Сосема ненамерно, ова е трет текст како го посветуваме на Wordle за исклучително краток временски период. Причината поради тоа е едноставна – луѓето едноставно сакаат Wordle, а ние често пронаоѓаме интересни можности за играње на играта.
Првин, пушувавме за македонската верзија на Wordle – Зборле, a, потоа, наидовме на интересен проект кој ви дозволува да си играте Wordle во ексел. Но, што доколку не сакате вие да одите кај Wordle туку Wordle да дојде кај вас?
Wordlemail ја пласира вашата омилена игра со зборови директно во вашиот инбокс. Секој ден добивате по еден имејл во кој се наоѓа најновата игра на Wordle.
Од почеток до крај, играта ја играте преку добиениот мејл. Имено, во содржината на пораката се наоѓа wordle; тука го погодувате зборот и го добивате резултатот. А, доколку сте задоволни со резултатите, можете да ги споделите на социјалните мрежи од истата дестинација.
Наредниот ден, очекувајте нов имејл со нова загатка. Во Wordlemail се крие интересна и одлично реализирана замисла, особено за оние што отсекогаш барале отварањето мејлови да има и една забавна димензија.

За да се пријавите и да добивате секојдневно вакви мејлови, потребно е да го посетите следниот линк и да ја оставите вашата имејл адреса.







