Независно од тоа дали играте Wordle, или пак нашата македонска верзија – зборле – во миксот сега се приклучува и уште една игра која ем потсетува на Wordle, ем не е ништо како Wordle. На што мислиме?
Во Actorle потребно е да погодите одреден актер, односно актерка, но имате само осум шанси за таквото нешто. Како одредена помош, под полињата за погодување имате девет филмови во кои актерот глумел, заедно со година кога филмот излегол, жанрот и IMDB оценка.

Е сега, доколку најдете некој актер кој глумел во некој од филмовите, името на тој филм ќе биде откриено. Во случај да не го погодите актерот, ќе биде прикажана возраста во зелена, жолта, или црвена позадина. Ако возраста на актерот што сте го вие напишале е во зелена боја, тоа значи дека мистериозниот актер, оној кој вие треба да го погодите, има исто толку години. Ако полето е жолто, разликата во годините е 10 години, а ако е во црвено, разликата во годините е значително поголема, над 10 години!

Независно од тоа дали ќе победите или изгубите, утре ве очекува нов предизвик со нов мистериозен актер или актерка, како со Wordle! Го откривте ли денешниот актер? Ние не успеавме, за жал…