Ikonei Island: An Earthlock Adventure e релаксирачка симулација со истражување

До пред недела дена, за Earthlock технички и не можеше да се каже дека е серијал. Развојното студио Snowcastle Games имаа само една игра под појасот, со ветување за уште една; Earthlock 2 се очекува да изникне на март 2024 година. Но, ако Earthlock е RPG стратешка игра која позајмува трик-два од јапонските RPG алтернативи, неодамна излезената Ikonei Island: An Earthlock Adventure е релаксирачка симулација која позајмува трик-два од фармерските симулации како Fae Farm или My Time at Sandrock, па дури и Adore!

Сади, крафтај, гради. Истражувај!

Ikonei Island: An Earthlock Adventure ја започнувате на преубав остров полн со мрачни тајни. Со оглед на тоа дека сте заглавени на островот, ваша задача ќе биде да го извлечете најдоброто од лошата ситуација и да пробате да создадете услови за егзистенција. Таквото нешто првенствено доаѓа од садење и одгледување ограничен број култури, собирање и крафтање основни алатки, оружја и понапредни форми на ресурси и градење објекти.

Сите овие аспекти се поврзани со елементот на истражување и ќе биде потребно да отклучувате клучни светилишта, а, со тоа, и делови од островот, за да храбро напредувате се подлабоко и подлабоко. Колку повеќе територијални партиции отклучувате, толку повеќе можности ви се отклучуваат за понатамошно крафтање бројни помошни средства.

Мала помош од пријатели

За поефикасно отклучување на островот, ќе припитомувате и најразлични животни. Секое од животните има одредена уникатна способност, како кршење големи камења, сечење дрвја, запрашување цветови и слично. Доколку ги задоволите потребите на животното, како дружење, глад и хигиена, ќе можете да се поврзете со него, да го управувате и директно да ги изведувате специјалните способности. Во спротивно, секојпат кога ќе наидете на одредена карпа, дрво, или слично, можете да му наредите на животното автоматски да ја изврши способноста.

Детска приказна

Преку бројните ликови, Ikonei Island: An Earthlock Adventure нуди различни квестови кои ве запознаваат со Earthlock лорот, но ние навистина немавме нерви за приказната. Од една страна, тешко ни беше да ја следиме пасивната нарација која се движеше од еден кон друг статичен цртеж. Од друга страна, иако глумата не беше лоша, беше на исклучително детско ниво, што кажува дека можеби кампањата најубаво би се уживала во ко-оп, со вашето помало детенце.

Во спротивно, многу лесно се прескокнуваат овие делови и комотно можете да се префрлите на релаксирано истражување, собирање ресурси, крафтање и градење. Кога велиме градење, мислиме на собирање доволно материјали кои се нудат на одредени светилишта за да направат одреден објект, а потоа и за да го прошират истиот. Покомплексна контрола при градење од ова немате, што е навистина штета и алудира на, можеби, пропуштен потенцијал.

Иста работа, друг ден

Ikonei Island: An Earthlock Adventure функционира на систем ден-ноќ и сончево-врнежливо време. Оние кои играат слични игри точно знаат на што мислиме: кога ќе навлезете во неистражена територија врне дожд и патролираат бројни непријатели. Користејќи болно едноставни борбени механики, потребно е да ги елиминирате непријателите и да ја отклучите областа за да невремето се замени со сончево време.

Во моментот кога ќе се стемни, одредени активности се заклучуваат, вашите миленичиња одбиваат наредби (бидејќи, наводно им се спие, иако не им веруваме), и потребно е да се вратите во кампот, да оставите во соодветна кутија се што сакате да продадете и потоа да си легнете на креветот и да преспиете. Покрај ваквите непријатели, набргу ќе наидете и на банда од пирати кои имаат скриена агенда која и-тоа-како се коси со вашата. Но, со оглед на тоа дека ова, според нас, е една од најсветлите точки на приказната (можеби и единствената), нема да кажеме ништо повеќе од ова.

Релаксирачка разонода

Ако сте тврдокорни фанови на RPG играта Earthlock, тогаш, од сево ова што го прочитавте, повеќе од јасно е дека Ikonei Island: An Earthlock Adventure е сосема различна игра од оригиналот. Поради тоа ве советуваме да навлезете во неа само доколку сакате да искустите целосно различен жанр, но од малку позната естетска и наративна перспектива. Ikonei Island: An Earthlock Adventure дефинитивно не е лоша игра, далеку од тоа; ние апсолутно уживавме истражувајќи го преубавиот и уникатен остров, дури и откако на памет ги научивме одредени места, сепак продолжувавме натаму, надевајќи се на некој нов рецепт, клучните ресурси кои со часови макотрпно ги собираме, или пак целосно нова мистерија. Доколку и вие сте спремни за авантура, ова е интересна алтернатива на морето останати, слични игри.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Snowcastle Games
  • Издава: Jetpack Collective, The Iterative Collective
  • Жанр: Релаксирачка симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 9 ноември 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 7.25
  • Приказна: 5
  • Гејмплеј: 7
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments