На 26 ноември, во неговиот стан во Сан Франциско, беше пронајдено телото на Сучир Балаџи, 26-годишен истражувач и свиркач против OpenAI. Властите ја потврдија неговата смрт како самоубиство, исклучувајќи било каков напад, пренесе BBC. Сепак, иако телото беше пронајдено на 26 ноември, веста стана јавна многу подоцна. Очекувано, ова предизвика шпекулации главно насочени кон судски процеси против OpenAI. Елон Маск на својот микроблог сподели куса објава со веста за смртта, проследена со коментар „Хмм“.
— Elon Musk (@elonmusk) December 14, 2024
Балаџи стана познат за јавноста оваа година поради критиките насочени кон OpenAI. Набрзина стана познат како еден од најголемите критичари на начинот на кој компанијата ги собира податоците. Иако беше вработен во компанија која е на самиот врв на вештачката интелигенција, а и самиот беше почитуван експерт, неговиот пат во OpenAI заврши со интервју за New York Times. Во интервјуто го обвини OpenAI за грубо непочитување на американскиот закон за авторски права за време на развојот на ChatGPT. Неговите обвинувања ги зајакнаа тужбите на издавачите и авторите кои тврдат дека нивната содржина е користена незаконски.
Прекршување на законот за интелектуална сопственост во OpenAI
Критиките на Балаџи беа фокусирани на практиките на OpenAI за собирање податоци. Според него OpenAI неовластено користел заштитени материјали за тренирање на AI моделите. „Користењето на заштитени податоци од страна на OpenAI за создавање на ChatGPT е незаконско, а технологиите како ChatGPT му штетат на интернетот“, изјави Балаџи за New York Times. Обвинувањата беа добредојдени за сите кои беа во правна борба со OpenAI како New York Times и автори како Џон Гришам. Тужителите пред судот тврдат дека методите за тренирање на OpenAI ефективно ги заобиколуваат интелектуалните права под маската на „фер користење“.
Од друга страна, OpenAI и натаму инсистира дека нивните модели се „тренирани на јавно достапни податоци“ и дека нивните практики се усогласени со меѓународните принципи за авторски права. И покрај овие уверувања, откритијата на Балаџи им дозволиja на сите да ѕирнат што се случува „зад затворените врати“. Неговите тврдења ја зголемија недовербата кај креаторите и издавачите.
Од Купертино до ChatGPT
Балаџи израснал во Купертино, Калифорнија – град кој е синоним за технолошки иновации. Како одличен студент, студирал компјутерски науки на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, и се приклучил на OpenAI на 22 години. Четири години придонесувал за истражувања кои беа основа за метеорскиот успех на ChatGPT. Сепак, неговата работа не била без разочарувања. Според негови колеги, Балаџи изразувал загриженост за етичките импликации на методите на OpenAI. За жал неговите забелешки биле игнорирани во компанијата.
По напуштањето на OpenAI во август, Балаџи ја насочил својата енергија кон лични проекти, вклучувајќи залагање за поголема транспарентност во развојот на AI. Меѓу неговите иницијативи, e проект со отворен код насочен кон создавање AI модели кои даваат приоритет на етиката за податоци и приватноста на корисниците.
Соработувал со групи кои се залагаат за уредување на работата на вештачката интелигенција, со надеж дека ќе инспирира промени во индустријата. Сепак, неговите критики не поминале без последици. Свиркачите често се соочуваат со значителен притисок и правни закани по одлуката да излезе во јавност. Оваа година двајца поранешни вработени во OpenAI побараа подобра заштита за свиркачите. За жал притисоците со кои се соочуваат свиркачите често се преголеми.
По смртта на Балаџи, OpenAI издаде соопштение во кое го изразува своето сочувство: „Разжалостени сме откако денес ја дознавме оваа неверојатно тажна вест. Нашите срца се со најблиските на Сучир во ова тешко време“.
Правните проблеми на OpenAI остануваат
Контроверзиите околу OpenAI не се ограничени само на обвинувањата на Балаџи. Дополнително, ко-основачот на OpenAI, Илон Маск, кој ја напушти организацијата во 2018 година, неодамна поднесе тужба со тврдење дека OpenAI се откажал од своите основачки принципи. Маск тврдеше дека комерцијалниот дел на компанијата дал приоритет на генерирање приходи над етичкиот развој на AI. Ова е спротивно на оригиналната мисија на организацијата да осигура дека AI ќе биде корисен за целото човештво. Тужбата дополнително ги разгоре дебатите за одговорноста во брзоразвивачката AI индустрија.
Компанијата се соочува со поголем број судски предизвици, кои ги одразуваат незадоволството од начинот на кој AI моделите се развиваат и користат. На пример, OpenAI неодамна беше обвинет дека нивните модели без дозвола реплицираат заштитени бази на податоци, вклучувајќи медицински записи.
Ова ја отвори дебатата околу границата меѓу иновацијата и злоупотребата. Компанијата е обвинета и за монополистички практики и кршење на приватноста. Судските процеси против OpenAI кои опфаќаат, од обвинувања за кршење на авторски права, до злоупотреба на податоци, само дополнително ја засилија оваа дебата. „Иновациите на OpenAI се револуционерни.“, вели Лара Пател, експерт за етика во AI. „Но обвинувањата на свиркачот ja потенцираат итната потреба од појасни регулаторни рамки во вештачката интелигенција“. Пател додаде дека случајот на Балаџи служи како потсетник за човечката цена во потрагата по технолошки напредок.







