.мк стартап на месецот [септември, 2024]:

Што е Толт?
Толт е платформа што им помага на технолошки компании во сите фази на партнерскиот маркетинг – од привлекување корисници до исплата на партнерите и сè помеѓу.Младата компанијата, основана од браќата Даниел и Валентин Ѓокај, нуди иновативно решение кое им помага на други технолошки фирми да го оптимизираат својот процес од почеток до крај во партнерскиот (affiliate) маркетинг.
Ваквиот тип на маркетинг е модел на рекламирање во кој компанијата ги компензира издавачите на трети страни за да генерираат сообраќај кој води до производите и услугите на компанијата.

Од решавањето на сопствени маки до сопствен продукт
Според Даниел, кој е извршен директор на компанијата, идејата за Толт се родила од нивната сопствена потреба да создадат поефикасна платформа за партнерски маркетинг.
„Приказната почнува пред година и пол. Се соочувавме со проблем каде што за секој клиент со кој работевме требаше да отвориме партнерска програма. Иако имаше неколку платформи на пазарот, не бевме задоволни од нив, па така дојдовме до идејата дека можеме да направиме нешто ново и да најдеме простор за нас,“ вели Даниел, кој е одговорен за бизнис делот од Толт, додека неговиот брат Валентин се грижи за техничкиот дел.
Пред основањето на Толт, Даниел имал дигитална агенција каде што работел на креирање страници за Shopify и слични платформи. Со текот на времето, тој чувствува потреба да започне нешто свое, а резултатот од таа потреба е Толт.
Но ова не е првата стартап авантура на Даниел. Претходно, со неговиот стартап Харвел работел на софтвер за заштита на авторските права на next-gen креаторите, преку развивање алатки против пиратеријата.
„Стигнавме до интервју со Y Combinator, но, за жал, не влеговме. Сепак, бизнисот беше специфичен и требаше правна позадина, па решивме да го продадеме и да се фокусираме на СааС апликации, што нè доведе до Толт,“ објаснува Даниел.
Органскиот раст и првата инвестиција
Со тим од пет луѓе, поделени на бизнис и програмски дел, стартапот сега има над 23 илјади долари во МРР (месечни повратни приходи), и со клиенти како што се Prisma и Perplexity.
Неодамна, стартапот затвори и инвестиција од 100 илјади долари од фондот LAUNCH на американскиот претприемач и ангел инвеститор Џејсон Калаканис.
Контактот со Калаканис бил остварен преку Твитер (сега Х), кога тој објавил твит со повик за заинтересирани стартапи и претприемачи кои имале интервју со YC, но не успеале да продолжат понатаму.

„Испративме апликација, и добивме повратен одговор и закажавме состанок. Потоа неколку месеци не слушнавме ништо од нив. Но, некаде октомври 2023 година добивме одговор дека имаат слободно место и дека сакаат да инвестираат во нас,“ раскажува Даниел.
Со инвестицијта, LAUNCH добил 6 проценти од компанијата. Плановите на Толт за инвестицијата пак, се да ги искористат овие средства за зголемување на тимот и маркетинг активности.
Како што потенцира и самиот Даниел, добивањето на оваа инвестиција за Толт и дел од искуството на она што значи да бидеш стартап и како да научиш да играш играта во светот на фондовите за ризичен капитал.
Партнерскиот маркетинг во 21-ви век
Што е она што го разликува Толт од конкуренцијата? Како што објаснува Даниел, платформата им овозможува компаниите да лансираат партнерски програми за само 10-15 минути, без да биде потребно некое поголемо техничко знаење за целиот процес. Една од главните предности е тоа што дури и луѓе кои се занимаваат со маркетинг, а не со програмирање, да можат лесно да управуваат со платформата.
„Една од клучните функции е автоматската продажба. Корисниците испраќаат фактура, а ние се грижиме за целиот процес кој следи потоа. Тоа ја поедноставува целата работа и токму поради тоа добиваме многу клиенти,“ додава Даниел.
Иако Толт во моментот бележи раст, тука секако се и предизвиците со кои тие се соочуваат на пазарот. Нивните најголемите конкуренти се глобални компании кои нудат слични услуги и автоматизирани процеси за продажба. Трката со овие конкуренти е предизвик, но Толт се обидува да придобие се поголем број на корисници поради своја едноставност и леснотијата на користење.

„Најголемиот проблем кој го гледаме во иднина е плаќањето, а потоа и барањето на партнери за маркетинг. Секако, ние работиме на тоа да ги поедноставиме овие процеси во иднина,“ раскажува Даниел.
Стартапот моментално работи и на новата верзија на софтверот, Толт 2.0, која ќе биде насочена кон поголеми клиенти и стабилизирање на софтверот за подобро скалирање. „Од нашите клиенти добиваме повратни информации за тоа што им треба и според тоа го надградуваме новиот софтвер,“ објаснува тој.
Иако растот на стартапот досега беше постигнат без некои поголеми инвестиции во маркетинг, односно преку користејќи социјални медиуми и SEO оптимизација за привлекување на клиенти, сега плановите за проширување вклучуваат и формирањет на тим за продажба.
“Некаде 90 посто од клиентите доаѓаат преку пребарување на Гугл, доста работевме на СЕО, со добри keywords, и целиот наш раст е органски,“ вели Даниел.
Прво стабилен продукт, а потоа инвестиции
Според Даниел, секогаш е подобро кога стартапот ќе го изоди потешкиот пат – односно наместо првично фокусирање на инвестиции, основачите треба примарно да имааат за цел да изградат еден функционален и стабилен продукт.
„Мојот совет е да се фокусирате на тоа да најдете клиенти и да почнете да заработувате. Инвеститорите ќе дојдат откако ќе видат дека имате стабилен производ и приход. Продуктот треба да биде добар, а ако е навистина потребен на клиентите, тие сами ќе доаѓаат кај вас,“ вели тој.
Во следните пет години, плановите кои ги има Толт се големи – компанијата има цел да достигне најмалку 10 милиони АРР (годишни повратни приходи) и да работи со поголеми стартапи и клиенти.

Нивната инспирација од македонскиот стартап екосистем? За Даниел, тоа дефинитивно се стартапи како HeyReach.
“Инспирација во Македонија ни се HeyReach, постигнаа одличен раст, успејаа да добијат и голема инвестиција, и сметаме дека ваквити приказни се доста мотивирачки за нас. Исто така, во поглед на стартап екосистемот во Македонија, мое мислење е дека тој може да се развива само преку соработка и споделување на искуства – односно можеби сега некој се соочува со проблеми што некој друг стартап претходно ги имал, па може да се пренесе искуството и сето тоа полесно да се реши,“ објаснува Даниел.
Иако макроекономската состојба во моментов не е најсјајна, особено во стартап светот, според Даниел, Толт е добро позициониран за да оствари успех на долг рок.
„Тешко е на пазарот во овој момент, но сметам ние го фативме вистинскиот тајминг. Има многу стартапи бараат партнерски програми, а ние сме тука да ги опслужиме токму нив,“ заклучува Даниел.







