Наместо промоција на кампањата Invest in Macedonia, македонските транспортери скоро една деценија го рекламираат приватниот Invest.com, сајт на кипарска компанија за тргување на валути, наместо владиниот InvestInMacedonia.gov.mk.
Почнувајќи од 2015-та година па сѐ до средината на 2017-та, налепниците Invest.com беа задолжителни за сите камиони, комбиња и автобуси кои се регистрираат во Македонија и потоа возеа ширум регионот и Европа.
Овој домен никогаш не бил во сопственост на некоја македонска институција, компанија или пак тогашната кампања Invest In Macedonia, која денес е активна како “Invest in North Macedonia”.
Доменот е сопственост на кипарската компанија PRODIGIT INVESTMENTS LTD, регистрирана од 2012-та година, а како директори во компанијата не се јавуваат никакви македонски граѓани според информациите од корпоративниот регистар на Кипар.
Дел од сомневањата на тогашните преставници на македонските транспортери беа дека се работи за “продажба на веб сајт и шема која требало да биде спроведена од пониските ешалони на тогашната власт“.
Меѓутоа, познавајќи ја државната подготвеност за дигитална трансформација и знаејќи дека најважниот владин сајт vlada.mk веќе 2 години си стои хакиран, тешко дека станува збор за шема и организирана манипулација. Поверојатно е дека станува збор за грешка во припремата и печатењето на налепниците, што дополнително е пропратено со децениско непреземање одговорност, ниту од транспортерите ниту пак од државата.
Испративме и мејл со барање за коментар до Агенцијата за странски инвестиции, до моментот на објава на овој текст не добивме одговор.
ДОБРА ИДЕЈА, ЛОША РЕАЛИЗАЦИЈА
Задолжителната обврска за промоција првпат беше објавена во Службен весник бр. 160 на 31-ви октомври 2014-та година, каде е прецизирано која порака и каде треба да се позиционираат налепниците на транспортните возила. Во службениот весник е наведен точниот домен InvestInMacedonia.com, заедно со димензиите на налепниците.
Задолжувањата произлегувале од Законот за превоз во патниот сообраќај. Во 2017-та со измени во законот оваа задолжителна обврска на превозниците.
Целта на кампањата според Владата било да преку самите налепници се испраќа порака за инвестирање во Македонија, односно се направи некаква герила маркетинг кампања за промоција на Агенцијата за странски инвестиции, државата и инвестициските можности.
Поголем дел од транспортерите и ден денес ги носат налепниците од Invest.com – домен кој дали поради нечија грешка и погрешна комуникација или пак некаков “генијален маркетиншки план“ заврши на македонските транспортери и истите го рекламираат низ државата и низ цела Европа.
Меѓу нив се и цистерни на најголемата македонска нафтена компанија Оилко.
Што точно се случи подоцна за да се дојде во доменот Invest.com, кој е сопственост на компанија од Кипар, остана нерешлива мистерија.
INVESTINMACEDONIA.COM ПРОМОВИРА ТАЈЛАНДСКО ОНЛАЈН КАЗИНО
Доменот InvestInMacedonia.com стана познат според многуте владини кампањи низ глобалните медиуми за промоција на земјата како одлична можност за странски инвестиции.
Меѓутоа, денеска ако го отворите доменот investinmacedonia.com на него ќе забележите сајт за тајландско онлајн казино, со што доменот очигледно не е повеќе во функција на Агенцијата за странски инвестиции, или пак ако е (поради приватни регистарски податоци не се знае сопственикот), доменот можеби е хакиран.
Агенцијата за странски инвестиции постои од 2005-та и го користеше доменот InvestInMacedonia.com, меѓутоа сега ги користи домените invest.gov.mk и investinnorthmacedonia.gov.mk.
Бидејќи доменот InvestInMacedonia.com со години градеше репутација (има домен авторитет од 47), а и истиот беше користен за официјални службени мејлови, очигледен е уште еден пропуст со тоа што доменот не редиректира до новите invest.gov.mk домени, туку е препуштен на тајланско казино.
Ден денеска, InvestInMacedonia.com се реферира уште на владини и медиумски сајтови, дури и сите мејлови на контакт листата на економски промотери на Стопанската комора се со доменот investinmacedonia.com, па дури и на приватни Twitter профили на поранешниот министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ.
Дури и да причината за напуштање на доменот е политиката наметната од Преспанскиот договор – со оглед на историјата на доменот редирект до новите сајтови би бил правилна употреба. А да, бонус: investinnorthmacedonia.com сѐ уште не е регистриран и стои за продажба.
Во прилог споделуваме неколку слики од камиони, цистерни и комбиња на кои е видлива рекламата за кипарскиот Invest.com, а упатуваме и апел:
Доколку забележите возило со Invest.com ширум македонските и странски патишта, испратете ни слики за да ја дополниме оваа колекција.