Новогодишните празници поминаа, а со тоа и лудиот период на подготовки за празниците, пронаоѓање на подароци, и што уште не… За вистински персонализиран подарок и секогаш треба време и посветеност…. а токму овој простор се обидува да го освои македонскиот стартап Giftcards.mk.
Giftcards.mk е специјализирана платформа за продажба на дигитални вредносни ваучери (eGift Cards). Платформата е креирана од Стефан Станчевски и како што велат самите нивна цел е да го олеснат подарувањето преку функционалност која овозможува испраќање на дигитални картички за подароци.
Заинтересираните корисници, преку веб страната можат да испратат подарок – дигитална гифт картичка. Иако секој може да купи картичка на Giftcards.mk, главниот фокус е на компаниите, кои може да ја користат платформа за подароци и бенефити за своите вработени.
За платформата и плановите зборувавме со основачот на Giftcards.mk – Стефан Станчевски.

Можеш ли да ни дадеш краток вовед за Giftcards.mk и од каде дојде идејата и инспирацијата?
Платформа која на едно место нуди голем број на различни гифт картички, е нешто кое одамна постои во развиените земји. Оттаму и идејата да креирам таква платформа на нашиот пазар. Гифт картичките низ годините, полека се дигитализираа, па така и giftcards.mk се насочи првенствено кон продавање на дигитални гифт картички (eGift Cards).
Како ги одбираш партнерите/продавниците кои ќе бидат достапни на платформата?
Генерално одбираме брендови од широка потрошувачка, брендови кои им се познати на купувачите со цел да задоволиме голем број на вкусови. Дополнително, се водиме и по барањата на клиентите, односно гледаме да ги исполниме и барањата на вработените во компаниите клиенти.
Во изминатите месеци додадовме и голем број на ваучери од услужната дејност како храна, кино, супермаркет, мобилни апликации и други.

На кој начин функционира партнерството?
Giftcards.mk склучува договори со партнерите да издава и продава вредносни ваучери кои ќе се користат за купување на производи или услуги во нивните продажни објекти.
Кои критериуми ги земате предвид при изборот на нови партнери за проширување на понудата?
При одбирање на партнерите се водиме по два основни критериуми. Првиот критериум е новиот бренд да биде адекватен и атрактивен за подарок.
Вториот критериум е новиот партнер (ваучер) да се вклопи во категоријата на бенефити за вработени, односно ваучер кој вработениот би го одбрал за себе, како на пример супермаркет.
Дали постои опасност од измама со овие картички? Дали имало обиди за злоупотреби?
Секој ваучер има уникатен 13 цифрен код кој се генерира во моментот на нарачување и истиот се запишува исклучиво во нашата база, заштитена со Firewall. Освен на хостинг провајдерот, базата постојано прави backup и на Amazon S3 (AWS).
За проверка и искоритување на ваучер, секој продавач пристапува директно до нашиот систем преку сигурносна и енкриптирана врска која користи JSON Web Token (JWT).
За сите комуникации со надворешни системи исто така се користат уникатни токени.
Ги користиме сите стандарди за заштита за да го сведеме ризикот од злоупотреба на минимум и досега не сме биле изложени на никаков безбедносен ризик.

Што преземате за да обезбедите безбедност на податоците од клиентите?
Податоци за платежните картички на клиентите секако не се достапни за ниту еден интернет трговец бидејќи во моментот на плаќање купувачот е префрлен на безбедносна страна од самата банка чиј виртуелен ПОС терминал користиме.
Oстанатите лични податоци на корисниците кои биле дадени при правењето на самата нарачка како име, имејл адреса и телефонски број, се видливи исклучиво за највисокото ниво на кориснички пристап до платформата (Super Admin). Овие податоци ги користиме исклучиво доколку е потребно некој ваучер да биде повторно испратен (пример кога имејлот или СМС пораката со ваучерот корисникот по грешка ја избришал).
Нашите соработници имаат увид само во кодовите од нивните картички.
Картичка/ваучер како подарок е прилично нов концепт кај нас, додека на запад со децении се применува. Кои се вашите очекувања на ова поле во иднина?
Точно, гифт картичките како концепт за подарок постојат одамна, меѓутоа, до ден денес се во листата на топ 3 најпосакувани подароци.
Повторна популарност добиваат со нивната дигитализација и можноста да пристигнат до крајниот корисник во истиот момент. Токму поради оваа причина сè повеќе се користат во најразлични програми, како лојалти програми за купувачи или бенефит програми за вработени.
Преку директно (API) поврзување со најразлични системи, дигиталните гифт картички даваат одлична можност за монетизирање на било какви програми кои имаат за крајна цел да му дадат дополнителен бенефит на крајниот корисник. Сето ова го овозможува и giftcards.mk.
Кои се двата најголеми предизвици со кои се соочи откако ја основаше Giftcard.mk и како ги надмина?
Како и секој друг нов производ што се појавува на пазарот, најголем предизвик е да ги запознаеш купувачите со концептот на дигитални ваучери, а потоа можеби и уште потежок и подолг процес е луѓето да стекнат доверба во услугата.
Крајна цел е да створиш навика за купување, нешто на кое сеуште постојано работиме.
Дополнително како предизвик би ја издвоил и технологијата. Софтверското решение кое на почетокот се користеше, бараше голем дел од позадинските процеси рачно да се извршуваат. Сега сите процеси се автоматизирани со едно сеопфатно софтверско решение.

Можеш ли да споделиш дел од идните планови за компанијата и плановите за развој? Дали има простор за регионално ширење?
Дефинитивно сите напори се насочени кон B2B сегментот од работењето, делот со бенефити за вработени. Ова е насоката во која ќе се движи идниот развој на компанијата. Како ова ќе биде спакувано од технички аспект, и во која форма ќе биде производот се надевам дека наскоро ќе се покаже.
Можноста за регионално ширење е секогаш тука, меѓутоа внимателно треба да се одберат стратешките партнери за настап на секој нов пазар.
Како основач на компанијата, што ти претставува најголемо задоволство на твојот претприемачки пат?
Пред сè морам да кажам дека е многу интересен и динамичен претприемачкиот пат.
Покрај возбудата дека не знаеш што ти носи секој нов ден, нешто што мене лично ми претставува најголемо задоволство е градењето и развивањето на производот. Како giftcards.mk од идеја прерасна во функционален производ (услуга) кој секојдневно се користи и постојано е активен.







