Како што ќе имате прилика да дознаете во наредената недела-две, ние сме огромни фанови на Prince of Persia игрите. Bo 2003-та година, The Sands of Time апсолутно нѐ освои и, од тогаш-наваму, со огромно задоволство ги преигруваме бројните игри од овој серијал. Prince of Persia: The Lost Crown излезе во јануари 2024 година, но некако не успеавме да ја провериме оваа Metroidvania-инспирирана игра тогаш.
Со неодамна-излезеното DLC, Mask of Darkness решивме подлабоко да навлеземе во The Lost Crown и да видиме дали оваа игра го заслужува вашето внимание. По неколку дневно дружење со играта, можеме слободно да кажеме дека и покрај тоа што The Lost Crown влече сѐ што беше интересно во светото тројство (The Sands of Time, Warrior Within, и The Two Thrones), сепак успева да воведе огромна свежина во серијалот и да понуди експозивен наслов кој е достоен на Prince of Persia името.
Како се игра Prince of Persia: The Lost Crown?
Во Prince of Persia: The Lost Crown, воинот може да се движи десно или лево, делејќи го клучниот гејмплеј на два дела: платформа и борба.Благодарение на агилните движења на воинот, можете лесно да прескокнувате препреки и да се искачувате на тешко-достапни места. По краткото лизгање, можете да продолжите да трчате со забрзано темпо, вертикално да напредувате со скокање де на едната де на другата страна од ѕидот, како и да се нишате и скокате од бројни шипки. Се почитува историјата на овој серијал и се овозможуваат бројни паркор движења кои беа препознатливи во претходните игри, иако, изведбата е на поразличен начин и во дводимензионално руво.
За време на борбите, имате hack and slash лесни и тешки напади со мечот, тркалање, одскокнување, избегнување или блокирање напади. Доколку блокирате во последниот момент, го принудувате непријателот привремено да се дезориентира, давајќи ви одлична прилика за продолжување на агресивната кампања од напади. Во ситуации да ве напаѓаат стрелци, блокирањето ја враќа стрелата назат кон непријателот, давајќи ново значење на изреката: утепан со сопствен камен.
Патешествието на седумте бесмртни воини
Во поглед на приказната, особено ни се допаѓа тоа што во самиот старт не почнувате сами, туку сте придружувани од останати легендарни воини. Тука и таму, останатите воини често ќе се појавуваат на бојното поле, ќе фрлат досетка-две и индиректно ќе ви помогнат со битките. Како дел од групата бесмртни (immortals, анг. прев.), играте со воинот Саргон и имате за задача да го спасите киднапираниот принц, соочувајќи се, притоа, со најразлични други воини и мрачни суштества.
Мапите се осмислени со огромно внимание. Макотрпно поставените детали значително ја разубавуваат играта, оставајќи впечаток на посебна длабочина, и покрај тоа што обично се работи за дводимензионално управување. Како и други Metroidvania авантури, така и овде се охрабрува често навраќање на мапите преку користење на ново-отклучени способности и тазе-добиени споредни квестови. Но, за тоа подоцна!
Секоја мапа се одликува со уникатна доминација на одредени бои. Како еден пример за тоа е заканувачката црвена боја на почетокот на играта која, од една страна го означува зајдисонцето, а, од друга, ја симболизира крвавата битка која со секој момент одзема стотици животи. Бројните меѓу-секвенци се кратки, но одлично разработени, нудејќи впечатливо филмско искуство. Големи сме фанови на специјалните ситуации при блокирање каде камерата се приближува и Саргон го елиминира непријателот на визуелно-импресивен начин. Како напредувате низ играта, така отклучувате нови, често магични способности за поефикасно справување со непријателите или пак за полесни премини низ мапата.
Покрај одличниот дизајн на мапите, втората светла точка низ играта се бројните босови. Секој од нив се одликува со уникатни дефанзивни и офанзивни потези, често охрабрувајќи го учењето на движењата и соодветно прилагодување на нив.
Во одреден дел на битките, ќе можете да направите спектакулатна филмска одбрана каде преку кратка, но адреналинска меѓу-секвенца ќе допринесете до драстично менување на формата на борбата. Чисто за пример, првиот бос со кој ќе се сретнете е импозантен коњаник со копје. По одредено борење, доколку правилно ја темпирате одбраната, ќе можете да го фрлите воинот од коњот и да започнете поразличен танц од тркалање, напаѓање, одбивање или избегнување напади. The Lost Crown е прекрасна игра и, во моментот кога ќе ви „легнат“ механиките, вовлечени сте во виулица од паркор движења, флуидни битки и нарцисоидно чувство на најголемиот воин.
Значајни изгледи
На располагање имате неколку скинови кои значително го менуваат изгледот на Саргон.
Нема да лажеме, во моментот кога ги видовме изгледите на принцот од Sands of Time и Warrior Within, бевме преплавени од огромен носталгичен бран.
Фановите на тазе-излезената roguelike, The Rogue Prince of Persia, пријатно ќе бидат изненадени од изгледот на тој принц!
Песната на сечилата
Како Metroidvania инспирирана авантура, Prince of Persia: The Lost Crown знае да понуди огромен предизвик. Имено, лесно можете да умрете по неколку удари, а имате исклучително ограничувачки можности за обновување на здравјето. Поради тоа, принудени сте максимално да ги користите богатите можности на борбениот систем – да се тркалате, да избегнувате еден непријател додека напаѓате друг, да користите посебни моќи кон трет додека во последен момент одбивате удар на четврт непријател, и така се во недоглед.
Добрата страна во сево ова е тоа што низ мапите собирате најразлични валути и опрема. Ова ви помага да ја зголемите ефикасноста на вашите напади, да сте поотпорни на одредени елементи или пак почесто да се користат вашите способности. Не е ништо комплицирано, но знае да ви помогне полесно да се соочите со одредени пресметки.
Нема крај на флексибилноста на Саргон, особено кога се работи за лизгање под непријатели, нивно фрлање во воздух само за да се агресивно прилепат за земјата, како и користење еден вид улти од дефанзивен и офанзивен карактер. По одредено време, битките заземаат форма на хипнотизирачки танц од бои и блескави светла. Апсолутно никаква забелешка во поглед на гејмплејот – играта се одликува со респонзивни контроли и топло препорачуваме да поминете низ неа со контролер.
Како што сигурно забележавте од прочитаното, Prince of Persia: The Lost Crown се одликува со многу силни елементи, не само во поглед на битките, туку и во самата презентација. Од преубавиот дизајн на мапите, преку уникатната уметничка форма на непријателите, па сѐ до аниме-инспирирани моменти, играта ќе знае како да го држи вашето внимание низ триесет часовната кампања. Развојното студио Ubisoft Montpellier навистина се има надминато со овој наслов!
Кои се Ubisoft Montpellier?
Ubisoft Montpellier се француско студио. Основано во далечната 1994 година под името Ubi Pictures, студиото има работено на бројни наслови, но е најдобро познато по серијалот Rayman и Beyond Good & Evil. Низ годините, студиото има работено и на Peter Jackson’s King Kong, Advanced Warfighter и креативната From Dust. Моментно, студиото и понатаму продолжува да работи на Beyond Good and Evil 2!
Долго-посакувана реинкарнација
Со впечатливи биоми за истражување и препознатливи форми за импресивни премини од една кон друга точка, Prince of Persia: The Lost Crown е совршена игра која нуди предизвикувачка форма на интерактивна забава. Во ова помага и непоколебливото барање на непријателите да имате брзи рефлекси, да ги учите нивните шеми на движење / напади и соодветно да реагирате користејќи арсенал од движења и способности. Како шлаг на тортата, имате и бројни загатки каде се користи манипулација на времето.
Со популарноста на Assassin’s Creed серијалот, Prince of Persia долги години беше на животна поддршка, одржувајќи се со ветување за подобро утре во сенката на помладиот брат. Со излегувањето на Prince of Persia The Lost Crown, а потоа и со The Rogue Prince of Persia, овој серијал доживеа револуционерна ревитализација и лупа на голема врата како изгладнето и ненаситно животно. Доколку сте долго-годишни фанови на игрите со принцот, Prince of Persia The Lost Crown е наслов кој никако не би требало да ги заобиколите, дури и да не уживате во Metroidvania-инспириран концепт.
[…] за уникатната Noreya: The Gold Project, како и за феноменалната Prince of Persia: The Lost Crown! Во морето од квалитетни игри, на површината испливува […]
[…] Prince of Persia The Lost Crown е наслов кој никако не би требало да ги заобиколите, дури и да не уживате во Metroidvania-инспириран концепт. Прочитајте ја нашата рецензија тука! […]