Доколку сте гејмер веќе подолго време, шансите се дека, порано или подоцна, имате заиграно игра како Shinorubi. Преку дводимензионален приказ, Shinorubi ви дозволува да изберете пилот и уникатно летечко возило и да навлезете во Bullet hell битки каде избегнувате бранови и бранови куршуми и ги уништувате непријателските летала. Едноставна формула која, со малку среќа, знае да биде исклучително забавна во ситуации кога сакате да се релаксирате.
По две години макотрпна работа, чедото на развојното студио Last Boss 88 е излезено во конечната форма. Дали е добра игра?
Пекол од куршуми!
Shinorubi се одликува со 5 нивоа и 5 различни нивоа на тежина, со можност за вметнување кредити и активирање дополнителни „животи“, за полесно завршување на нивото.
Играта се чини прилагодена за различни способности на играчите и, доколку само сакате да поминете низ нивоата, имате лесен режим преку кој бомбата автоматски се активира, а куршумите на непријателите исчезнуваат во моментот кога ќе го уништите леталото кое ги испукало.

Од друга страна, Shinorubi нема да ве разочара и доколку сакате целосно да ги тестирате вашите рефлекси. Нудејќи предизвик во највисока форма, играта на Last Boss 88 станува фрустрирачки пекол, каде секој куршум знае да биде фатален.
Во случај да не сакате да си имате работа со стандардните непријатели, ќе можете да навлезете во режим во кој само се спротивставувате на босовите. Модот не е лош, но ние повеќе уживавме во класичниот режим каде имаше здрава смеса и од бранови класични непријатели и од босови.

Во целиот овој хаос, можете да користите штитови, да уништите претходно одбележани летала, да менувате проектили, и слично. Најголем проблем во Shinorubi е тоа што бродовите се премногу големи и немате доволен простор за маневрирање, независно од резолуцијата. Ова знае да биде фрустрирачко искуство кога ќе се појават повеќе непријатели и куршумите ќе летаат на сите страни.
Иако нам ни се допаднаа кратките моменти кои ги поминавме со играта, особено уникатниот визуелен стил, мислењето на гејмерите се чини поделено. Дел од нив се разочарани од едноличниот дизајн, неинспиративните босови и хаотичните пресметки каде тешко може да се ориентирате во хаосот од куршуми.
Shinorubi е достапна за Nintendo Switch, PS5, PS4, Xbox Series X|S и Xbox One, по цена од 20 евра, но на некои продавници има солиден попуст од 30%, со што цената се сведува на 14 евра.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Last Boss 88
- Издава: Last Boss 88
- Жанр: 2D, aкција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Ќе излезе на: 19 јануари 2024







