Оваа година, по 15-ти пат, Netcetera го организира натпреварот во програмирање, CodeFu, под овогодинешната тема „This is The Way“.
CodeFu е натпревар фокусиран на студенти, апсолвенти и средношколци. Започнува со две квалификациски рунди на кои кандидатите ќе ги покажат своите вештини за влез во финалето, каде ќе се натпреваруваат 32-ца CodeFu воини.
Квалификациските рунди не се поврзани, па учесниците можат да учествуваат и во двете рунди или во секоја одделно. Доколку ја пропуштивте првата шанса, може да се приклучите во втората, која ќе се одржи на 9-ти мај со почеток во 12.00 часот и да се борите за влез во финалето и за една, од трите главни награди, ваучер во износ од 1500 евра. Секако награди следат и за победниците од квалификациските рунди.
Во продолжение, кратко интервју со еден од воините кои чекорат по овој пат, нашиот минатогодишен победник и редовен учесник на CodeFu.

Нешто за себе?
Јас сум Мартин Динев, имам 19 години и студирам Компјутерски науки на ФИНКИ.
Зошто учествуваш на CodeFu?
„To earn my bragging rights 😉“. Учествувам на натпревари по информатика 6 години. Секое стекнато искуство се надоврзува со претходното, а CodeFu натпреварите не се исклучок!
Од кога почна да се натпреваруваш на CodeFu и колку пати си учествувал?
Иако за CodeFu знам одамна сепак, редовно почнав да се натпреварувам кога станав студент, а тоа е од пред 2 години.
Што те мотивира за учество и натпреварување во CodeFu арената?
Во текот на годините секој натпревар неразделиво се поврзуваше со незаборавни дружења, прекрасни прошетки и секако интересни предизвици. CodeFu ги буди тие спомени, а истовремено е прилика за доживување нови предизвици.
Дали задачите на CodeFu се предизвик за тебе?
Секако, секој натпревар е предизвик. Можеби слично како решавањето рубикова коцка, предизвик е додека научиш како се решава, но секој следен пат повторно е предизвик, заради обидите да ја решиш побрзо.







