Преостануваат уште десетина дена од оваа динамична 2024-та година, а во изминатите 12 месеци онлајн измамите во Македонија беа многу чести. Измамниците беа креативни и упорни во изнаоѓањето на начини за измама, а граѓаните требаше да бидат попретпазливи од ден на ден.
Речиси и да не постои граѓанин во Македонија кој што не се сретна со оналјн измама оваа година. IT.mk врмено известуваше и советуваше за тоа како да се заштитат граѓаните од ваквите измами.
Групата Server Killer изврши хакерски напади над македонските институции и медиуми

Во април годинава, групата Server Killer изврши DDOS напади врз неколку македонски институции. Мети на овие хакерски напади беа официјалните страници на Собранието и Владата на Македонија Според напаѓачката група, нападите претставуваа реакција на воената поддршка на Македонија за Украина и воведувањето на санкции кон Русија.
Фишинг напад под маска на македонската Влада

Неколку дена во мај годинава, имаше активен фишинг напад под маска на македонската Влада. Имено, целта беше преку лажно аплицирање за нов додаток за субвенционирање на граѓаните, односно зголемувањето на нивната куповна моќ, да се извлечат пари од платежни картички на граѓаните.
Шемата на овој фишинг напад не беше нешто ново. Односно, нападот започнуваше преку SMS порака, потоа преку линк продолжуваше на лажна веб-страница која наликуваше на официјалната владина, па сѐ до изнуда на внесување податоци на платежна картичка на жртвата.
Сајбер измами кои злоупотребуваа имиња на македонски новинари и политичари

За разлика од претходниве случаи кои завршиваа по неколку дена. Ваквиот случај на злоупотреба на имињата на македонските јавни личности се појавуваше речиси секоја недела изминатава година.
Станува збор за измама која користеше јавни лица, генерално од новинарскиот и политички домен на општеството и имаше за цел да предизвика паника, недоверба и поделби во општеството. Во некои случаи, лажните објави пишуваа дека одредено злоупотребено јавно лице починало…
Листата на лица кои што беа жртви на измамите од ваков тип е прилично долга.
Фишинг напад под маска на ЈСП

ЈСП изминатава година имаше мал милион проблеми, а ниту фишинг нападите не го одминаа претпријатието. Имено, во август годинава, ЈСП беше жртва на фишинг напад.
Шемата на овој фишинг напад не беше нешто поразлично од претходните примери. Односно, целта беше да се намами корисникот да поверува барем за момент и да остави свои лични податоци и секако податоци од платежна картичка, која што подоцна би била злоупотребена.
Фишинг напад под маска на ЈП Паркинзи на Општина Центар

По фишинг нападот под маска на ЈСП, во октомври беше активен фишинг напад под маска на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Оваа измама започнуваше со оставање на ливче на возилото на жртвата. Ливчето наликуваше како да го оставиле од ПОЦ, и на него имаше QR-код со упатство за скенирање на наплата. Во пакет со ливчето имаше измамниците оставаа и налог за плаќање на лажната „дневна паркинг карта“. По скенирањето на QR кодот, жртвата беше пренасочувана на друг сајт на кој требаше да се изврши потенцијалната наплата.
Conti: Најголемата интернет измама која што ја обележа 2024

Ако нешто изгледа премногу добро, веројатно не е – реченица која најдобро го опишува случајот Conti.
Овој случај крена голема прашина во македонската јавност, пред сѐ поради големиот број на жртви.
Според неофицијалните информации кои што кружеа на интернет, високи 14,000 македонски граѓани биле дел од оваа пирамидална шема. Основачите на Conti беа неколку млади лица од источна Македонија. Додека пак, најмногу вклучени граѓани имаше од Велес, Кавадарци, Неготино и Радовиш, но не изостануваа и граѓани од другите градови.
Фишинг напад под маска на Македонска Пошта

Во декември, пред крајот на оваа година се појави нов фишинг напад под маска на Македонска Пошта. Шемата на оваа измама беше прилично иста како и случаите кои ги имаме видено претходно. Односно, измамата започнуваше преку SMS порака со текст и линк, кој што потоа ја носи жртвата на веб-страница.
И тоа не е сѐ
Во текот на целата година, до нашата редакција често пристигнуваа информации од хакерски напади од повеќе типови.
Еден од почестите типови на напад беше нападот преку повик на мобилен. Во овој случај, напаѓачите се обидуваат да ја измамат жртвата преку класичен телефонски повик. Тие им кажуваат на жртвата дека има одредени средства во крипто на сметка на лично име и дека е потребно да уплатат одреден износ на пари за да можат да пристапат до потенцијалните средства.







