за оптимизација на оперативниот систем на конзолата.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk