Towers of Aghasba отвора огромен свет со богати можности за истражување и градење

во гејминг

Towers of Aghasba е игра која нуди авантуристичко патување во отворен свет. Преку уникатна комбинација од истражување, градење и борба, чедото на Dreamlit inc. ќе ви дозволи да ја негувате вашата креативна страна до максимум. Сами, или со пријателите, ќе можете да изградите импресивна цивилизација и да поставите солидни темели за просперирање.


Зошто да ја играте Towers of Aghasba?

  • Сакате истражување на огромни отворени светови, сами или со пријатели
  • Сакате собирање ресурси и нивно користење за градење импресивни села
  • Фанови сте на јавање животни и лебдење од огромни височини
  • Уживате во прекрасна графика и релаксирачка музичка подлога

Имерзивно искуство во отворен свет!

Како игра која штотуку излезе како дел од раниот пристап на Steam, Towers of Aghasba е далеку од совршена игра. Но, голем дел од клучните аспекти се толку добро реализирани, да ние никако не бевме спречени целосно да уживаме во играта.

Првото нешто што ќе го забележите е огромниот свет кој е полн со најразлични активности. Амбициозниот графички енџин врши одлична работа во прикажување најразлични внимателно-осмислени биоми. Нема што нема во Towers of Aghasba, од зашумени места, преку пустини, па сѐ до изолирани пештерски или студени планински места. Овие места се далеку од празни. Бројните суштества и животни се одлично анимирани и оставаат впечаток на богат и креативно осмислен свет. Најдоброто од сѐ е тоа што не мора пешки да го истражувате светот. По почетните моменти кои се замислени да ве запознат со светот, ќе дознаете дека некои животни можете да ги јавате. Како додатно пријатно изненадување е и можноста да користите глајдери за релаксирачко лебдење и поразлично восхитување на околината.

Наративниот концепт во Towers of Aghasba дава сѐ од себе за да се погрижи да не гледате на играта како на огромен свет во кој акцентот е само на истражување и борење. Иако овие две механики се исклучително важни, Towers of Aghasba ве принудува и да внимавате на одреден баланс со природата. Светот што е околу вас реагира на вашите акции. Одредени акции, како садење дрва, влијае на еко системот и ја трансформира земјата во која се наоѓате.


Судбоносен бумеранг

Шиму се плене које било протерано од нивниот дом многу одамна. Но, по долга фаза на спремање и со вас на челото, шиму се спремни да се вратат во татковината.

Вашата задача е одново да ги изградите селата и да помогнете вашиот народ да стане импресивна цивилизација, вложувајќи напори и за целосна реставрација на околината околу вас.


Додатно менување на светот е возможно преку градење импресивни села. Но, потребно е да напоменеме дека градењето се заснова на ограничувачки систем каде можете да градите претходно-осмислени дизајни само во претходно-одредени места. Ова би можело да ги разочара попробирливите играчи кои имаат навикнато на поголема слобода, но, нам ни се допадна тоа што точно знаеме што и каде можеме да градиме со собраните ресурси.

Не е се пријателски расположено во Towers of Aghasba и не се сите активности насочени кон градење села и реставрација. Во одредени ситуации, ќе бидете принудени да се соочите со Withered – мистериозната сила која претходно успеала да го избрка од островот вашиот народ. Иако непријателите се уникатни и интересни, системот побрзан со битките се чини доста едноставен и се заснова на неколку напади и едноставни комбо движења. Целосно е функционален и често забавен, но посакувавме да има поголема стратешка длабочина.

Towers of Aghasba без проблем може да се игра соло. Играта, меѓутоа, е значително подобра кога се игра онлајн, преку ко-оп можноста. Со вашите пријатели и преку заедничка соработка, Towers of Aghasba навистина сјае и нуди значително позабавна димензија.

Но, не е се без проблеми. Покрај едноставниот систем за битки, одредени проблематични багови ќе ви приредат неколку непријатни изненадувања (NPC ликови кои не реагираат соодветно или непријатели кои исчезнуваат).

Љубопитност + креативност = Towers of Aghasba

Кога ќе се земе се во предвид, Towers of Aghasba е едно амбициозно и убаво авантуристичко патување. Со својата прекрасна графика, динамична борба, впечатлива музичка подлога и безгранични можности за истражување и градење, оваа игра ќе ве вовлече во нејзиниот магичен свет и ќе ви обезбеди многу часови забава.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Dreamlit inc.
  • Издава: Dreamlit inc.
  • Жанр: авантура, акција, RPG
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 19 ноември 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments