Дигитализацијата како нов бум за финансискиот сектор на Македонија

Како што светот станува сè повеќе поврзан преку дигитални платформи и технологии, финансиската индустрија е принудена да се прилагоди на променливите барања на потрошувачите, бизнисите и останатите играчи во секторот. Приказната не застанува само кај нив. 

Како што покажа и макотрпниот процес на издавање лични документи кои на граѓаните во земјава им се потребни за разните финансиски институции – дигитализацијата станува неопходност. 

Среде една ваква бавна трансформација пак, се поставува и прашањето за тоа колку клучните играчи во финансискиот сектор во Македонија се подготвени за она што следува.

Додека некои финансиски институции прифатија доста од предизвиците кои ги носи овој процес, други сѐ уште се борат да го задржат чекорот кој го наметнуваат разните технологии, како и несопирливиот развој на вештачката интелигенција.

Freepik

Така, ова несовпаѓање помеѓу финансиските субјекти се манифестира или како прогрес за едните, а стагнација за другите, што секако носи длабоки импликации за нивните бизниси.

Во овој контекст, иако има огромен интерес за дигитализацијата и ова е тема кај сите финансиски институции, истите значително стагнираат. Обидете се само да ажурирате лични податоци за правно лице и ќе видите колкав куп на репетитивни листови треба да пополните во било која од македонските банки.  

Потрошувачите исто така се засегнати од темпото со кое се прифаќаат иновациите во секторот – тука се младите генерациите кои особено ја ценат достапноста на дигиталните производи и бараат од банките брзо да се прилагодат и активно да се вклучат во дигиталната трансформација.

Според една од најстарите и најголеми банки во Македонија, Комерцијална банка, во последните две децении сведоци сме на појава на технологии кои целосно менуваат една индустрија, начинот на развој на производите и услугите, каналите преку кои се достапни и користењето на истите од страна на клиентите. 

“Денес физичките лица имаат можност за креирање електронска идентификација со користење на апликацијата OneID, која овозможува лесен, безбеден и брз пристап до повеќе банкарски производи и услуги, од кое било место во светот и во кое било време. Со тоа клиентите имаат можност за далечинско отворање сметка, аплицирање за дебитна картичка, ажурирање податоци, како и за активирање Интернет банка. Според динамиката на имплементација на овие новитети, може да се заклучи дека банките во Македонија претставуваат еден вид пионери во дигиталната трансформација на финансискиот систем,“ велат од Комерцијална банка за ИТ.мк

Развојот на овие технологии, пак, наложуваат и поголема агилност во имплементирање на новитетите, едукација на вработените кои ја креираат понудата на финансиски услуги, но и едукација на клиентите за придобивките од користење на дигиталните канали, производи и услуги. 

Комерцијална банка

“Покрај тоа, неопходно е воспоставување и адекватни процеси и системи за управување и минимизирање на ризиците во дигиталниот простор. Исто така, треба да ги имаме предвид и навиките на клиентите во нашата земја, но и рамките кои ги дозволува регулативата, а која исто така е во процес на прилагодување кон дигитализација.“ додаваат од Комерцијална банка. 

Во однос на регулатицата пак, од Народната банка на Македонија (НБРМ) посочуваат дека во последните неколку години се работи на неколку регулативи кои ќе послужат за развој на финтек (финансиски технологии) секторот, со цел индустријата полесно да може да соработува и со новите играчи на пазарот – финтек стартапите и компаниите кои работат со ваквите технологии.

Значителен напредок во поглед на регулативата се постигна со Законот за платежни услуги и платни системи, кој стапи на сила од почетокот на 2023 година. Една од најважните придобивки од ЗПУПС пред сѐ е отворањето на пазарот за нови даватели на платежни услуги и проширувањето на сетот платежни услуги кои се нудат на пазарот, па така, покрај банките, во улога на даватели на платежни услуги ќе се јават и штедилниците, платежните институции, институциите за издавање електронски пари, како и финтек секторот – давателите на услуги за иницирање на плаќањaта и давателите на услуги за информации за сметки,“ потенцираат од НБРМ.

Според нив, преку ова новиот закон создава услови за унапредување на иновациите, конкурентноста и ефикасноста во платежната сфера, како и имплементирање на концептот на т.н. „отворено банкарство“, којшто подразбира воспоставување на стандарди за отворена и сигурна комуникација помеѓу финтек секторот, клиентите и банките коишто треба да ги отворат и прилагодат своите банкарски системи. Овој е законот кој го отвара и теренот за влез на сервиси како Paypal и Stripe.

“Влегувањето на финтек секторот на пазарот нуди особени придобивки за клиентите кои ќе ги користат услугите на давателите на услуги за иницирање на плаќањата и давателите на услуги на информации за сметки. Во наредниот период, спроведувањето и на препораките од Финтек стратегијата за финансиските регулатори се очекува да има значително влијание во насока на натамошна поддршка за развој на финтек секторот,“ додаваат од НБРМ. 

Македонскиот стартап FinqUp, кој развива дигитални решенија за финансиската индустрија базирани на вештачката интелигенција, е еден од пионерите на финтек секторот во земјава. 

Според Диме Галапчев, основач и извршен директор на FinqUp, иако таа е во зародиш кога станува збор за домашниот финансиски сектор, вештачката интелегенција има потенцијал за да направи многу поголем ефект на долг рок.

“Земајќи во предвид дека ова е нова технологија, таа хипер-автоматизира и подобрува цел спектрум на процеси, од хуманоидни аватари за интеракција и подршка на клиенти, и нивно полесно пристапување, до мониторирање на измами и анализирање на цели пазари. Со други зборови вештачката интелегенција во светот и во Македонија веќе ги редефинира повеќето постоечки финансиски процеси,“ вели Галапчев. 

Но каква е самата волја на домашните финансиски институции за употребата на вакви дигитални продукти? За Галапчев, постојат неколку предизвици.

Диме Галапчев

Главниот предизвик верувам е комбинацијата на мал пазар, и недостатокот на финансиска писменост. Според мене единствен начин да смени ова е да се инвестира во локални партнерства помеѓу иновативни финтек компании и традиционални финансиски институиции,“ вели тој, додавајќи дека во последните неколку години Македонија постепено воведува регулаторни промени со цел да создаде поволна средина за дигитални иновации и усвојување на технологија во финансиската индустрија. 

Иако процесот може да биде побрз, се забележува значителен напредок во усогласувањето со европските стандарди, што претставува позитивен сигнал, како за домашните така и за странските инвеститори. Затоа е важно да започнеме со воведувањето на регулаторни “експриментални околини” (sandbox), кои ќе им овозможат на иновативните стартапи да креираат и тестираат нови технологии под надзорот на регулаторните органи,“ потенцира Галапчев. 

Покрај банките и финтек стартапите, друштвата за осигурување се уште еден дел од секторот кој се соочува со брзите промени кои ги носи дигитализацијата. Како што објаснува професорот Климе Попоски, претседател на Управниот одбор на Винер Осигурување, дигитализацијата има потенцијал силно да влијае врз речиси секоја индустрија, во секоја земја, вклучувајќи ја и осигурителната индустрија. 

“Брзи промени се случуваат низ сите процеси на синџирот на вредности на бизнис моделот на осигурување: од дизајн на продукти, преземање на ризици и одредување цени на производите, нивниот маркетинг и дистрибуција, до обработката на штети и управување со односите со клиентите. Примери за дигитализација се различни: мобилни уреди, интернет на нешта, телематика, “големи податоци (big data)”, машинско учење и вештачка интелигенција (AI), “chat-bots”, дистрибуирани технологии (DLT) како што се block chain и паметни договори, компаратори, роботи советници, бизнис-модели засновани на peer-to-peer и платформи,“ вели Попоски за ИТ.мк

Понатаму, употребата на податоци од извори како што се телематиката (модерна технологија која овозможува далечински пренос на податоци од подвижни или неподвижни објекти на други објекти или системи) и мобилни инструменти им овозможуваат на осигурителите да дизајнираат и одредат цени на производи врз основа на прецизни и точни информации за ризиците што ги преземаат, додава тој.

Freepik

“Развојот на вештачката интелигенција и машинско учење овозможува обезбедување на автоматски совети и полесно откривање на измами. Веб-страниците за споредување можат да им помогнат на потрошувачите со повеќе информации, ако се независни, како ќе изберат производ, и може да го олеснат разбирањето на производите. Новите технологии можат да ги забрзаат процесите, како што се управувањето со штетите, и може да доведат до поголема ефикасност што ќе ги намали вкупните трошоци,“ раскажува Попоски.

Сепак, додека дигитализацијата има потенцијал да им користи на потрошувачите, тоа предизвикува ризици што можат да влијаат на фер третманот на потрошувачите и притоа да бидат во спротивност на регулаторните барања за пазарното однесување на осигурителните субјекти и заштита на интересите на потрошувачите. 

“Постојат ризици од намален контакт лице-в-лице, недоволно разбирање од страна на потрошувачот за производот или услугата и за самиот давател на услуги, ризици во безбедноста и потенцијална злоупотреба на зголемените количини на податоци за потрошувачи и потенцијално исклучување за некои потрошувачи. Собирањето на податоци за осигурениците може да овозможи грануларна категоризација на ризиците која потенцијално може да влијае врз основниот принцип на кој се заснова осигурувањето а тоа е здружување на ризици и може да го доведе до прашање достапноста на одредени осигурителни производи, можеби дури и да доведе до исклучување,“ предупредува Попоски. 

Како резултат, додека некои дигитални решенија одат поспоро, доминацијата на странски осигурителни групации чии мајки компании се веќе во фаза на имплементација на дигитални решенија, надминување на одредени регулаторни бариери (на пример согласност од страна на МВР да се прифатат полиси за АО во електронска форма при обнова на регистрација на возила), креирање на Insurtech еко систем, како и спремноста за инвестирање во напредни технолошки решенија од страна на друштвата за осигурување и посредниците претставуваат движечки фактори, појаснува Попоски.

За пензиските фондови, пак, главниот предизвик кога станува збор за дигитализацијата е во разликата на генерациско и образовно ниво на корисниците на нивните услуги, како и во зголемувањето на довербата во дигиталните алатки. 

“Согласно нашиот менталитет ние пристапуваме со одредена резерва на секоја  промена, па на таков случај наидуваме и со дигитализацијата, особено кога станува збор за различни категории на осигуреници,“ велат од пензиското друштво Триглав.

Како што појаснуваат, додека младите очекуваат поголеми промени во насока на доближување до европските и светските практики, повозрасните корисницте сакаат полесно и поедноставно  функционирање на системот и да нема потреба од развивање и учење на нови вештини во доменот на дигитално дејствување. 

“Оттука имаме големи очекувања кај едните и загриженост кај другите, и како што спомнавме претходно, тоа е и најголемиот предизвик – да растеме, да се доближиме до одредени светски  стандарди, но притоа да ги задоволиме сите корисници,“ појаснуваат од Триглав.

За оние коишто ги предизвикуваат промените пак, како што е FinqUp, додека Македонија навистина е земја со еден млад стартап екосистем, предизиците за дигитализацијата на разните сектори истовремено стануваат и можности за нови успешни приказни. 

Диме Галапчев

“Колку и да е ова предизвик, исто така е и можност за нови успешни приказни, во финансискиот сектор и сите останати. Клучно за финтек стартапите е да продолжат да се фокусираат на иновациите, бидејќи подобрувањето на кој било аспект на финансискиот сектор може да има значајни позитивни ефекти врз останатите сектори. Создавањето на нови решенија кои ја зголемуваат достапноста, ги намалуваат трошоците и ја зголемуваат безбедноста на финансиските трансакции придонесува кон поинклузивен и динамичен финансиски екосистем во Македонија.“ заклучува Галапчев.

*Сторијата е направена во соработка со FinqUp

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments