Со секоја помината година, индустријата со игрите станува сѐ поголема и поабициозна, барајќи од бројните развојни студија константно прилагодување на моментните потреби на модерниот гејмер. Но, незнаењето дали да се игра на сигурна карта или да се ризикува со храбри експериментирања знае да биде пресудно кога се работи за зграпчување парче од оваа исклучително профитабилна торта.
Како извршен директор во Snowball Games, Љупчо Кошчицовски се има потрудено да се избори за неговата сенка под сонцето и да понуди на бројните гејмери уникатни игри со претходно-докажани модели на успех.
Snowball Games е инди компанија која има за задача да создава, развива и објавува забавни игри за мобилни направи. Голем дел од нивните игри се достапни за Android и iOS паметни направи. Една од нивните најпопуларни игри, Yatzy Ultimate, се има преземено над пола милион пати преку Google Play и моментно ужива во оценка од 4.1. Со потполно исти оценки, Yatzy Ultimate и Yatzy Ultimate Lite доминираат на App Store и нудат богати можности за самостојно или заедничко играње на играта од вашето детство.
Yatzy Ultimate е далеку од единствената популарна игра на оваа македонски студио. Во нивниот арсенал од квалитетни наслови ќе наидете и на Light the Light – предизвикувачка iOS игра во која следите и собирате светла низ впечатливи лавиринти полни со пречки. Претходно, студиото има работено и на Cosmic Rush, Yatzy Dice Clash, Apex Cube, Rocket Rocket, Bounce the Bounce, и Farkle Battlefield.
Неодамна, пријатно бевме изненадени да откриеме дека Snowball Games се најдоа и на #WeArePlay листата на Google. Ни беше особено мило што наидовме на Љупчо преку интерактивната мапа на Google и, заинтригирани од тоа што го прочитавме на сајтот, решивме да го контактираме и да го замолиме за краток разговор поврзан за неговата компанија, како и за најдобрите и најлошите моменти поврзани со професијата.
Според официјалниот опис на WeArePlay, Љупчо отсекогаш сакал друштвени игри. Во 2019-та година ја лансира компанијата Snowball Games и започнува со прилагодување на класични игри за онлајн играње. Во нашиот разговор со Љупчо, дознаваме дека неговите гејмерски вкусови се мистериозно врзани со бројката 3.
Ќе излезе шема во која сум фан на трилогии, меѓутоа само на третите делови како Devil May Cry 3, Heroes of Might and Magic 3, Quake 3 Arena, War Craft 3, a oсобено влијание имав и од Dune 2000 и Half Life како едни од игрите кои ми го задржаа вниманиетo со нивниот storytelling.
Надвор од игрите, Љупчо ужива и во целата филмографија на Akira Kurosawa како и George A. Romero. Според него, „обајцата индирекно обработуваат вистински проблеми во општеството претставени или преку хипербола или, во случајот на Ромеро, преку хорор жанрот.“
Прашавме за игри, прашавме за филмови, на ред е да видиме во какви книги ужива: “во однос на книги фан сум на цела битник генерација особено Kerouac, Bukowski и Vonnegut, а од Sci-Fi жанрот би го издвоил Asimov.“
Со оглед на комплекснота на овие наслови, воопшто не нѐ изненадуваат големите амбиции на Љупчо и она што го има сработено низ годините. Како инди студио од 5 вработени, Snowball Games не зависат од надворешна помош, посветувајќи се на самостојно правење и објавување на игрите, како и континуирано надградување, а и привлекување корисници.
Компанијата е микро компанија и моментално моите обврски се непроменети од стартот, што подразбира гејм дизајн, аналитика, девелопмент, маркетинг, тестирање и корисничка поддршка. Да се биде дел од индие студио подразбира дека ќе треба да се носат повеќе капи, меѓутоа баш овој начин на работа ме доближува поблиску до заедницата на играчи и преку тоа имаме добра можност да ги подобриме игрите.
На прашањето на што највеќе посветуваат внимание при изработката на нивните игри, Љупчо ни објаснува дека гејмплејот е од искучителна важност.
„При изработка на игрите најмногу обрнуваме внимание на гејмплејот, односно поради тоа што сме на пазарот на мобилни игри кој што е сатуриран со огромен број на идентични проекти, како и индентични начини на монетизација на истите проекти, ние се одвојуваме со тоа што имаме етички пристап при монетизирањето. Имаме околина во која играчот може да прогресира до крајот на играта без да има потреба да купи нешто од самата игра за да му олесни, како и етичко поставување на рекламите кои секогаш се после завршување на сесијата и никогаш додека трае играта. Ова значи дека на играчот му се овозможува непрекинато искуство додека не ја заврши играчката сесија во целост.“
Тука некаде, Љупчо се присетува на моментите поврзани со создавањето на компанијата, објаснувајќи дека: „Snowball Games се создаде како феникс од пепелта на претходната истоимена фирма, но во форма како инди студио. Се посветивме повеќе на играчкото искуство на играчите и како да станеме компетитивни како инди и да продолжиме да го правиме тоа што го сакаме.“
И покрај тоа што има многу папирологија и бирократски прописи во Македонија, Љупчо не гледа преголема разлика за тоа дали е посебно тешко да се биде развивач во Македонија, верувајќи дека: „секоја млада компанија се соочува со скоро истите проблеми.“ Но, и покрај предизвиците и негативните работи, развивањето игри има и бројни предности:
„За мене, најдоброто нешто од професијата е да работиш на нешто кое го сакаш и истата работа да биде прифатена позитивно од играчите. Тоа не подразбира само играта како целина, туку и механиките во неа системите кои го прават искуството на играчот подобро.“
Google Play Има регистирано над 1,595,400 преземања на игрите на Љупчо. Од тие, Yatzy Ultimate се чини како една од најпопуларните игри со, како што напоменавме, над половина милион преземања. Ова, ќе се сложите, никако не е за потценување:
IT.mk: Како сте задоволни од успехот на вашите игри, особено од Yatzy Ultimate?
Љупчо Кошчицовски: „Според сето она што го вложивме, со толку мал тим и без финансии, чисто изненадување беше и тој успех дека го постигнавме во мал временски период. Планот беше дека ќе ни требаат сигурно уште две години, меѓутоа за несреќа фати КОВИД пандемијата и во тој период јас одвојував повеќе од 12 часа работа, а поголемиот дел од светот се префрли на игри за дистракција и тој специфичен временски период ни го забрза успехот за повеќе од една година од очекуваното.
Моравме многу од проектите кои ги планиравме и работевме да ги напуштиме, дел од активните игри ги исклучивме поради тоа што на почетокот моравме да се стремиме кон ефикасност и секој напредок и инвестиција доаѓаше од заштедата на профитот, што значи ни треба нова опрема или нов член на тим ние моравме да одвојуваме за да може да вложиме наспроти да бараме надворешни инвеститори.
Поради тоа патот е поспор, меѓутоа ни го задржа правото да бидеме инди студио и да немаме игри кои се доминантно со милион реклами и го кршат играчкото искуство само поради тоа што мора да направат профит за своите инвеститори.“
Со оглед на популарноста на игрите, го прашавме Љупчо дали планира да ги пласира игрите и на PC платформите како Steam, Epic, или GOG. Иако разбираме дека Snowball Games специјализираат во игри за паметни телефони, нивниот квалитет и огромен потенцијал за мрежно играње се чини дека би бил ценет и од PC гајмерите. Мило ни беше да чуеме дека се работи на таквото нешто и дека до крајот на 2024-та година би можеле да ја видиме Yatzy Ultimate и на PC. Но, Љупчо појаснува дека ова е само експеримент со кој планираат да ги тестираат водите и да видат како ќе помине играта и на тој пазар. Доколку играта биде прифатена позитивно, би можеле знаењето од таа игра да го искористат за да ги префрлат и останатите игри на PC.
Во меѓувреме, Љупчо и неговиот тим никако не седат со скрстени раце и макотрпно работат на неколку впечатливи проекти. Имено, Snowball Games работи и на игра со карти која е замислена да ги образува децата за предностите кои произлегуваат од здрава исхрана.
Кажете ни повеќе за образовниот аспект кој произлегува од вашата идна игра со карти; какви гејмплеј механики се имлементирани за да се подобрат здравите навики на децата? За кои платформи ја планирате играта?
Мојата лична цел е да издадам игра која ќе ги подобрува навиките на децата и возрасните во однос на здрава исхрана и активен начин на живеење. Гејмификацијата е моќна алатка за менување на навики и помагање при образование. Тоа значи дека не само видео игрите и класичните игри, туку системите кои тие ги користат се многу влијателни врз перцепцијата на корисникот и може да бидат искористени за позитивни цели.
Инспириран од Мagic the Gathering почнав да работам на игра која што е наменета за подобрување на исхраната кај деца и тинејџери, меѓутоа таа игра е во стилот на класична trading card game и моментално не се развива како дигитален продукт, делумно поради тоа што јас имам конфликт со монетизација на ири кои се наменети за деца. Што значи дека за да може да се издаде играта ќе мора да биде комплетна и да се купи или да се подари и никако да нема микро трансакции или реклами во неа. Овој момент е битен за тоа дека овој проект ќе остане најверојатно личен отколку во опсегот на работата на Snowball.
Покрај здрава исхрана, сите заинтересирани ќе можат да навлезат и во целосно нов серијал кој е инспириран од древни игри, особено од игри кои се играле во Египет. Го замоливме Љупчо да сподели нешто повеќе и за оваа игра.
„Идејата беше да се оживеат игрите како Сенет, Манкала и слични игри кои се сметаат за антички во регионот на северна африка, не само Египет. Меѓутоа со малиот тим, моментално решивме да се концентрираме на тоа што најдобро го знаеме, а тоа е да создаваме Diceverse со игри поврзани со јамб механика. Тоа значи дека во иднина сакаме да создадеме повеќе игри кои ќе бидат дел од Diceverse Snowball. Со ова сакаме да доделиме free-to-play искуство кое ќе биде уникатно затоа што секоја микротрансакција ќе може да се користи во било која игра од нашите. Тоа значи дека како корисник кој купил нешто во Yatzy Ultimate ќе може да го пренесе во следната игра на Snowball наместо да купува нешто од поново.“
Импресионирани од плановите, почнавме да навлекуваме во шпелулативни води и поразговаравме за тоа како Љупчо ја замислува неговата идеална игра, проект на кој би сакал да работи независно од техничките и финансиските ограничувања.
Идеална игра е игра која има добра сторија, солидно раскажување и прогресија независно од технологијата или видот на играта. Моментално затоа што работиме на board games, идеална игра е онаа која што дозволува играчот да може непрекинато да игра колку сака и да има добра заедница од играчи со кои може да го прави истото, за мене во овој момент поважна ми е заедницата на играчи отколку што и да е друго поврано за системите, механиките или технологијата за една игра.
Почетокот на интервјуто го започнавме со WeArePlay и некако така и сакаме да го завршиме.
Како сте задоволни од тоа што се најдовте на #WeArePlay листата? Каков совет би дале на оние што сакаат да постават игра на Google Play и да остварат забележителен успех?
Посебен успех ни претставува “WeArePlay и препознавањето успехот од страна на Google. Добивме гориво за да работиме повеќе и ни се отворија многу врати кон соработка дирекно со Google, што претходно беше незамисливо за нас, како и учество во нивните експериментални програми преку кои взаемно учиме и разменуваме искуства за идни системи и механики.
Искрено, сите што сакаат да бидат препознаени треба да работат повеќе на градењето на заедница и игри и/или апликации кои се успешни без да бидат премонетизирани. Оваа листа Google сами ја прават врз база на аналитиката од Google Play Store што значи дека нема апликација, нема посебни услови па единсвен совет би бил да го работат тоа што го сакаат и да изградат здрава околина за своите играчи и тоа на крајот е најголемата награда која што може да ја имаат.
Дали би сакале да кажете нешто за вашиот тим или луѓето кои ви пружиле поддршка низ годините?
Низ годините имавме неколку луѓе кои беа дел од нашиот тим, меѓутоа моментално сме останати the real OGs јас и Владимир заедно со уште неколку луѓе part-time кои ни помагаат околу административните работи, маркетинг и графички дизајн. Се што се однесува на развивање на игри, дизајн, издавање и поддршка сме ние двајца, а во иднина планот е да прераснеме во поголем тим и да се концентрираме на нови игри како вистинско инди студио.
Огромна благодарност до Љупчо за одделеното време и за несебичните проникливи одговори. Тимот од ит.мк со големо внимание го следи понатамошниот напредок на Snowball Games и со нетрпение го очекуваме нивниот иден хит! Во меѓувреме, заследете ги Snowball Games и проверете го видеото за Јаци!