Од студиото TrueWorld Studios, составено од ветерани во гејминг индустријата, пристигнува UNYIELDER – наслов што се залага да ги помести границите на неколку популарни жанрови. Како амбициозен спој на брзо движење во прво лице, играта комбинира и rogulite механики, разнолик плен и интензивни битки со босови. Дејството е сместено во уникатен и мрачен свет, пост-апокалиптична верзија на Антарктикот, каде што се соочувате со серија предизвици кои бараат брзи рефлекси, тактичко размислување и способност за адаптација. За брзо време, се здобивате со впечаток дека UNYIELDER е забавен експеримент кој ги комбинира најдобрите елементи од различни светови за да создаде едно ново и експлозивно искуство.

Приказната во UNYIELDER ве носи во Еребус, некогаш утописки главен град на Антарктикот, кој во 1972 година доживува колапс по децении на егзистенцијални кризи. Она што останало се само рушевини од бетонски облакодери. Во овој уништен свет, ја преземате улогата на моќен ентитет чија цел е да си го пробие патот низ опустошените предели, соочувајќи се со монструозни креации. Наративот е минималистички, но атмосферата е густа и сугерира длабока позадинска приказна за падот на цивилизацијата и опасностите од неконтролираната технологија, оставајќи ве самите да извлечувате заклучоци што од околината што од непријателите.

UNYIELDER се одликува со брза и флуидна борба против босови. Секоја битка е интензивен дуел кој бара од вас постојано да бидете во движење, користејќи способности како што се брзо провлекување и кука за фаќање, како би можеле да ги избегнете нападите и да се позиционирате стратешки. Со над 40 уникатни босови, од хуманоидни противници до колосални машини, секоја борба претставува нов предизвик што бара учење на нивните шеми на напад и прилагодување на тактиката. Roguelite структурата е паметно осмислена, со над 30 оружја кои добиваат рандомни модификации и повеќе од 90 способности кои се отклучуваат за време на играњето. Оваа синергија помеѓу оружјата, модовите и моќите ве поттикнува да експериментирате со различни комбинации и стилови на игра, од создавање на карактери фокусирани на брзи напади одблиску до оние кои користат разорни напади од далечина.

UNYIELDER се стреми кон стилизиран, индустриски и пост-апокалиптичен изглед. Светот изобилува со ‘рѓа, метални конструкции и остатоци од некогашната утопија, создава чувство на изолација и опасност. Ефектите од оружјата и способностите се разнолики и експлозивни, создавајќи визуелен хаос кој, сепак, ви дозволува да ги препознавате нападите и да реагирате навреме. Оригиналната музика, компонирана од Kāru е со брз, адреналински ритам, мешавина од електроника и индустриски звуци кои совршено се вклопуваат со динамиката на борбите.

Најиновативниот аспект на UNYIELDER е механиката за „создавање на сопствен бос“. Со собирање на податоци и ресурси од поразените непријатели, ја добивате можноста да го конструирате и прилагодите вашиот финален противник. Оваа механика ви дозволува да експериментирате со различните комбинации на делови кои директно влијаат на способностите, изгледот и тежината на финалната битка. На овој начин, играта вам ви дозволува да го дефинирате вашиот краен предизвик, создавајќи уникатно искуство и нудејќи речиси безгранична можност за повторно играње.

UNYIELDER е наменет за гејмерите кои уживаат во интензивни, брзи и технички предизвикувачки игри. Ако сте љубител на адреналинската акција во игри како DOOM Eternal, слободата на движење од Titanfall 2 и бескрајната репетитивност и варијабилност на roguelite насловите како, пример, Dead Cells, тогаш оваа игра има потенцијал да ви стане омилена. Системот за создавање на сопствен бос додава длабочина и оригиналност што ретко се гледа во жанрот. И покрај ова, доколу барате лежерно искуство или длабока, филмска приказна тогаш нема да бите пријатно изненадени со предизвикувачката тежина.








