0 коментари 6 мин. читање 10 декември, 2020

Интервју со Гораст Цветковски: Сé што треба да знаете за A1 Game Fest

Одлична вест за сите љубители на гејмингот во Македонија. Покрај пандемијата и специјалните мерки можеби и најзабавниот гејминг настан во Македонија, A1 Game Fest сепак ќе се одржи. Настанот има онлајн дел, но финалето под специјални мерки ќе има и дел со физичко присуство. Организаторите обезбедија натпреварите да бидат фер, забавни и најважно безбедни. Настанот се одржува на 19 и 20 декември, а првите квалификациски натпревари започнуваат веќе овој викенд.

За A1 Game Fast разговаравме со Гораст Цветковски кој заедно со остатокот на GG.MK и А1 Македонија се дел од организаторите на овој уникатен фестивал на гејмингот во Македонија.

Што е A1 Game Fest? Кој го организира? Кога ќе се одржи?

A1 Game Fest е гејминг фестивал кој почна во 2018-та година. Идејата беше да се направи нешто големо, гранде, каде ќе се соберат сите гејмери, е-спортисти, гикови, фанови на суб-култура, љубители на стрипови, борд гејмови, ЛАРП-ери, колекционери на фигури и ретро-аркади и конзоли. Настан каде ќе се соберат и запознаат љубителите на најважната споредна работа на светот – игрите.

Организатор на A1 Game Fest е А1 Македонија, во тесна соработка со единствениот гејмерски подкаст во Македонија, GG.MK.

Колку ви е важно да организирате „нормален“ настан во не баш нормален период?

Сите аргументи оваа година одеа во прилог да се прескокне изданието на A1 Game Fest. Со случувањата на секое друго поле, отежнатата комуникација, а и фактот дека целата поента на ваков настан е запознавање на луѓе, комуницирање во живо, многу публика и маски, сите размислувања посочуваа дека не треба да се одржи. Но, А1 Македонија покажа неверојатна свесност и разбирање, пред се за да ги зачува контиунитетот и традицијата на фестивалот, но и на гејмерите, е-спортистите и општо на луѓето да им понуди токму ваков тип забава, со цел полесно да го пребродат периодот на неизвесност и изолации.

Во кои игри можат да се натпреваруваат учесниците?

Оваа година поради глобалната пандемија моравме да имплеметираме мерки за заштита и да ги адаптираме прописите за играње. Затоа е намален бројот на игри, но е зголемена вредноста на наградите. Овој пат може да се освојат пехари, медали и парични награди во Fortnite, League of Legends, Tekken 7, FIFA21 и нормално Cosplay натпревар.

Дали ќе има пријавување за учесници; кога започнува?

Пријавувањето е веќе започнато, интересот е огромен како и секоја година, а ждрепките за групите во Fortnite, League of Legends и FIFA21 ќе се извлекуваат во живо во четврток, 10-ти декември во 18:00 часот на каналот на GG.MK. Бројот на дозволени тимови во Fortnajt e 64, во LoL е 32, FIFA21 ќе прими 64 играчи, а Tekken 7 – 32. До моментот на објавување на овој текст имаме примено над 500 пријави за сите натпревари.

Линковите за пријавување може да се најдат на страницата на A1 Game Fest 2020 на Facebook.

Како ќе се одржи настанот во време на пандемија? Со оглед на пандемијата, како ќе спроведе безбеден гејминг?

Ова беше најголемиот предизвик за ова издание. На прва топка сите помислија дека ќе биде чисто онлајн издание,… но сепак беше одлучено дека финалето треба да биде во живо, без публика, под строги протоколи за заштита од COVID-19.

Така и ќе биде. Квалификациските натпревари ќе се играат викендот 12-ти и 13-ти ONLINE. Потоа најдобрите 4 тимови и играчи, односно 8 во Tekken 7, на 19-ти и 20-ти декември ќе дојдат на тајна локација надвор од Скопје за ги одиграат финалните натпревари.

Локацијата е огромен хангар, кој има специјално греење и најсовремена оптика од А1 Македонија. Овој пат нема да има преклопување, односно паралелно играње, туку со завршување на една игра, на учесниците ќе им бидат доделени медали и пехари, си одат, а хангарот се проветрува и целата опрема за играње се дезинфицира. Потоа повторно се загрева и ги очекува следните натпреварувачи. Коментаторите исто така се менуваат за секоја игра.

Натпреварувачите си носат сопствена периферија за играње како и слушалки со микрофони. Тимовите се одделени комплетно, а и помеѓу секој соиграч стои транспарентна преграда за заштита. Се разбира, заштитните маски се задолжителни за сите присутни.

Косплеј натпреварот е комплетно онлајн. Учесниците откако ќе ја креираат својата маска, своето ремек дело, потребно е да снимат кратко showreal видео до 5 минути, во кое од името на ликот ќе одговорат на неколку прашања во однос на изработката. Гласањето ќе биде онлајн, а во недела на 20-ти декември ќе се прогласи победникот.

Двата финални дена ќе бидат проследени со директен пренос кој ќе може да се погледне на GG.MK, Facebook: А1 Македонија, Instagram: @a1makedonija, а ќе биде проследен од коментатори и многу подароци за гледачите.

Верувам дека и годинешново издание на A1 Game Fest ќе биде супер успешен настан за кој долго ќе се зборува, а на учесниците и публиката ќе им овозможи одлична забава и незаборавно доживување.

Avatar photo
Напишано од

IT.mk редакција

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top