Засега непозната група измамници откри нов начин да заработи во Скопје. Групата со помош на лажни казни ги краде податоците од платежните картички на жртвите.
Измамата започнува со оставање на ливче на возилото на жртвата. Ливчето наликува како да го оставиле од ПОЦ, и на него има QR-код со упатство за скенирање на наплата. Заедно со ова на ливчето има и објаснување за налог за плаќање на „дневна паркинг карта“. (Текстот го споделуваме каков што е заедно со печатните грешки.)
„НАЛОГ ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ДНВЕНА ПАРКИНГ КАРТА
Почитувани корисници
Од страна на овластен вработен од ЈП Паркинзи на Општина Центар Скопје утврдено е дека Вашето возило е неправилно/непрописно паркирано или нема валидна паркинг карта на согласно подзаконските акти на јавното претпријатие, поконкретно Одлуката за организација и начин на наплата на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар, издадена Ви е ДНЕВНА ПАРКИНГ КАРТА со налог на плаќање во рок од 8 (осум) дена од денот на издавање на истата.
Доколку во утврдениот рок не ја платите издадената дневна паркинг карта, во законски рок ќе ви биде започната постапка за присилна наплата која подразбира дополнителни трошоци за Вас. Неправилното и непрописното паркирање ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Паркирајте совесно!
Со почит,
ЈП Паркинзи на Општина Центар
– Скопје“

Со скенирање на кодот жртвата оди на друг сајт на кој се врши наводната наплата. На оваа страница најпрво треба да се внесат лични податоци, кодот на казната, и на крај форма за бројот на платежната картичка.
Веб-страницата не прави проверка на ниту еден податок. Нема валидација на полињата и може да се внесе било што. На крај откако ќе ги внесе податоците, жртвата добива порака дека казната е успешно платена. Во овој момент, нема повлекување, ниту резервирање на средства на сметката. Целта на овој дел на измамата не е да се украдат пари туку да се зачуваат податоците од платежната картичка.
„Целта не е веднаш да ви извлечат пари, туку да ги украдат личните податоци и бројот на картичка.
Измамата може да трае и подолго време бидејќи жртвата нема веднаш да види штета. Криминалците се локални и не сакаат да се изложат на ризик да генерираат трансакција бидејќи секоја трансакција мора да е од регистриран трговец кој ќе го најдат банките или локалната полиција.
Криминалците ќе заработат подоцна со трансакции на странски сајтови или со продажба на украдени податоци.“, пишува безбедносниот експерт Божидар Спировски на својот LinkedIn профил.
Измамата не е наивна како што можеби на прв поглед изгледа. Ако немате искуство со казни на ПОЦ, 300 денари „дневна карта“ се значително попримамливи од заканата дополнителни трошоци. Дополнително ако не се загледате во url-адресата, кога внесувате податоци тешко дека ќе препознаете дека сте жртва. Ова уште повеќе важи за повозрасните кои можеби ќе знаат да се снајдат со QR-код, но не се доволно внимателни. На крај податоците не само што може да се искористат за кражба на пари од сметките, туку може овие податоци да се продадат.

Жртвите на измамата треба веднаш да ја блокираат сметката. Ако се сомневате дека казната е вистинска, одете на официјалниот сајт и платете ја казната директно. Единствен линк за онлајн наплата на ЈП ПОЦ е https://users.poc.mk/PayDpk.
Се поголем број измами
Последнава година бројот на измами е значително пораснат. Досега најголем дел од измамите се комбинации од лажни вести, онлајн измами и крипто или фишинг измами, најчесто со непостоечки поштенски пратки.
Во најчестите измами на друштвените мрежи се користат сензационалистички наслови и најчесто јавни или познати личности. Неодамна се појави и измама која на жртвите им ветува дека нивните средства ќе бидат вратени за 48 часа. Сѐ што треба да направите е да пополните формулар на веб страницата.
Во август скопјани беа мета на фишинг напад под маската на ЈСП. Тогаш преку лажен профил на Facebook се нудеа бесплатни билети за јавен превоз.
Сепак, ова е редок случај во кој криминалците оставаат „отпечаток“ во физичкиот свет. Кој и да е напаѓачот, без сомневање барем на кратко бил физички присутен во Скопје. Ако за ништо друго, барем да ги остави „казните“.