Познатите bullet hell наслови од студиото Dodge Roll и издавачот Devolver Digital, Enter the Gungeon и Exit the Gungeon, од неодамна ја започнаа кампањата за вдомување во вашите мобилни направи, носејќи со себе хаотична акција, бескрајна репетитивност и неколку ексклузивни новитети. По неколку годишното дружење на компјутерите и конзолите, насловите сега ви овозможуваатда се нурнете во нивниот предизвикувачки свет каде било и во секое време, од комфорот на вашиот телефон. Мобилните верзии не се само обични портови, туку внимателно приспособени искуства со нови функции кои ќе ги привлечат и ветераните и новите авантуристи.

Enter the Gungeon (€9.99; Android, iOS)
Enter the Gungeon се истакнува како комплексен спој на dungeon crawler и bullet hell механики.. Приказната следи група на очајни херои, секој со своето мрачно минато кое сака да го избрише. Нивната единствена надеж е да стигнат до дното на тврдината и да го пронајдат легендарното оружје – пиштолот што може да го убие минатото. Оваа едноставна премиса служи како совршена позадина за предизвикувачкиот и зависен гејмплеј кој бара брзи рефлекси, стратешко размислување и малку среќа.

Секое ниво е процедурално генерирано, што значи дека распоредот на собите, непријателите и пленот се менува при секое ново играње, нудејќи речиси бескрајна репетитивност. За подобро справување со хаосот на екранот, имате на располагање dodge roll, како, и можноста за превртување маси кои, потоа, ги користите како привремен заклон. Арсеналот на оружја е огромен и неверојатно креативен – од класични пушки и ласери, до бизарни оружја што испукуваат пчели, риби или виножита.

Од визуелна гледна точка, играта користи детален и шармантен pixel art стил кој, и покрај ретро изгледот, успева да прикаже неверојатно динамична и хаотична акција. Електронска музика совршено го следи брзото темпо, додека звучните ефекти на оружјата и експлозиите се моќни и задоволувачки. Мобилната верзија носи и значајни подобрувања, вклучувајќи интуитивни контроли на допир, долгоочекуваниот онлајн co-op режим и ексклузивен нов лик – јагнето од популарната игра Cult of the Lamb.

Exit the Gungeon (€5.99; Android, iOS)
За разлика од својот претходник, Exit the Gungeon нуди поинакво, побрзо и поаркадно искуство. Дејството се случува веднаш по настаните од првата игра, каде што Gungeon-от станува временски парадокс и почнува да се распаѓа. Сега сте принудени да избегате искачувајќи се низ серија опасни лифтови, борејќи се против бранови на непријатели. Оваа игра, која претходно беше ексклузивна за Apple Arcade, сега е достапна за сите корисници на Android и iOS.

Главната механика што ја издвојува Exit the Gungeon е благословеното оружје. Во текот на играта, оружјето постојано се менува во зависност од тоа колку добро се користи и колку комбо-поени се извлекуваат. Колку подобро играте, толку помоќно оружје добивате, што создава подинамичен и понепредвидлив гејмплеј. Фокусот е ставен на брзата акција и преживувањето во тесни простори, каде што секоја секунда е важна. Собите, непријателите и босовите постојано се менуваат, осигурувајќи дека ниеден обид за бегство не е ист. Иако е помала и поконцизна од својот претходник, Exit the Gungeon нуди концентрирана доза на адреналин и е совршена за кратки, интензивни сесии на играње.

Пристигнувањето на Enter the Gungeon и Exit the Gungeon на мобилните уреди е одлична вест за сите љубители на предизвикувачки и добро дизајнирани игри. Овие два наслови нудат стотици часови забава, без разлика дали сте ветеран на жанрот или нов играч подготвен да се соочи со предизвикот на Gungeon. Со новите функции и внимателно приспособените контроли, ова е најдобриот начин да го доживеете овој хаотичен свет во движење.







