0 коментари 6 мин. читање 30 август, 2024

3 игри за исполнителен викенд

Ова е последниот викенд од летниот распуст. Поради тоа, доколку сте ученик и едвај чекате да се вратите зад училишните клупи (хех, едвај), ви препорачуваме првин да се опуштите и да се правилно подготвите за септември со некоја од следниве три игри!

Supermoves е Mirror’s Edge на стероиди

На времето, првата Mirror’s Edge беше презабавна и крајно невообичаена игра. Гејмерската популација беше крајно импресионира од играта, особено од бројните флуидни паркор движења во еден пречист град кој се гуши под железната пета на тоталитарниот режим.

Ако ја одстраните приказната и се фокусирате на компонентите кои се од натпреварувачки карактер, тогаш она што добивате е адреналинска тркачка игра со име Supermoves.

Supermoves е откачена тркачка игра каде акцентот е на брзи паркор движења низ најразлични предизвикувачки места. На располагање имате осум уникатни режими. Еден од нив е во духот на Battle Royale, каде трките ги започнувате против 39 други вистински играчи. Чувството на брзина е реално и можете да правите најразлични движења кои ќе успеат да ги импресионираат и најтврдокорните паркор експерти. Во случај да не сакате да се натпреварувате против вистински играчи, ќе ве израдува и соло режимот каде работите на вашата кариера. Дополнително, можете да го користите едноставниот уредник за создавање и споделување со заедницата најразлични ваши креации.

Тркањето може да е во прво или трето лице

Како големи фанови на Mirror’s Edge, пријатно се изненадивме од можностите кои ќе ги најдете во играта. Се надеваме и вие, доколку решите да и пружите шанса на играта.

Fall Guys???

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Makea Games
  • Издава: Makea Games
  • Жанр: акција
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 28 август 2024

Tales from Toyotoki: Arrival of the Witch (The witch of the Ihanashi) излезе и за PS5, и за другите конзоли!

Tales from Toyotoki: Arrival of the Witch (The witch of the Ihanashi) е визуелен роман кој е достапен на Steam добри две години. Во чест на тоа, од неодамна корисниците можат да ја заиграат играта и на конзолата на Sony, како и на останатите конзоли.

Tales from Toyotoki: Arrival of the Witch е класичен визуелен роман со комични и романтични елементи. Во десетчасовната приказна ќе играте со Хикару Нишиме – детето кое никој не го сака. Хикару ги има изгубено родителите уште од мала возраст и по долг престој со маќеата, ќе биде принуден да се пресели во Окинава и да живее со неговиот дедо. Арно ама, кога ќе пристигне кај куќата на дедото, ќе забележи дека тој одамна си ги собрал парталите и се преселил некаде далеку. Не знаејќи што да прави од тука натаму, Хикару запознава интересна девојка и решава да живее со неа на мал остров.

На главните ликови им се позајмуваат гласови од локални актери, а преводот е на англиски

Не сме сигурни околу техниката на цртежите, но на моменти имавме впечаток дека се работи за вистински фотографии кои се провлечени низ неколку филтри за да изгледаат како да се нацртани. Локациите се интересни, но често се повторуваат една со друга, со што севкупниот впечаток знае да се намали. Што се однесува до самата приказна, нам не ни беше премногу веродостојна. Маќеа која не го сака, го испраѓа кај дедо за кого знае каде, но не прави никакви договори претходно. Не помага ни тоа што многу работи се губат во преводот и некои реченици излегуваат или премногу детски или нелогични.

И покрај ова, доколку сте фанови на визуелни романи, сега имате уште еден кој можете да го „играте“ од комфорот на вашиот кауч.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Fragaria
  • Издава: Fragaria, Seikei Production, Mayflower
  • Жанр: визуелен роман
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 22 август 2024, за PS5

Iron Meat има одлично демо за сите љубители на старите контра игри!

Во случај да сакате да играте нешто без да потрошите пари, би сакале да ви го препорачаме демото за долго-очекуваната Iron Meat. Оваа ретро-инспирирана пукачка игра е во духот на старите Contra игри. Втурнати во пост-апокалиптична иднина, ќе имате за задача да поминете низ бројни внимателно дизајнирани стази и да се соочите со бројни непријатели и босови, притоа користејќи арсенал од деструктивни оружја.

Мајсторско вкрстување помеѓу DOOM и Contra!

Демото е одлична појдовна дестинација за да видите како е реализирана визијата на Ivan Valeryevich Suvorov и Retroware. Се работи за аркадна run-and-gun акција низ девет детално разработени стази. Непријателите се бројни, а босовите креативно осмислени. Благодарение на 2-player couch co-op, низ сите стази можете да поминете со уште еден пријател. За дополнително разбивање на монотонијата, авторите ќе им понудат на играчите над 30 уникатни скинови. Играта ќе излезе на 26 септември, за PC или за конзолите!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ivan Valeryevich SuvorovRetroware
  • Издава: Retroware
  • Жанр: акција, платформер
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Ќе излезена на: 26 септември 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
To top
{title}