Неодамна, ви препорачавме да го проверите визуелниот роман Archetype Arcadia. Но, доколку не сте по комплексни научно-фантастични заплети и сакате малку поедноставна приказна во училишни услови и тинејџерска драма, тогаш Chemically Bonded може да се провери и на PS и на Xbox.
На PC, играта се има вдомено уште од 2019 година и иако има позитивни рецензии, таквата статистика се извлекува од само 57 рецензии, што ни кажува дека можеби играчите не се доволно запознаени со чедото на развојното студио ds-sans.
Тинејџерска драма
Chemically Bonded се одликува со симпатична приказна која го следи животот на еден ученик кој сосема случајно ќе биде вовлечен во расправија помеѓу две негови соученички. Она што на почетокот остава впечаток на незрела драма издувана од пропорција, набргу ќе прерасне во серија од проблематични настани, а вашата задача ќе биде да пробате и да ги смирите девојките, ризикувајќи, притоа, и проблематична романтична врска.

Chemically Bonded не е лош визуелен роман. Напротив, приказната е интересна и органски ги вовлекува харизматичните ликови, а цртежите се чисти и полни со детали. Дополнително, иако вашиот лик нема гласовна поддршка, на останатите ликови и се позајмува глас од талентирани актери, иако, ова, може да излезе дека е меч со две острици.

Проблемот со Chemically Bonded доаѓа во две форми. Од една страна, преводот на англиски често е премногу формален и на исклучително високо академско ниво, особено интерните монолози на главниот лик; со употреба на зборови и фрази кои скоро никогаш не би се користеле од учениците во денешно време, особено во нормални разговорни ситуации. Како резултат, ова би можело да влијае на имерзијата кај одредени играчи.

Од друга страна, иако се работи за ученици во средно училиште, една од сооделенките има глас како на петгодишно девојче, со пренагласена вокална драматизација. За среќа, преку опциите можете да подесите со која јачина да се слушаат индивидуалните гласови и доколку се најдете себеси дека ова е проблем, лесно можете да ги намалите или исклучите нејзините линии.

Надвор од ова, Chemically Bonded е солидно дигитално остварување кое не се оддалечува од претходно-воспоставените норми за тоа како треба да изгледа еден визуелен роман. Доколку сте расположени за релаксирачко и, на моменти, исклучително интригирачко, лесно читање, ова е релативно евтин визуелен роман (10 долари).
Повеќе детали за играта
- Произведува: ds-sans
- Издава: Ratalaika Games
- Жанр: Визуелна новела
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 13 октомври 2023







