Зошто да ја играте?
- Фанови сте на игри инспирирани од Dark Souls предизвикувачките системи и механики
- Уникатен визуелен дизајн на мапите и непријателите
- Задоволителни битки и напредување

Void Sols е една од најуникатните sols like игри што имаме играно. Чедото на Finite Reflection Studios се одликува со импресивна графика, впечатлив дизајн на мапи и уникатни противници во форма на извитоперени геометриски форми. Звучи чудно, да, но насловот се игра исклучително добро, пружајќи бројни часови адреналинска забава.

Агресијата на формите
Void Sols се игра како и секоја друга souls like игра: напредувате низ мапата и се соочувате со најразлични непријатели, наблужувајќи се до моментот кога треба да се соочите и со босот. Битките имаат посебна тежина, константно охрабрувајќи ве да имате брзи рефлекси за избегнување напади, но и да го бирате моментот за напаѓање. Лесните и тешките напади, како и избегнувањето ударци, директно се врзани со вашата кондиција.
На располагање имате и арсенал од оружја кои имаат уникатни изведби и напади.
Напредувањето низ мрачните лавирински мапи е споро и непредвидливо. За да имате некаква претстава за правецот на вашето напредување, на одредени места можете да палите факели кои вечно горат, кажувајќи ви дека веќе сте биле тука. Палењето факели ве наградува и со мала количина од sols. Секој пат кога ќе го зголемите вашето ниво со овие sols, ќе биде потребно да најдете место за одмор како би можеле да ја зголемите вашите параметри: виталност, брзина, сила, и умешност. Системите, иако само четири, се паметно осмислени, сосема доволни за да почувстувате дека сте подобри и поефикасни со секоја идна наградба.

Местата замислени за одмор и реинкарнација се клучни и доколку сакате да се опремите со некоја второстепена опрема, оружје, реликти или артефакти. Секое пронаоѓање на овие алатки е како добивање мини џекпот, пружајќи одлични можности за експериментирање со билдовите. Реликтите зголемуваат одредени параметри, како издржливост или брзина, а артефактите допринесуваат со полесно снаоѓање на бојното поле, особено кога ќе бидете опколени од повеќе противници.
Смртта е само почеток!
На почетокот на нашето преигрување, најдовме ножеви за фрлање и штит за бранење, но ништо од тоа не можевме да ги користиме се додека не најдовме место за починка. Порано или подоцна (обично порано), ќе умрете, враќајќи се на последното место на починка. Душите кои макотрпно ги собиравте од елиминираните противници, меѓутоа, не се со вас, туку на местото каде бевте убиени, принудувајќи ве да се провлекувате одново низ истите ходници, да се борите со истите непријатели, кои одново се имаат појавено, и да се надевате дека ќе можете да го вратите она што е ваше со право.

Ни се допаѓа неизвесноста пред секоја пресметка, како и реалната потреба за значајна надградба. Void Sols има посебен талент да го издигне искуството на едно исклучително тензично ниво, контантно тестирајќи ги вашите способности во угнетувачкиот свет. За среќа, при секое наредно преигрување, претходно запалените факели јасно ја осветлуваат клаустофобичната територија, означувајќи ги и ново-формираните непријатели. Секој од противниците знае да понуди разнолик и непредвидлив предизвик, терајќи ве да танцувате околу нив и да им го грицкате здравјето малку по малку, како прегладнета пирана која не знае за доста. Некои од непријателите, пак, подобро е да ги избегнувате отколку да се директно соочувате со нив, како чуварите кои, откако ќе ве видат, ќе викнат засилување.
Во моментот кога ќе пронајдете мапа за локацијата во која се наоѓате, навигацијата е значително полесна, дозволувајќи ви и да гледате каде одредени работи се кријат.
И за крај, секако, никако не би смеле да не ги споменеме босовите. Finite Reflection Studios се имаат потрудено да осмислат разнолики деструктивни машини кои ќе ги тестираат вашите способности до максимум. Секоја средба беше прилика за учење на нивната серија од офанзивни напади, правилно прилагодување и етапно шамарање на нивната агресија. И во овие ситуации умиравме често, но секое умирање беше пречекано со насмевка и со разиграна мотивација да пробаме одново. И одново. Има нешто посебно убаво во минималистичкиот свет на Void Souls. Уживавме да да се губиме во него. Се надеваме и вие!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Finite Reflection Studios
- Издава: Modern Wolf
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 12 ноември 2024







