Бугарскиот стартап екосистем го доби својот прв еднорог – термин кој се користи во стартап и финансискиот свет за опишување на приватна стартап компанија која има проценета вредност поголема од 1 милијарда USD. Финтек стартапот Payhawk во Б-инвестициона рунда доби 100 милиони долари, а вредноста на компанијата беше проценета на над 1 милијарда долари. Во 2021 година компанијата имаше над 1.500 клиенти вклучувајќи ги компаниите како Telus, Nexo, Software Group и Scalefocus.
Со ова Payhawk е првиот стартап основан во Бугарија кој може да се нарече „еднорог“. Досега Payhawk успеа да собере инвестиции од вкупно 239,1 милиони долари. Во „Б“-инвестиционата рунда собраа 215 милиони долари со што ја надминаа романската компанија UiPath, па сега ова е најуспешна инвестиција во Б-рунда за Источна Европа. Во последната рунда во стартапот инвестираа Sprints Capital, QED Investors, Lightspeed Venture Partners, Jigsaw VC, HubSpot Ventures, Greenoaks Capital, Endeavor Catalyst и Earlybird Venture Capital.
Payhawk е основан во јули 2018 година од Бојко Краџов, Христо Борисов и Константин Џенгозов. Компанијата работи на B2B менаџмент на финансии. Платформата на финансиските оддели на компаниите им нуди единствена локација од која може да управуваат со финансиите за целиот циклус на трошење; од компаниските кредитни картички, до сметките и фактурите. Покрај кредитни картички, Payhawk нуди и менаџмент систем за платежните сервиси на клиентите. Ова треба на компаниите да им заштеди време, но и потенцијални грешки.

„Веруваме дека можеме да ја подобриме целата комуникација во компанијата и навистина да го промениме дури и позиционирањето на финансиските тимови во рамките на компанијата“, вели Христо Борисов, извршен директор и ко-основач на Payhawk.
Седиштето на компанијата е префрлено во Лондон, но развојниот тим на Payhawk, и речиси две третини од компанијата се во Бугарија. Наскоро Payhawk ќе го прошири софтверскиот тим во Софија со нови 60 софтверски инженери, а најавено е отворање на канцеларии во Амстердам, Парис и Њујорк.
Еднорози во регионот…
Бројот на стартапи во регионот кој добиле статус на „еднорози“ за жал не е голем. По неколку стартапи од Хрватска, Романија, Грција и сега Бугарија ја затвораат листата. На над 1 милијарда долари се проценети: романските UiPath и Elrond; грчките компании PeopleCert и Viva Wallet; хрватските, Infobip и Rimac Motors; и Payhawk од Бугарија.
Романскиот стартап UiPath кој работи на деловен софтвер, автоматика и роботика е највисоко проценета компанија од регионот. Технологијата која ја развиваат овозможува тренинг на роботи за автоматизирање на здодевните задачи кои би требало да ги извршуваат луѓе.
UiPath не само што е првиот романски еднорог, туку компанијата во 2021 беше проценета на над 35 милијарди долари.
Друга супер интересна компанија од регионот е хрватскиот производител на електрични возила Rimac Motors. Батериите и дел од технологијата го прават Rimac еден од најинтересните производители на возила во Европа. Компанијата е проценета на околу 6 милијарди долари, и за оваа година е најавено излегувањето на Rimac Motor на берза.







