Како една од земјите од регионот каде стартап екосистемот е сè уште во зародиш споредбено со поразвиените стартап екосистеми во Хрватска и во Србија за кои пишувавме изминативе недели, Албанија работи на создавање на силна и одржлива стартап заедница од која ќе произлеат голем број на технолошки стартапи.
Во земјата годишно дипломираат околу три илјади студенти на студии поврзани со ИКТ, но сепак на поголем број од нив се уште им недостасува претприемачко образование и искуство, нешто што преставува голем предизвик и за инсистуциите во земјата кои се бават со развојот на стартап заедницата.
Според Ергест Нако, експерт за дигитална трансформација и познавач на екосистем во земјата, низ 1990-тите години, албанските универзитети имаа многу теоретски пристап, направен врз основа на нивната поврзаност со источиот образовен систем.
“Како такви тие имаат развиено многу добри наставни програми за инженери и технички вештини. Во доцните 1990-ти и подоцна, универзитетот почна да гради пазарно ориентиран и практичен пристапот. Но и покрај тоа, сепак пазарот не нуди некаква голема привлечност за таленти, со што Албанија има еден од најголемите одлив на мозоци во регионот по 2010 година.“ вели Нако.
Пред 2013 година пак, екосистемот беше главно фокусиран на промовирање на технолошките мали и средни претпријатија со многу малку стартапи. Во 2013 година пак, за прв пат владата формираше Министерство за иновации, кое имаше за цел поттикнување на иновативни стартапи и создавање на брзорастечки екосистем. Во следните години, како дел од глобалното движење кон стартапи и иновации, екосистемот забележа голем број на иницијативи.
Во моментов во земјата има околу 400 технолошки стартапи, а повеќето од нив се соочуваат со заедничкиот проблем на пристапот до финансии. Во Албанија не е присутна мрежа на ангел инвеститори или VC фондови, со што стартапите имаат многу мал или речиси никаков пристап до финансии.
Развојот на ИТ академии како база за создавање на кадар
Како и во повеќето балкански земји, одливот на мозоци станува една од најголемите закани не само за албанските стартапи, туку и за малите и средните претпријатија во земјата.
Еден од начините за решавање на овој предизвик е развивањето на ИТ академии кои ќе им помогнат на младите програмери и девелопери во земјата да ги развијат своите вештини и подобро да се пласираат на маркетот. КОДО е една од тие иницијативи, а воедно и прв ваков тип на академија во Албанија.
„Веќе подолго време работиме и се обидуваме се да го изградиме и прошириме иновацискиот екосистем во Албанија преку неколку иницијативи за соработка. Нашето искуство како агенција за развој на софтвер ни даде увид за празнините што постојат на пазарот помеѓу побарувачката и понудата во програмирањето.“ објаснува Лорена Ѓана, еден од основачите на КОДО.
Според нејзе, КОДО е замислен како простор каде програмската заедница може да расте, да зајакне и да соработува.
“Наша цел е да изградиме центар за иновации кој не само што помага да се изгради индивидуалниот капацитет на програмерите, туку и да се поттикнат да соработуваат со релевантни ентитети во рамките на иновацискиот екосистем и да скокаат на регионалниот и меѓународниот пазар.“ додава Ѓана.
Првите модули на КОДО се насочени кон трите технологии кои во моментот се и најбарани на европскиот пазар – ReactJS, Node.js и Python, а според Ѓана, академијата исто така ќе има и програми кои ќе бидат приспособени кон останатите трендови од пазарите во земјата и регионот.
“КОДО ќе има за цел да изгради и приспособи програми за специфични барања кои би можеле да дојдат од пазарот и од регионалниот екосистем. Сметаме дека како регион имаме многу да научиме едни од други и со брзо темпо во развојниот сектор може да се постигнат големи работи ако ги здружиме нашите напори.“ објаснува Ѓана.
Иницијативи за трансформација на постоечки капацитети во центри за ИТ
Во главниот град Тирана пак, има уште една интересна иницијатива за трансформирање на веќепостоечките капаците во нови центри за ИТ – пришто најинтересен е примерот со “Пирамидата“ на Тирана.
Бетонската градба од 1980-тите години била дизајнирана во чест на долгогодишниот диктатор на Албанија, Енвер Хоџа, а сега властите се обидуваат да ја претворат во центар за дигитална технологија и центар за ИКТ.
На еден начин, новата фунција на “Пирамидата“ ќе ја отслика и транзицијата низ која помина Албанија по падот на комунизмот, при што развојот на ИТ и техничкото образование значат и фокус на нов и економски и социјален развој на албанското општество.
На почетокт на оваа година, екосистемот во земјата конечно доби и своја сопствена база на податоци, лансирана од страна на AlbaniaTech, националната платформа на албанскиот стартап екосистем.
Сето ова се очекува да му помогне на албанскиот екосистем да добие и меѓународна видливост, овозможувајќи пристап до инвеститори и партнери кои ќе можат да ги поддржат албанските стартап компнаии.