Moving Out 2 се враќа подобра и позабавна од кога било!

Како гром од ведро небо, Moving Out успеа целосно да доминира на инди сцената во 2020 година. Оваа шармантна и шаренолика игра понуди откачена ко-оп забава каде товарите работи на камиони. Три години подоцна, доаѓа продолжеток кој целосно се надградува на забавните механики од првата игра. Преку хумористична приказна и откачени начини за заедничко носење работи, ќе ги засукате ракавите и одново ќе се заземете за (не)професионално селење!

F.A.R.T. – Furniture Arrangement Relocation Technician e вистинска позиција во Пакмор!

Работејќи за F.A.R.T, односно како техничар за преместување и поставување мебел, имате за задача да помогнете на што е повеќе домаќинства ефикасно да ги преселат нивните драгоцени работи. Овојпат не сте само во Пакмор туку преминувате низ интердимензионални портали и ги извршувате вашите свети должности на селење низ најразлични светови. Суптилната приказна ја користи секоја можна прилика да сервира откачени шеги, но доколку не ви е до константната игра на зборови, можете да се фокусирате на главното нешто во Moving Out 2 – гејмплејот!

Во Moving Out 2 може да играте соло, но и со уште тројца играчи

Играјќи соло, трчкате и скокате од една до друга соба, влечете предмети преку прозорци и порти и ги качувате во приколката од камионот. Потпомогнато од шареноликата графика, симпатични анимации и разиграна музичка подлога, соло играњето навистина не е лоша опција. Гејмплеј механиките се прилагодени на тој начин да не мора да зависите од други и самите можете да излезете на крај со повеќето предизвици. Контролите се едноставни и за брзо време се прилагодувате на процедурата за фаќање предмет, како и негово носење/ влечење низ просторот. Обично, од точка А до точка Б, имате на располагање неколку алтернативни патишта и ни беше интересно да експериметираме и да носиме работи на што е можно поразлични начини. Работите се значително подинамични (и подобри!) откако ќе започнете ко-оп сесија.

Откако целосно ќе ви биде прикажана мапата, ќе започнете се етапно репозиционирање на предметите

Забавни local и online ко-оп сесии!

Преку ко-оп, Moving Out 2 зазема целосно нова димензија. Големите предмети, како кревети и фрижидери повеќе нема да можете да ги носите сами. Можете, но брзината е исклучително спора и принудени сте да зависите од вашите колеги. Па така, запазувајќи основни закони на физика, двајцата го зграпчувате предметот и координирано го носите до камионот. Од друга страна, еден може да фрла полесни предмети во непосредна близина на камионот, а друг да ги реди, додека другиот пар да се фокусира на потешките предмети. Ваква координација пружа значително поголема забава и услови за хумористичен хаос во движење.

Откако видовме колку е позабавно со вистински луѓе, ни беше исклучително тешко сами да му се навратиме на насловот

Играта почнува релативно лесно, но, како поминува времето предизвиците се зголемуваат. Имено, некои врати се отвораат само од една страна, а некои автоматски се затвораат по одредено време. на располагање имате и платформи кои се движат во одредени правци. Како што напоменавме, не се сите предмети исти по големина, тежина и форма па мора да размислувате од каде и како ќе ги однесете до камионот. Полесните предмети можете да ги фрлате, но некои се кршливи и доколку не внимавате можете истите да ги оштетите. Паралелно со ова, времето игра критична улога и константно треба да се трудите да сте брзи во намерата, особено ако сакате да соберете повеќе ѕвездички на крајот од нивото.

Секоја од мапите е разновидна и содржи уникатни предмети (или животни!) за транспортирање

За да добиете на време, можете да фрлате работи над одредени провалии или да искористите одредени предмети за побрз премин до финалната дестинација. Згора на ова, играта се одликува со одлична вредност на преигрување. Па така, откако ќе завршите со некоја мапа, можете да и се навратите на истата за да решите дополнителни предизвици. Предизвиците се разновидни и се движат од кршење одредени предмети, избегнување премин преку одредена пречка, или пронаоѓање посебна кутија. А, откако ќе завршите со ова, можете и да собирате касети кои отклучуваат нови мини игри.

Ликовите со кои играте се неодоливо слатки, а можете да отклучувате така што ќе наоѓате специјализирани кутии

Селидба за подобра иднина!

Moving Out 2 одлично се надоврзува на оригиналот и е доказ за тоа како нешто што е добро може да биде уште подобро! SMG Studio, во соработка со Devm Games, паметно ги имаат надградено и проширено работите што најдобро функционираа во првата игра, нудејќи, притоа, солиден продолжеток со бројни и забавни мапи и предизвици – состојки за рецепт за загарантирана ко-оп забава!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: SMG Studio, Devm Games
  • Издава: Team17
  • Жанр: Ко-оп, Party game
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Ќе излезе на: 15 август 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.5
  • Приказна: 7
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments