Оние кои секојдневно одговараат или започнуваат најразлични мејлови, често се наоѓаат во ситуација да постојано пишуваат одредени слични или исти параграфи. Знаете на што мислиме, воведниот дел е секогаш ист, одредени процедури кои можеби ги објаснувате во главниот дел, или пак стандардните поздрави на крајот од пораката.
Во ваква ситуација, многумина имаат, пример, word документ со генерични одговори кои постојано ги копираат и префрлуваат во порака, со суптилно менување на одредени генералии. Но, зошто да скокате низ прозорци, кога таквата процедура може да биде автоматски генерирана секојпат кога ќе напишете одреден таргет збор.
Пример, замислете дека отворате нов имејл и пишувате таргет или тригер збор како greetingitmk. Откако алатката Beeftext ќе го детектира зборот, greetingitmk, автоматски ќе префрли цел параграф текст во кој го поздравувате лицето, го прашувате како му оди денот и, пример, дека ви е мило што го контактирате. На крај од имејлот, наместо да пишувате Ваше име и презиме, со генералии, телефонски броеви и куп други работи, можете да напиште enditmk и сите тие податоци автоматски да ви се префрлат во мејлот.

Можеби се прашувате зошто на двата горе-споменати таргет зборови имаме додадено itmk на клучниот збор. Тоа е затоа што Beeftext не дискриминира и ако таргет зборот е само greeting, секојпат кога ќе го напишете зборот автоматски ќе се префрлува параграфот. На нашиот начин, ставате малку поуникатни таргет зборови кои не се појавуваат при нормална комуникација, а се лесни за помнење.
За да ова функционира како што го напишавме потребно е да се направат две работи. Првин, да се инсталира алатката или да се преземе и вклучи пренослива верзија. Потоа, треба вие да одредите кои да бидат тригер зборовите и каков текст да биде поврзан со нив. Откако ова ќе го средите, beeftext си чучи во позадина и го следи текстот што го пишувате. Ова функционира и при работа во некоја онлајн алатка и при работа преку канцелариски пакет, како word.
Преземете ја бесплатната Beeftext алатка тука!







