Chicken Police – Paint it RED! е одлична авантура за вашата Xbox Series S/X или PS5 конзола

во Вести

Под услов да имате Xbox Series S или X, би можеле да посакате да заиграте и интересна авантура. Иако овој жанр првенствено беше замислен за PC гејмерите, сè повеќе и повеќе авантури успешно се префрлуваат во светот на конзолите и нудат одлични можности за интеракција на, обично, дводимензионалните светови, водење дијалози и решавање предизвикувачки загатки.

Chicken Police – Paint it RED! е најновата наративна авантура која специјално излезе за конзолите, а ние побрзавме да ја провериме на Xbox Series X и да видиме дали овој наслов го заслужува вашето внимание.

Во секој можен поглед, Chicken Police – Paint it RED! крие зад хаубата авантура со сите стандардни и веќе видени механики. Но, надвор од гејмплејот, Chicken Police – Paint it RED! е уникатно остварување, како во поглед на приказната, така и во поглед на визуелниот стил, нешто што мора и одлично оди рака-под-рака.

Целата игра е осмислена во noir жанрот, каде преовладува црната боја и, на моменти, хипнотизирачко истакнување на црвената или зелената боја. Паралелно со ова, ликовите се прикажуваат како стереотипски ликови од детективските филмови од 40те години. Разликата е во тоа што, ликовите во Chicken Police – Paint it RED! се всушност анаморфни животни. Вие играте со детектив кој ќе биде вовлечен во исклучително комплициран случај, месеци пред пензионирање.

За време на играта преовладуваат два клучни елементи. Од една страна, константно разговарате со најразлични ликови. Верувајте дека ако нешто не недостасува во Chicken Police, тоа е изобилство од линии и линии текст кои, во поголемиот дел од ситуациите, се одлично одглумени од квалитетни актери. Но, како игра која значително се потпира на ваквата нарација, би можело лесно да ви здосади постојаното кликнување при разговори со над 30 уникатни ликови.

При ваквите разговори наидувате и на првиот гејмплеј елемент, а тоа е внимателно одбирање што и како да кажете, односно да го прашате ликот со кој разговарате. Точното прашање знае да извлече значително повеќе информации кои, подоцна, ги префрлате во вашиот дневник и ги користите за поврзување докази со осомничени лица.

Во форма на мини игри имате бројни места каде пукате во најразлични мети, но имате и загатки кои навистина ќе ве забават со нивната интересна изведба. Признаваме дека овие две маханики успеваат пријатно да размрдаат она што е карактеристична детективска и линеарна приказна, со времетраење од осум часа.

Chicken Police – Paint it RED! одлично се игра на Xbox Series X, но она што ние сакавме е да ја провериме играта на PS5 затоа што нема никакво сомневање дека, благодарение на контролерот на Sony, таа верзија е посупериорна. Разговорите и загатките се значително поверодостојни со PS5 контролер во рака, отколку со застарениот Xbox модел. Погледнете на што мислиме.

Доколку сте фанови на наративни и невообичаени авантури, нема да најдете поневообичаена од Chicken Police – Paint it RED! Целиот визуелен стил е апсолутно феноменален, а приказната добива поинтересна димензија кога разговарате со луѓе на кои има глава од животно. Интересно, PC верзијата е дел од моментниот Humble Choice пакет така да, ако немате Xbox или PS, би можеле да си ја зграпчите таа и многу други игри за помалку пари.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments